Економија
Амчам собра 1.500.000 денари за општествено корисни проекти
Американската стопанска комора во Македонија – Амчам, бизнис-заедница на 130 од најголемите компании во земјава, организираше настан за собирање финансиски средства насловен како Социјална берза, каде што беа презентирани три социјално корисни проекти кои компаниите членки на комората имаа можност да ги поддржат.
Проектите таргетираа неколку целни групи: лица со попреченост кои ќе добијат обука и можност да работат во угостителскиот сектор; социјално загрозени лица од Преспа кои ќе научат како да одгледуваат органски производи и да се вклучат во социјално претприемништво, како и деца и млади кои ќе имаат можност да ја запознаат и засакаат природата преку извиднички активности.

Како дел од напорите да ја промовира корпоративната општествена одговорност и да им олесни на компаниите да инвестираат во заедниците во кои живеат и работат, Амчам објави повик за социјално корисни идеи на кој се пријавија 39 граѓански организации. Волонтери од Комитетот за општествена одговорност на Амчам, а воедно вработени во компаниите членки, спроведоа темелна анализа на предложените проекти и проверка на организациите и ги избраа трите најдобри и најефикасни општествено корисни иницијативи. Проектите беа претставени пред компаниите кои имаа можност да одлучат и да се изјаснат кои проекти ќе ги поддржат.

Настанот успешно ја постигна целта обезбедувајќи 1.500.000 денари, како и производи и услуги потребни за реализација на овие општествено корисни проекти, а во исто време ја подигна свеста за општествената одговорност на компаниите и придонесе кон формирање партнерства помеѓу приватниот и граѓанскиот сектор.

„Нашите членки покажаа дека се свесни, совесни и одговорни, и подготвени да инвестираат во создавање можности за сите. Привилегирани сме што сме комора во која членуваат компании кои се лидери во корпоративното донирање и кои добро ја разбираат својата улога во општеството. Се надевам ќе инспирираме повеќе вакви иницијативи кои ќе овозможат приватниот сектор да инвестира во решавање општествени проблеми”, изјави Дијана Десподов, извршна директорка на Американската стопанска комора во Македонија.

„Позитивните деловни резултати не се доволни за една компанија да се нарече успешна. Вистински успешни компании се оние кои одат понатаму, кои поставуваат повисоки стандарди на одговорно работење, кои им помааат на оние на кои помошта им е најпотребна и придонесуваат за просперитетот на целата заедницата. Определбата на Пиварница Скопје е да биде токму таква компанија, која гради силни и позитивни односи со заедницата и инвестира време и ресурси во поддршка на широк спектар на општествени области и иницијативи, како што е оваа на Американската стопанска комора, кон која со задоволство се приклучивме“, изјави генералниот директор на Пиварница Скопје, Дан Тимотин.
Амчам е општествено одговорна комора која обединува компании кои ја практикуваат културата на корпоративно давање. Во последните 10 години Амчам, заедно со членките на комората, континуирано се залага за интегрирање на општествено одговорните практики во секојдневните деловни операции на компаниите и за инвестирање во заедницата.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

