Економија
Ангеловска: Со „Смарт Македонија“ до побрз економски раст
Економијата е стабилна, а економскиот раст ги натфрла проекциите на Меѓународниот монетарен фонд, кои двапати беа покачени. Раст се забележува во сите сектори, а стапката на невработеност е на историски најниско ниво, вели министерката за финансии, Нина Ангеловска, на Министерскиот панел на Форумот „Еуромани“, кој се одржува во Виена, Австрија. Ангеловска рече дека добрите економски остварувања може да се забрзаат и да се оствари синергија преку дигитализацијата, која носи поголема додадена вредност.
„Дигитална Македонија“ или „Смарт Македонија“ е визијата каде ја гледаме земјата во следните години. Затоа работиме со стратешките партнери, како Светска банка, за да развиеме инфраструктура, вештини кај работната сила, за дигитализација во економијата, јавниот сектор и општеството во целина. Треба да ја внесеме технологијата во сите сектори каде што можеме: земјоделието, здравството, образованието и преку тоа да креираме синергија. Не само што сме посветени на овие процеси, туку и цврсто верувам дека можеме да ја намалиме сивата економија преку имплементирање на технологиите, да ја намалиме корупцијата, бидејќи компјутерите ја елиминираат можноста за пристрасност во одлучувањето. Понатаму, со технологиите можеме да обезбедиме и поголема еднаквост и инклузивен раст“, рече Ангеловска.
Таа посочи дека е-трговијата може да биде генератор на економски раст особено за малите отворени земји како нашата, да создаде нови работни места, да ги придвижи платите, да ја зголеми конкурентноста и да отвори нови можности за домашните компании.
За да се постигне ова потребно е да се има капацитет, но и желба. Треба да се работи на зголемување на дигиталните вештини на населението, да се инвестира во човечкиот капитал кој е главен фактор за раст на секоја земја, рече министерката.
Како добри примери во дигитализацијата Ангеловска ги наведе Естонија, еден од пионерите во дигитализацијата особено во полето на е-влада и јавните услуги и Израел, каде технолошкиот сектор има удел од 40% од БДП.
Ангеловска посочи дека како мала земја имаме потецијал и флексибилност за аплицирање на нови концепти и стратегиии како на пример „креативна економија“, односно концепт кој се базира на човечката креативност, идеите и интелектуалната сопственост, знаење и технологиите. Треба да се размислува во оваа насока, бидејќи „креативната економија“ е онаа која креира додадена вредност, нови работни места, која создава можности за инклузија на маргинализирани категории, како жените, рече Ангеловска.
Зборувајќи за потенцијалните влијанија од надворешните фактори за македонската економија, Ангеловска истакна дека Република Северна Македонија, иако мала и отворена економија, благодарение на структурните реформи и диверзификацијата – е сè поотпорна на шоковите однадвор. Таа посочи дека домашната валута е стабилна, дека нашата е меѓу земјите со најдобра бизнис-клима во светот, како и дека последните години има раст на странските директи инвестиции.
Ангеловска истакна дека земјата е посветена на евроинтеграциите, особено реформите во делот на владеење на правото, зајакнување на јавната администрација и консолидација на економијата.
На Министерскиот панел, освен Ангеловска, учествуваа и министерот за финансиски политики на Унгарија Габор Гион, министерот за финансии на Романија Флорин Читу и заменик-министерката за финансии на Бугарија Маринела Петрова. Инаку, „Еуромани“, поради форматот и големиот број учесници е еден од најважните настани од економијата и финансиите во регионот на Централна и Источна Европа и претставува одлична можност за средби помеѓу носителите на политиките, како и претставниците на банкарскиот сектор, учесниците на финансиските пазари и инвеститорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

