Економија
Ангелоски: Големи можности за градежните компании и за развој на туризмот
Засилување на економската соработка меѓу деловните ентитети од нашата земја и од Белград со цел унапредување на економската соработка беше фокусот на средбата на претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски и заменик-претседателот на Собранието на Град Белград, Игор Јовановиќ, која се реализираше вчера во рамки на посетата на Србија.
Со соседна Србија имаме традиционални економски и партнерски односи, кои се карактеризираат со високо ниво на заемна доверба и разбирање. Воспоставениот политички дијалог овозможува континуиран и постојан развој на билатералните односи и соработката.
„Овие средби се поттик за усогласување на економските политики во земјите кои припаѓаат на регионот за побрз развој, приспособување кон конкуренцијата на либерализираниот пазар и можност за усогласување на правната регулатива во земјите. Идентификуваме можности за зголемување на соработката во стопанството, инвестициите и туризмот. Исто така голем потенцијал има во реализација на заеднички проекти и инвестиции на сродни фирми од двете земји, како и унапредување и продлабочување на економската соработка меѓу дветe земји во рамките на иницијативите кои веќе постојат како ‘Отворен Балкан’“, истакна Ангелоски.
Претседателот на Сојузот посочува дека во Нов Белград интензивно се гради, што е одлична можност за вклучување на нашите градежни компании како изведувачи во овие проекти од нискоградба, високоградба, инфраструктурни проекти.
„Нашите компании имаат капацитет и се со докажано реноме во реализацијата на сериозни проекти во земјите од регионот, но и пошироко, може самостојно или здружено да настапуваат на странските пазари. Преку воспоставената соработка со локалната самоуправа во Белград веруваме дека може да се изградат директни релации кои ќе го направат подостапен пазарот во Србија за домашните компании што ќе поттикне потпишување нови договори за реализација на градежни проекти“, истакна Ангелоски.
Во Белград, како еден од главните економски центри во регионот, интензивно се развива и туризмот, а бројот на странски туристи е во постојан пораст, искуство кое може да го преземеме и пресликаме и во нашите околности.
„Во трката по странски пазари ги запоставуваме можностите за соработка со земјите од регионот, иако тие се со најголем потенцијал. Во изминатиот период Сојузот е посветен на интензивирање на комуникацијата со сите ентитети кои можат да дадат поддршка во воспоставување нови деловни релации, зајакнување на соработката на деловните заедници и креирање подобро бизнис-окружување“, истакна Ангелоски.
Во наредниот период се планира соработката меѓу Сојузот од градската управа во Белград да биде и формализирана, како и да се организираат настани за вмрежување на деловните субјекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.