Економија
Ангеловска-Бежоска: Пандемијата ќе влијае врз натамошното обликувањето на улогата на централните банки
На панел-дискусијата на „Еуромани“ на која учествуваа гувернери од регионот на Централна и Југоисточна Европа, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, истакна дека во изминатата декада значително се зголемени одговорноста и задачите на централните банки, а пандемијата веројатно ќе предизвика и натамошни промени.
Надлежните објаснуваат дека по глобалната финансиска криза, покрај традиционалниот мандат на централните банки за ценовната стабилност, активностите беа главно насочени и кон одржување на финансиската стабилност. Покрај тоа, централните банки ги проширија своите задолженија и со активности во доменот на заштитата на потрошувачите, финансиската едукација, финансиската инклузија, олеснувањето на процесот на финансиски иновации ‒ финтек-услуги, како и на зелената агенда поради влијанието на климатските промени на финансиската и ценовната стабилност. Следејќи ги овие трендови, и Народната банка во изминатиов период презеде бројни активности, а дел од нив се предвидени како посебни стратегиски цели во рамките на среднорочниот стратегиски план на Народната банка.
Пандемијата, велат од НБРМ, несомнено ќе влијае врз натамошното обликувањето на улогата на централните банки. Во овој контекст, особено треба да се имаат предвид глобализацијата, дигитализацијата, како и другите структурни промени кај понудата и побарувачката, како резултат на корона-кризата. Структурните промени влијаат врз економијата и врз начинот на формирање на цените, а со тоа и врз начинот на спроведување на монетарната политика. Оттаму, за да ја остварат својата основна цел ‒ задржување на ценовната стабилност, централните банки во иднина ќе треба да ги земат предвид овие фактори во планирањето и спроведувањето на монетарната политика.
„Кога зборуваме за преосмислување на улогата на централните банки во постпандемичниот период, треба да се земат предвид три фактори. Прво, постои неизвесност во однос на приспособувањето на побарувачката и понудата на среден рок и сега, повеќе од кога било, се бара од централните банки да ги следат изворите и структурните фактори коишто влијаат врз цените за да можат правилно и навремено да преземат мерки коишто ќе овозможат одржување на ценовната стабилност. Второ, несигурноста којашто ја предизвикува корона-кризата за процесот на финансиска глобализација и меѓународната трговија, при намалување на вкупната размена на стоки и услуги заради кризата, може да биде предизвик, особено за малите и трговски отворени економии. Затоа, ова бара внимателност од носителите на монетарната политика за влијанието на овој процес врз нивните економии и цели на монетарната политика. Трето, трендот на дигитализација, којшто беше значително засилен со кризата, може да има влијание врз продуктивноста, плаќањата, моделите на потрошувачка, како и начинот на мерење на цените, што исто така упатува на потреба од постојано следење и вклучување во анализите коишто ги спроведуваат централните банки“, посочи гувернерката.
Форумот на „Еуромани“ важи за еден од најпрестижните настани од ваков формат во регионот на Централна и Источна Европа, којшто овозможува поврзување на економистите заинтересирани за регионот на ЦИЕ. Овој пат, настанот беше организиран во вид на виртуелна платформа за дискусија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За мерката Самовработување се издвоени 2,5 милијарди денари, кажа Мицкоски
Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
„Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите“, рече Мицкоски.
„До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО“, нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
„Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
„Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите“, објасни Мицкоски.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.
Економија
Со цена повисока од претходната до „ЕВН Хоме“ стасала само понудата на ЕСМ за набавка на струја
ЕВН Хоме соопшти дека на тендерот за набавка на струја за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-декември 2026 добиле само една понуда и тоа од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини.
„Оваа цена е повисока за 4,84 % од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“.

