Економија
Ангеловска на средба со вториот човек на ММФ: Преку дигитализација на институциите ќе се сузбива сивата економија

Преку мерки за дигитализација на институциите од фискалниот сектор, Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, може значително да се влијае врз намалувањето на сивата економија. Истовремено користејќи ја технологијата ќе се преземаат и понатамошни мерки за подобрување на фискалната транспарентност, како предуслов за фискална ефикасност. Ова се дел од темите кои беа дискустирани на средбата помеѓу министерката за финансии, Нина Ангеловска, и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, со заменик-директорот на Меѓународниот монетарен фонд, Тао Жанг, кој се одржа во Скопје, а на кој присуствуваше и шефицата на Канцеларијата на Фондот во Виена, Штефани Ебле.
На средбата беа поздравени напорите кои земјата ги прави во покачувањето на фискалната транспарентност, како платформата „Отворени финансии“, која беше пуштена вчера и со која на јавноста ѝ се ставаат на увид сите исплати од трезорот на државата. Исто така, беше изразена поддршка за идеите и мерките во насока на намалување на сивата економија.
Од страна на високите претставници на Меѓународниот монетарен фонд беше истакнато дека Фондот и Република Северна Македонија имаат партнерски однос и дека и тие се отворени и за добивање, а не само за давање препораки и сугестии.
Меѓународниот монетарен фонд во завршната изјава од неодамнешната редовна мисија во земјава посочи дека преку реформите за сузбивање на сивата економија ќе се помогне во подобрување на деловната клима во земјата и ќе се заштитат работниците, а исто така ќе имаат и потенцијално големи придобивки во смисла на приходи. Фондот посочи дека неформалната економија е штетна поради соочување на легалните бизниси со нелојална конкуренција, која не плаќа даноци или не е усогласена со регулативите, додека работниците во неформалниот сектор се лишени од работничките права, а јавните ресурси се намалени.
Согласно последните оценки на ММФ, можностите за раст на македонската економија се покачени. Се очекува растот дополнително да зајакнува во текот на оваа година, додека преку пониските даноци и повисоките пензии и плати, се очекува да бидат дополнителен стимул за потрошувачката, што ќе резултира со уште посилен раст догодина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.
Економија
Владата работи на зголемување на просечната плата, најави Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со растот на платите во државата, со оглед на најновите статистички податоци, според кои просечната нето плата бележи раст и изнесува 45.800 денари, изјави:
„Прво што сакам да кажам е дека и тоа не е доволно. Дека треба да биде уште поголема просечната плата, и во таа насока продолжуваме, како Влада, да работиме. Но и самиот факт и бруто и нето, од просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Но овие податоци коишто пристигнуваат се само доволен доказ дека тие, освен тоа што не говорат вистина, шпекулираат, конструираат и креираат невистини. Друго ништо не можат да сработат и токму затоа таква е состојбата во опозицијата, и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив.“
Владата продолжува да работи, рече премиерот, за граѓаните да имаат уште повисоки примања.
„И нормално, ние како Влада продолжуваме и понатаму да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што тоа е наша цел, да испорачаме тоа што граѓаните од нас очекуваат.“, објасни Мицкоски.