Економија
Гувернерката и министерката за финансии на средби со ММФ и Светската банка
Делегација предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и министерката за финансии, Нина Ангеловска, учествува на годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и групацијата на Светскатa банка (СБ) во Вашингтон, САД. Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на ММФ, СБ, Европската инвестициска банка (EИБ) и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), како и со претставници на други меѓународни финансиски организации и институции.
Како што соопшти Народната банка, закажани се одделни состаноци на делегацијата со директорот на ММФ за Европа, Пол Томсен, со извршниот директор на ММФ задолжен за Конституенцата, во која членува нашата земја, Антони де Ланој, и неговиот заменик Ричард Дорнбош, како и со вишата резидентна претставничка на ММФ за Западен Балкан, Штефани Ебле, и со шефицата на мисијата на ММФ за Република Северна Македонија, Берглјот Бјорнсон Баркбу. Се очекува дека на овие состаноци акцентот ќе биде ставен и на монетарната политика, економскиот развој и економските показатели што ги следи централната банка, како и на состојбите во банкарскиот сектор кај нас.
Постигнатите резултати од досегашната успешна соработка меѓу Народната банка и ММФ подетаљно ќе бидат анализирани на состаноците што гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе ги оствари со раководителите на неколку дирекции на оваа меѓународна организација, вклучително и дирекциите за статистика, за монетарни и капитални пазари и за фискални прашања. На нив ќе продолжат веќе почнатите дискусии во врска со можностите за поддршка од ММФ за дополнително унапредување на работата на Народната банка преку техничка и советодавна соработка во неколку сфери на централнобанкарското работење.
Предвидено е делегацијата да оствари состаноци и со потпретседателот на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Мулер, со регионалната директорка на СБ за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, како и со извршниот директор на СБ за Конституенцата, во која членува и нашава земја, Кун Дависе. На овие состаноци ќе се говори и за финансискиот и банкарскиот систем, како и воопшто за финансиската стабилност на нашата земја.
Гувернерката на Народната банка и министерката за финансии ќе остварат средби и со потпретседателката на ИФЦ за Латинска Америка, Карибите, Европа и Централна Азија, Георгина Бејкер, и со потпретседателот на ЕИБ, Андре Мекдовел. На средбата со Мекдовел се очекува дека ќе се дискутира и за остварувањето на зацртаното во меморандумот за соработка меѓу Народната банка и ЕИБ во спроведувањето на анкетата за кредитната активност за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, кој беше склучен во април годинава во рамките на пролетните средби на ММФ и СБ.
Како претставник на шесте земји од регионот, кои сѐ уште не се членки на Европската Унија, во рамките на средбите во Вашингтон, Ангеловска-Бежоска ќе учествува и на состанок на надзорниот одбор на Виенската иницијатива 2.
Годишните средби на ММФ и СБ се одржуваат секоја година и на нив учествуваат гувернерите на централните банки и министрите за финансии на земјите членки. Редовно, во дискусиите на средбите акцентот е ставен на актуелните случувања во светската економија и на важни теми, како што се поттикнувањето на економскиот раст, намалувањето на сиромаштијата и промовирањето одржлив и инклузивен економски развој за сите целни групи во општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.