Економија
Ангеловска-Бежоска – Палминтери: Народната банка цврсто чекори кон Европскиот систем на централни банки

Народната банка постојано работи на усвојување на најдобрите европски практики и стандарди со што сѐ повеќе се приближува до Европскиот систем на централни банки. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на Република Италија во земјава, Паоло Палминтери.
Во оваа смисла беше нагласено значењето на поднесеното барање за членство на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Амбасадорот Палминтери ја изрази својата поддршка за заложбите на Народната банка во овој процес. Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека имајќи го предвид високиот степен на усогласеност на правната рамка, се очекува позитивна оцена што ќе овозможи скорешно пристапување на нашата земја во СЕПА.
На средбата, стана збор и за системот за инстант плаќања којшто централната банка на Италија го развива за земјите од Западен Балкан, по одлука на Европската централна банка (ЕЦБ) како клон на системот ТИПС со кој таа управува. Системот ќе овозможи инстант извршување на домашните плаќања во текот на кое било време од денот во текот на годината во секоја од земјите, како и на нивните меѓусебни плаќања и на плаќањата со земјите од ЕУ. Поставувањето платежна инфраструктура за инстант плаќања во земјите од регионот по стандардите и правилата на системот на ЕЦБ претставува историски исчекор за развојот на регионот и негова интеграција на единствениот европски пазар и пред земјите да обезбедат полноправно членство во ЕУ, се согласија гувернерката и амбасадорот.
Се разговараше и за билатералната соработка на нашата со централната банка на Италија, во рамките на втората фаза од Регионалната програма за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан, финансирана од Европската Унија. Оваа соработка ќе придонесе кон унапредување на стандардите и примената на најдобрите практики во Народната банка, преку споделување искуства и експертиза од страна на Банката на Италија.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и амбасадорот Палминтери ја потврдија својата заложба за понатамошно јакнење и продлабочување на соработката, заради унапредување на финансиската стабилност и натамошна интеграција на финансискиот систем со европскиот финансиски систем, особено во платежната сфера.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Две милијарди евра инвестиции во железничкиот сообраќај, брза пруга Табановце-Гевгелија

Се надзираат контурите за почеток на најголемиот инфраструктурен проект во регионот. Формирање на координативното тело во вторник и започнување на постапка за обезбедување на финансиски средства за реализација на проектот брза пруга, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Проектот брза пруга Табановце-Гевгелија ќе чини од 1,7 до 2 милијарди евра и ќе биде најголем поединечен проект во Македонија.
Новата брза пруга ќе биде со нови возови, локомотиви и целосно модернизирана и реконструирани железнички станица во Скопје и реконструирани станици низ Македонија.
Со брзата пруга предвидено е патнички сообраќај да биде до 160 км на час, а товарниот сообраќај до 120 км на час. Граѓаните ќе можат да патуваат за час и пол до Солун, 4 до 5 часа до Виена.
Со поддршка и следење на британските и европските стандарди овој проект е од големо значење и ќе ја подобри безбедноста во железничкиот сообраќај.
Брз и ефикасен железнички сообраќај од граница на Србија до граница на Грција. Делницата Табановце – Гевгелија ќе се скрати од 235 км што е моментално, влез излез од државата, се планира да биде 200 и под 200 км. Целта е да имаме брза пруга и брз транспорт.
Македонија конечно ќе почне да ја користи добрата местоположба и ќе се впише на мапата на карго Европа. Карго транспортот се предвидува да донесе од 100 – 120 милиони годишен приход од товарниот сообраќај.
Со развојот на железничката и патната инфраструктура се создаваат можности за поврзување, за подобар и поквалитетен живот на граѓаните“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Kланот Заеви и Филипче преку шема на фирми препродавале јаглен на ЕСМ трипати поскапо и профитирале

Во време на ковид пандемија и енергетска криза Заев и Филипче се богателе врз грбот на граѓаните кои плаќаа драстично повисоки сметки за струја, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче трет ден молчи за испумпувањето на десетици милиони евра од ЕСМ од страна на Вице Заев и фирми кои водат лично до него.
Вице Заев, Зоран Заев и Венко Филипче се директно виновни што струјата во нивно време се покачи за над 50%.
Фирми блиски до Заев и Филипче препродавале јаглен на ЕСМ за три пати поскапо од набавеното.
Зоран Заев, Вице Заев и Венко Филипче, за да можат да се богатат врз грбот на граѓаните креирале мрежа на фирми и посредници за ископ, транспорт и продажба на јаглен од Грција на ЕСМ.
Грчкиот јаглен горел во Македонија а профитот завршил кај Вице Заев во Бугарија.
Јагленот кој од Грција се продавал кон мрежата на фирми за 30 евра бил препродаван во Македонија на ЕСМ по цена и до 82.5 евра.
Додека кланот Заеви продавале скап јаглен на ЕСМ, Филипче уживал во придобивките на милионските бизниси.
Одговорност за овој милионски скандал мора да има, а ЈО да отвори истрага“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Повеќе од половина од самовработените во ЕУ работат и по пензионирање

Во Европската унија, 56,4 отсто од самовработените лица во текот на 2023 година продолжиле да работат дури и по добивањето на првата пензија, објави денеска Евростат.
Канцеларијата на ЕУ задолжена за статистика наведува дека меѓу земјите-членки на Европската унија, процентот на самовработени пензионери кои продолжиле да работат или повторно се вклучиле на пазарот на трудот бил највисок во Шведска (98,4 отсто), Финска (88) и Ирска (87,7).
Од друга страна, најниско учество имало во Шпанија (18,2 отсто), Грција (20,3) и Словенија (40,4).
Повеќе од половина (57 отсто) од вработените пензионери во ЕУ работеле со скратено работно време.
Оваа стапка е значително повисока отколку кај вработените кои не се пензионери (16,2 отсто).