Економија
Ангеловска: Се преговара со Светска банка и со ЕУ за дополнителна помош
„Добивме 176,5 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд, што е навистина добра вест бидејќи е повеќе од двојно од сумата која ја очекувавме“, истакна министерката за финансии денес во видео изјава и посочи дека од исклучителна важност е оваа ликвидносна инјекција која доаѓа на почетокот на април, пред пикот на здравствената криза.
Средствата се добиени под исклучително поволни услови – еднократен трошок при повлекување на средствата од 0.5% и каматна стапка која во моментот изнесува 1,05%. Рокот на отплата е 5 години, а првата отплата ќе започне по три години и три месеци.
Таа посочи дека во тек се преговори со Светска Банка и Европската Унија за обезбедување дополнителни средства кои може да се очекуваат во мај и јуни. Дополнително информираше дека будно се следи пазарот на капитал кој се очекува наскоро да се стабилибизира и се започнува со подготовки за издавање на еврообрзница како би се излегло на пазарот кога ќе се создадат поволни услови.
„Од исклучителна важност е оваа ликвидносна инјекција која доаѓа на почетокот на април, односно во вистинско време пред пикот на здравствената криза која се очекува да се достигне до крајот на месецов. Наскоро, следниот месец очекуваме да се добијат и други средства за кои преговараме од Светска банка и од Европската унија. Будно го следиме пазарот на капитал кој се очекува наскоро да почне да се стабилизира, затоа ќе започнеме и со постапка за издавање на еврообврзница. Во текот на подготовките ќе ја следиме состојбата со цел да го одбереме најсоодветниот тајминг за излегување на пазарот.Ќе ги обезбедиме средствата кои и се неопходни на земјава за да поминеме со што помали последици од коронакризата“, вели Ангеловска.
Таа посочи дека мора да се внесат пари во економијата, за да се поттикне економската активност и пред се да се зачуваат работните места.
„Преземаме мерки во вид на даночни ослободувања, во вид на директна финансиска поддршка и ќе преземаме и нови мерки и во следниот период и во периодот на обновување со цел што побрзо опоравување на економијата“,вели Ангеловска.
Во однос на поддршката од ММФ, Ангеловска посочи дека таа доаѓа преку Инструментот за брзо финансирање (Rapid Financing Instrument) кој обезбедува брза и лесно прилагодлива финансиска помош за земјите-членки на ММФ кои се соочуваат со итни потреби на билансот на плаќање, без притоа да се има аранжман со ММФ.
„Со инструментот може да се обезбеди поддршка за да се задоволи широк спектар на итни потреби, вклучително и оние што произлегуваат од шокови на цени на стоки, природни непогоди, конфликтни и пост-конфликтни ситуации и други вонредни состојби кои можат да ја погодат земјата. Оваа помош од ММФ ќе помогне во финансирањето на мерките за здравствена и макроекономска стабилизација и исполнување на потребите на билансот на плаќање кои произлегуваат од појавата на Ковид-19“, рече Ангеловска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

