Економија
„„Алкалоид AД“ со нови 144 вработувања во периодот од јануари до септември годинава
„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот од јануари до септември 2018 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран биланс на успех, велат од компанијата.
Според единечниот биланс на успех, во периодот од јануари до септември продажбите достигнуваат 5.517.737.841 денари, што е за 7 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.070.876.587 денари, бележи зголемување од околу 9%, единечната нето-добивка изнесува 611.467.420 денари и истата е зголемена за 8 %.
„Во периодот јануари до септември, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 7.216.850.652 денари, што е за 9 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 4 %, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 12 %. Од вкупните консолидирани продажби, 37 % се остварени на домашен пазар, додека 63 % се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34 %, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 6%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 % и на останатите пазари се остварени 2 % од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во Унгарија со продажби од 103.199.347 денари, што е 4,3 пати повеќе од лани, потоа во Полска со продажби од 37.782.977 денари, што претставува зголемување од 3,5 пати и Украина со продажби од 125.214.639 денари, што претставува зголемување од 2,2 пати споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Чешка раст од 149 %, САД раст од 86 %, Грузија, раст од 27 %, Србија раст од 25 %, Романија раст од 22 %, Косово раст од 21 %“, се наведува во соопштението на компанијата.
Од „Алкалоид АД“ додаваат дека гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 84 %. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 21%, кардиолошките препарати со 17 %, антибиотиците со 14 %, невролошките препарати заземаат 13 % од вкупните консолидирани продажби. Сегментот хемија, козметика и билкарство, велат од компанијата, учествува со 16 % во вкупните консолидирани продажби или поточно хемија учествува со 3 %, козметика со 10 % и билкарство учествува со 3 %.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 1.094.886.703 денари бележи раст од 7 %, додека консолидираната нето-добивка во износ од 587.392.889 денари е зголемена за 6 %, велат од „Алкалоид“ и додаваат дека вкупните инвестиции во основни средства во периодот од јануари до септември 2018 година изнесуваат 873.482.122 денари, што е претставува зголемување за 69 % во однос на истиот период од 2017 година.
Во периодот од јануари до септември 2018 година во „Алкалоид“ се реализирани и 144 нови вработувања во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска на форумот на Виенската иницијатива: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како претставничка на шесте централни банки од Западен Балкан во Одборот на „Виенската иницијатива“, учествуваше на Годишниот форум на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ), којшто оваа година се одржа во Вилнус, Литванија.
И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми. „Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 п.п., што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Притоа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите (просечен кредитен раст од околу 7%). Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5%, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред Големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11%, во просек.
Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, коишто се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови. „Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, коишто се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат. Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, коишто заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот“, истакна Ангеловска-Бежоска.
„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања.
Економија
Се намалува мазутот, цените на дизелот и бензините остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 % во однос на одлуката од 7.5.2024 година.
Од 10.5.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,609 (денари/килограм)
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,223 денар/кг и сега ќе изнесува 44,609 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,939 %, кај дизелот 1,523 %, кај екстра-лесното масло 1,341 % и кај „мазутот“ намалувањето е 3,608 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,015 %.
Економија
Одлуката за осигурување автомобили е еднострана и штетна за бизнис-секторот и економијата во државата, реагира Комората на северозападна Македонија
Стопанската комора на северозападна Македонија ја квалификува одлуката на Комисијата за осигурување автоодговорност како неодржлива за благосостојбата на бизнисот и стопанството.
„Многу бизниси мора да се потпрат на употребата на возила за извршување на своите активности, како што се транспорт на стоки, услуги или вработени. Повисоките цени на полисата за осигурување автомобили може да имаат пошироки макроекономски ефекти со намалување на довербата и трошењето на потрошувачите, кои се клучни двигатели на економскиот раст“, се истакнува во реакцијата на Комората.
Деловното опкружување, како што оценуваат, станува обесхрабрувачки за домашните компании, но и за странските инвестиции, оставајќи долгорочни последици, но и спротивно на законодавниот систем на ЕУ, кој сè уште му дозволува на Министерството за финансии да одлучува за премиите за осигурување автомобили, што е спротивно на acquis на ЕУ.
„Со оваа одлука на Комисијата за самоодговорност се ограничуваат одговорностите на другите релевантни фактори, како што се компаниите, со кои цените на самоодговорноста се целосно контролирани од државата“, потенцираат од Стопанската комора на северозападна Македонија.