Економија
Ангеловска-Бежоска: Силна финансиска регулатива за натамошно јакнење на финансиската стабилност
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како претставник на шесте земји од Западен Балкан во Одборот на Виенската иницијатива, учествуваше на две панел-дискусии во рамките на Годишната конференција на Виенската иницијатива, којашто се одржа во Хрватска.
„Со оглед на недоволната развиеност на пазарите на капитал во регионот на Западен Балкан, банкарските системи се главниот надворешен извор на финансирање на корпоративниот сектор. Оттаму, солидната кредитна поддршка во текот на пандемијата им помогна на претпријатијата полесно да се справат со ликвидносниот шок со кој се соочија. За да се продолжи со кредитната поддршка на компаниите, што е особено важно кога се намалува фискалната поддршка, неопходно е одржување на капиталните и ликвидносните капацитети на банкарските системи“. Ова го истакна гувернерката на првата панел-дискусија посветена на предизвиците на банкарскиот систем, којашто ја водеше Франсис Малиг, директор за финансиски систем на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Таа истакна дека за натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, заедно со Министерството за финансии, ќе се продолжи со зајакнувањето на домашната регулатива и нејзиното натамошно усогласување со европската. За таа цел е подготвен и новиот Закон за финансиска стабилност, а се работи и на нов Закон за решавање банки и нов Закон за банките.
На втората панел-дискусија, којашто ја водеше потпретседателот на ЕБОР, Марк Боуман, којашто беше посветена на предизвиците на монетарните политики во регионот на ЦЕИ, гувернерката истакна дека една од лекциите научени од глобалната економска криза е дека не треба да има прерано повлекување на поддршката за реалниот сектор, бидејќи може да го забави процесот на закрепнување на економијата. Таа истакна дека политиката којашто ќе ја води Народната банка во претстојниот период ќе биде насочена кон поддршка на економскиот раст, имајќи го предвид солидното ниво на девизните резерви и инфлациските движења.
„Сепак, просторот за реакција на макроекономските политики не е неограничен и оттаму, неопходно е да им се посвети поголемо внимание на структурните политики, коишто се клучни за зголемување на долгорочниот потенцијал за економски раст“, посочи Ангеловска-Бежоска.
На овој форум од висок профил учествуваат гувернери на централни банки и први луѓе на регулаторни тела, претставници на Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Светска банка, како и претставници на најголемите банкарски групации. Виенската иницијатива, инаку, е рамка за задржување на финансиската стабилност на земјите во развој во Европа, формирана како одговор на Светската финансиска криза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

