Економија
Ангеловска: Членството во НАТО отвора пазар од неколку милијарди евра за нашите компании
Економскиот раст забрзува за 2 процентни поени во просек кај земјите кои пристапиле во НАТО. Со влегувањето во Северноатланската Алијанса за македонските компании се отвора нов пазар од неколку милијарди евра, додека политичката сигурност ќе ги стимулира инвестициите што ќе доведе до креирање на нови работни места, зголемување на обемот на трговијата и забрзување на економскиот раст и развој. Ова го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска на НАТО караванот во организација на Инфо центарот за евроатлански интеграции и граѓанската асоцијација Мост, кој се одржа во Прилеп.
Министерката за финансии истакна дека со пристапувањето во НАТО за домашните компании се отвора можноста да учествуваат на јавните набавки во системот на НАТО. Станува збор за пазар за сервисни продукти како набавка, оперативна подршка, транспорт, одржување, кодификација, услуги во сајбер безбедност.
„Јaвните набавки во системот на НАТО се базирани на едноставни и смарт правила што овозможуваат брз и флексибилен процес на набавка преку 3 клучни начела: транспарентност, еднакви можности и еднаков третман. Затоа би рекла дека ова е голема шанса за нашите компании, но и тест за конкурентноста на домашната понуда.Особено голем потенцијал за работа се јавува за ИТ компаниите кои можат да добијат работа и како субконтрактори, но и за останатите компании“, рече Ангеловска.
Таа посочи дека политичката сигурност ги стимулира инвестициите – и странските и домашните, што пак влијае на зголемување на бројот на работните места, намалување на невработеноста и зголемување на обемот на трговија. Тоа резултира со економски раст и развој и подигнување на животниот стандард.
„Пристапувањето во НАТО носи значајни придобивки во поглед на приливите на странски директни инвестиции. Во просек, во земјите од Централна и Југоисточна Европа кои се приклучија во НАТО во периодот помеѓу 1999 и 2009 – ако се споредува периодот 5 години пред и после приклучувањето – СДИ се покачуваат од 4,5% од БДП на 7,4% од БДП“, рече Ангеловска и посочи дека покрај странските се зголемуваат и бруто-инвестициите во просек во периодот пет години пред и по пристапувањето во нато за 6 процентни поени.
Таа посочи дека како се земе просекот од пет години пред и по простапувањето во НАТО за земјите кои станаа членки во 2004 година просечната стапка на невработеност се намалува за 5 процентни поени. За исто толку се зголемува и обемот на трговија.
„Сето ова резултира со забрзан економски раст и со подигнување на животниот стандард на граѓаните. Така ако го гледаме номиналниот БДП по глава на жител усогласен со паритетот на куповна моќ покажуваат раст на овој показател од 7% просечно пет години пред зачленувањето на 10,2% по зачленувањето“, рече Ангеловска.
Таа како пример ги даде и земјите во регионот како Црна Гора, Албанија и Бугарија каде има висок раст на странски директни инвестиции и подобрување на економските перформаси по влезот во Алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

