Економија
Ангеловска-Бежоска: Оцената на ММФ е дека Народната банка е добар пример за транспарентност и отчетност во примената на Кодексот за транспарентност на ММФ
На покана на Регионалниот центар за техничка помош на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска одржа предавање на „Форумот за примена на Кодексот за транспарентност на ММФ“, на кој ги сподели позитивните искуства на Народната банка во примената на најновите и највисоките меѓународни стандарди и најдобрите практики за транспарентност и отчетност на централните банки. На Форумот, Народната банка беше посочена како пример за земјите од регионот, којашто помеѓу првите зеде учество во пилот-проектот за оцена на транспарентноста во однос на новиот Кодекс за транспарентност на ММФ.
ММФ во својот Извештај за оцената на транспарентноста заклучува дека Народната банка применува високо ниво на транспарентност, коешто е значително зајакнато во изминативе неколку кризни години, овозможувајќи успешно одржување на макроекономската стабилност.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека транспарентноста и отчетноста на централните банки е нагласена по глобалната финансиска криза, а особено во последните неколку години кога се соочивме со неколку последователни кризи. Во такви околности на зголемена економска неизвесност и финансиски стрес, се истакнува потребата централните банки појасно и позачестено да бидат присутни во јавноста со појаснување на економските движења, како и со комуницирање за причините и претпоставките за донесените монетарни одлуки. Народната банка го следи овој тренд, при што уште од 2021 година транспарентноста и отчетот кон јавноста се издвоени како една од целите во Стратегискиот план на Народната банка, за што тимот на централната банка напорно работи градејќи модерна, општествено одговорна и транспарентна институција. Постојаното подобрување на транспарентноста ги зголеми довербата и кредибилитетот на институцијата кај јавноста, што беше заклучено и во Извештајот на ММФ.
„Имајќи ги предвид согледувањата на ММФ, Народната банка во изминатиот период ја зголеми достапноста на податоците за спроведувањето на основните активности, а дополнително ја збогативме и нашата комуникација со јавноста, при што бројот на соопштенијата, преку кои на поедноставен јазик се доставуваат пораките од Народната банка, се зголеми за 25%, а јавните настапи на раководниот тим се зголемија за 40%. Народната банка придонесува и кон подигнувањето на нивото на финансиската писменост преку постојано одржување обуки и други активности, зајакнувајќи ја двонасочната комуникација со граѓаните и институциите“, порача гувернерката во своето обраќање. Притоа таа нагласи дека довербата од јавноста беше клучна за одржувањето стабилни инфлациски очекувања, стабилен курс на денарот и за задржување на макроекономската стабилност во изминатиот период.
Ова е потврдено и со Анкетата спроведена од Светската банка, според која Народната банка е институција којашто ужива најголема доверба во рамките на домашните институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот силно паѓа
Биткоинот денес падна на најниско ниво за повеќе од шест месеци, бидејќи инвеститорите ја намалуваат изложеноста на ризични средства поради неизвесноста околу следниот потег на Федералните резерви на САД. Водечката криптовалута во светот падна на 86.325,81 долари, што е најниската вредност од 21 април. Цената подоцна се стабилизираше на околу 86.690 долари.
XRP падна за 2,3%, додека етерот изгуби повеќе од 3% од својата вредност и се тргува далеку под нивото од 3.000 долари.
Во исто време, главните индекси на Волстрит забележаа падови, откако почетниот ентузијазам предизвикан од импресивните резултати на технолошкиот гигант Nvidia брзо исчезна.
Веројатноста дека биткоинот ќе ја заврши годината под 90.000 долари се зголеми на 50%, според податоците од платформата за опции Derive.xyz, бидејќи трговците сè повеќе се заштитуваат од понатамошни падови, објавува „Ројтерс“.
Биткоинот е во опаѓачка траекторија од почетокот на октомври, кога достигна рекордно високо ниво од 126.223,18 долари. Изгуби повеќе од 7% од својата вредност од почетокот на годината и е на пат да го забележи својот прв годишен пад од 2022 година.
Една од главните причини за падот на биткоинот е попретпазливиот став на неколку претставници на Федералните резерви на САД, кои предупредуваат на сè уште превисока инфлација во САД и советуваат воздржаност во понатамошните намалувања на каматните стапки. Ова ги намали пазарните очекувања и изврши притисок врз биткоинот и другите ризични средства како што се акциите.
Економија
Бислимоски – Сјаојен: Енергетската транзиција е приоритет број еден
Над 55 % од расположливите енергетски капацитети во државава се од обновливи извори и определбата на земјава е јасна дека енергетската транзиција е приоритет број еден – е пораката што претседателот Марко Бислимоски и членовите на РКЕ ја истакнаа на средбата со амбасадорката на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Соговорниците ги споделија искуствата во секторот, истакнувајќи дека полето на соработка може да се прошири, ако се земе во предвид дека материјали со кинеско производство се повеќе се употребуваат при реализација на значаен дел на инвестициите во енергетиката.
„Инвеститорите се добредојдени во земјава, но соработката мора да биде базирана на законските прописи кои се синхронизирани со европските правила што подразбираат јавни и транспарентни тендерски постапки “ посочи Бислимоски.
На средбата се разговараше и за тоа како новите технологии – паметните мрежи, батериите за складирање на електрична енергија, можат да придонесат за побрза енергетска транзиција
Економија
Минималните семејни трошоци во ноември 65.173 денари, со изнајмен стан надминуваат 80 илјади
Минималните месечни трошоци што едно четиричлено семејство ги има во ноември достигнуваат 65.173 денари, додека доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните потребни средства се искачуваат на 80.548 денари.
За храна и пијалоци се издвојуваат 23.534 денари, додека 6.130 денари се потребни за режиски трошоци, соопшти Сојузот на синдикатите, кој ја изработува синдикалната минимална кошница.
Во однос на минатиот месец, кога за покривање на основните трошоци биле потребни 65.544 денари, сега е забележано намалување од 371 денар.

