Економија
Ангеловска-Бежоска: Сите одлуки треба да се темелат на квалитетни статистички податоци
Квалитетните статистички податоци се основа за носење издржани одлуки и политики, особено во време на голема неизвесност, како што е онаа предизвикана од пандемијата. Сите одлуки поврзани со монетарната политика, финансиската стабилност или супервизорските активности се засноваат на обемно портфолио статистички податоци. Оттаму, постојаните напори за стандардизација, подобрување на квалитетот и обемот на статистичките податоци се од исклучително значење, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на настанот организиран од Државниот завод за статистика, во соработка со Шведската статистика, по повод почетокот на твининг-проектот „Зголемена достапност и употреба на официјалната статистика во Република Северна Македонија“. Со овој настан, меѓу другото, се одбележа и Денот на европската статистика, којшто секоја година се одржува на 20 октомври.
Како што истакна Ангеловска-Бежоска, пандемијата наметна предизвици за статистичкиот систем во глобални рамки, создавајќи ризици во однос на континуитетот и навременоста на подготовка на постојните статистички податоци, но истовремено создаде потреба и за нови, дополнителни податоци и информации за навремена оцена на состојбите во економијата.
„За време на корона-кризата, заради брза реакција и одговор на зголемените ризици, моравме да ги приспособиме и да ги искористиме сите информации што ни беа на располагање. За таа цел, ги комбиниравме официјалните статистички податоци со подетални податоци од различни извори, како што се на пример административните, податоците од анкетните истражувања, извештаите за регулативата. Заради внимателно следење на ризиците и оцена на состојбата во економијата, започнавме со следење на алтернативните високофреквентни податоци, а воведовме и нови видови известувања поврзани со мерките за олеснување на регулативниот товар за банките, воведени како одговор на кризата ‒ посочи гувернерката.
Како што истакна таа Народната банка, како дел од статистичкиот систем постојано вложува напори за подобрување на квалитетот, квантитетот и објавувањето на статистичките податоци коишто ги изготвува.
„На крајот на 2019 година, воспоставивме платформа за статистичка дисеминација, НБСтат, којашто на пошироката јавност, истражувачите, новинарите и носителите на политики, им овозможува да ги преземат статистичките податоци во онаа форма којашто најмногу им одговара на потребите. Оттогаш, постојано вложуваме напори за воспоставување поприемчива комуникација со јавноста ‒ преку подобра визуализација, соодветна содржина и поедноставен јазик. Во моментот, Народната банка спроведува е-анкета за подобар увид во тоа колку се задоволни корисниците со нашите статистички податоци и кон што треба да ги насочиме нашите идни напори“ ‒ посочи гувернерката.
На настанот учествуваа претставници од Секретаријатот за европски прашања, амбасадорката на Шведска во земјава Кристин Форсгрен Бенгстон и директорите на шведскиот и македонскиот завод за статистика, Јоаким Стимне и Апостол Симовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

