Економија
Ангеловска: Граѓаните можат да добијат до 20.830 евра субвенција преку „Купи куќа, купи стан“
„Граѓаните можат да добијат и до 20.830 евра субвенција преку проектот „Купи куќа, купи стан“. Со новите модели, проектот ги таргетира и младите и повозрасните граѓани, и оние кои се во брак и оние кои не се. Сите граѓани кои сакаат да аплицираат за проектот можат на едно место да се информираат и од Министерството за финансии и од банките и од градежните компани на саемот „Купи куќа,купи стан“ кој се одржува до недела во Скопје Сити Мол“, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска посетувајќи ги изложувачите на саемот.
„Секој заслужува да има сопствен дом, а преку проектот „Купи куќа, купи стан“ и субвенционирање на станбениот кредит, државата дава поддршка тогаш кога е најпотребно – на почетокот.„Купи куќа, купи стан“ од годинава има значително подобри услови, кои сакавме да им ги претставиме на граѓаните.Најважно, намалена е каматната стапка на проектот на 2,9% за првите три години и на 3,9% за четвртата и петтата година. Ова се меѓу најповолните услови во моментот на пазарот. Само по овој основ граѓаните заштедуваат 1.300 евра на камати. Концептот е разработен со повеќе модели за купување на стан или куќа, за млади, но и за повозрасни граѓани, за да навистина има широк опфат и да ги таргетира сите оние граѓани на кои навистина им е потребна поддршка за да дојдат до сопствен дом“,рече Ангеловска.
Од Македонската банкарска асоцијација, од каде 8 банки-членки се дел од проектот „Купи куќа, купи стан“ истакнаа дека ги поздравуваат новите услови за проектот и новите каматни стапки, кои заедно со субвенциите од државата го прават проектот атрактивен.
„На пример, кај новиот модел „Купи стан за млади“ за клиенти со возраст до 35 години со новите каматни стапки и субвенција од 70% од ратата за првите 5 години што ја дава државата за станбен кредит од 50.000 евра со рок на отплата од 30 години, бенефитот за клиентот на кракј на периодот на отплатата е како да земал станбен кредит со 0,5% фиксна каматна стапка за првите 5 години. Во оваа ера кога милениумците копнеат по самостојност и независност ова е извонредна можност за исполнување на нивната желба“, рече Милена Перчинкова, извршен секретар на Македонската банкарска асоцијација.
Од Градежната комора при сојузот на Стопански комори нагласија дека го поддржуваат проектот уште од самиот почеток и дека овој проект е поддршка за градежништвото.
„Од почеток на проектот Комората го поддржува и учествува во работењето на проектот. На барање на Градежната комора кое беше адресирано до Министерството за финансии со цел да продолжи повластаената стапка за ДДВ за нови станови наидовме на разбирање од страна на Министерството за финансии и Владата и продолжен е до 31 декември до 2023. Тоа е една од поволностите која ги интересира граѓаните“, рече Ивица Јакимовски претседател на Градежната комора при Сојуз на стопански комори.
Проектот „Купи куќа, купи стан“ предвидува повеќе нови модели кои имаат поволни услови за младите до 35 години, но и за граѓаните со возраст над 35 години. Преку моделот „Купи стан за млади“ за граѓани до 35 години, државата субвенционира 70% од месечната рата од кредитот во рок од 5 години или 70% од учеството, а субвенцијата која може да се добие преку овој модел е и до 12.000 евра. За младите има и модел „Купи куќа за млади“ каде се субвенционира 100% од учеството за кредит или 11 години се субвенционира ратата и тоа 60% првите три години, 50% следните пет години и 40% следните три години. Максималната субвенција која може да се добие преку овој модел е 20.830 евра, која е и најголемата субвенција која се нуди преку овој проект.
За граѓаните над 35 години има модели како „Купи куќа за над 35 години“ каде државата субвенционира 80% за учеството за куќа, или 80% од ратата во првите 5 години. Максималната субвенција која може да се добие преку овој модел е 13.600 евра.Има модели и со кои се поддржува надградба или доградба на куќа. Концептот е разработен, за да навистина има широк опфат и да ги таргетира сите оние граѓани на кои навистина им е потребна поддршка за да дојдат до сопствен дом.
Уште една новина е дека за секое новородено или посвоено дете во првите десет години од користење на кредитот се предвидува дополнителна едногодишна субвенција од 30% од ратата. Оваа мерка е во насока на поттикнување на наталитетот во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

