Економија
Ангеловска-Бежоска и Бесими: Системскиот Закон за платежните услуги и платните системи стапува во сила на почетокот на следната година
Законот за платежните услуги и платните системи, чии одредби стапуваат во сила од 1 јануари 2023 година, беше една од темите на редовната координација помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и министерот за финансии, Фатмир Бесими, и нивните тимови. Новиот закон содржи одредби со кои ќе се поттикне влез на нови даватели на платежни услуги, што ќе придонесе за поширока понуда на поевтини платежни услуги за граѓаните и компаниите. Исто така, со законот се уредуваат и повеќе решенија за подобра заштита на потрошувачите преку поставување насоки и ограничувања за надоместоците за платежните услуги, како и поголема транспарентност, информираат од НБРМ.
На средбата било посочено дека во следниот период институциите ќе се заземат за информирање на граѓаните и на фирмите за новините што ги предвидува овој системски закон. Меѓу нив е и воведувањето платежна сметка со основни функции преку која граѓаните ќе може да извршуваат платежни трансакции за намирување на своите вообичаени обврски или трансфер на парични средства на друго лице. За извршувањето на овие трансакции, граѓаните ќе плаќаат разумна висина на надоместоци, не повисоки од 0,1 % од просечната исплатена нето-плата во земјата во претходните дванаесет месеци (или околу 30 денари), во кои ќе биде вклучено месечното одржување на сметката и најмалку пет платежни трансакции месечно кон примач кај истата банка. Платежната сметка со основни функции ќе биде без надоместок за корисниците од ранливите категории.
Со Законот за платежните услуги и платните системи се предвидуваат и повеќе други механизми за заштита на потрошувачите поврзани со надоместоците, како склучување унифицирани рамковни договори и предвидени видови надоместоци, ограничување на заменските надоместоци за плаќање со картички, поголема транспарентност и споредливост на надоместоците за услуги поврзани со платежната сметка. Исто така, во областа на платежните услуги би се вклучиле нови даватели на платежни услуги, што би придонесло за намалување на цените за услугите.
На средбата биле опфатени и тековната економска состојба и економските движења во меѓународното опкружување и кај нас. Било истакнато дека задржувањето на макроекономска стабилност е приоритет за двете институции и дека се продолжува со координацијата и будното следење на состојбите и со носењето соодветни политики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

