Економија
Анѓушев: Важно е енергетската транзиција да не биде на товар на граѓаните
Вицепремирот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во рамките на форумот „Берлински дијалог за енергетска транзиција“, вчера, во попладневните часови, зборуваше на панелот „Возможна мисија – Предизвици и решенија за енергетска транзиција“, каде што ги посочи владините стратегии во насока на сè поголемо искористување на обновливите извори за производство на електрична енергија.
Тој истакна дека Владата има јасна стратегија како да го зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори користејќи ги природните ресурси што се на располагање фокусирајќи се на сончевата енергија и енергијата од ветерот, со оглед на тоа дека хидропотенцијалот е ограничен во секоја земја. Тој додаде дека е добро запознаен со модерната технологија за производство на електрична енергија од обновливи извори, а со оглед на тоа дека таа во денешно време се набавува по релативно евтини цени, не ја гледа како проблем во процесот на зголемувањето на производството на електрична енергија.
„Владата на Република Северна Македонија пронајде начин, го сменивме моделот на поддршка, од фидин-тарифи на премиум-тарифи. Владата бесплатно ќе обезбеди и ќе уреди градежно земјиште, ќе преговара во име на инвеститорите и ќе обезбеди приклучок на електропреносниот систем, ќе асистира во спроведувањето на административните процедури и ќе спроведе транспарентна и јасна постапка на јавна аукција на која заинтересираните инвеститори ќе може да аплицираат. Пазарот за електрична енергија денес е слободен, па инвеститорите, освен што ќе може да ја продаваат електричната енергија на слободен пазар, ќе добиваат и премиум од државата. Токму премиумот ќе биде критериум во постапката и оние што ќе понудат понизок премиум, ќе добијат можност да градат фотоволтаични електрани. Почнуваме со јавен тендер за 62 мегавата инсталирана моќност, што можеби изгледа малку, но за мојата земја, каде што моментно има само 18 мегавати инсталирана моќност во фотоволтаици, ова е многу“, истакна Анѓушев.
Зголемувањето на производството на електрична енергија од обновливи извори отвора нови предизвици, рече вицепремиерот и додаде дека предизвиците може да се надминат доколку земјите во регионот работат на создавање заеднички енергетски пазар и се инвестира во квалитетна инфраструктура за енергетско поврзување.
„Онака како што се зголемуваат капацитетите за обновлива енергија, треба да се размислува за стабилноста на електроенергетскиот систем затоа што обновливата енергија лесно може да се предвиди со денешните модели за прогнозирање на временските услови, но, за жал, не може да се контролира. На Балканот имаме многу мали земји, во таков случај нам ни е потребен втор пристап, тоа значи регионален пристап, балансирачки механизам, за да се одржува стабилноста на системот. Ова е мошне важно и во таа насока многу размислуваме и комуницираме на регионално ниво за тоа како да организираме заеднички пазар за електрична енергија, каде што ќе имаме заедничка берза за електрична енергија со цел да ги избегнеме проблемите што би ги имале во врска со стабилноста, кои би можеле да ги имаме како поединечни држави. Од таа гледна точка размислуваме за спојување на пазарите помеѓу Северна Македонија и Бугарија во прва фаза, потоа со Грција, а се надевам во иднина со Србија и Црна Гора.
Сметам дека ова е навистина важно затоа што ако не водиме сметка за стабилноста на системот и за второстепената регулација на последиците од обновливата енергија, нивниот развој нема да биде возможен. И, секако, треба да размислуваме за цврста инфраструктура за пренос на електричната енергија до крајните корисници“, потенцира вицепремиерот Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Спасовски: Со минимална плата од 600 евра ја штитиме егзистенцијата на граѓаните, прифатете го Законот
„Со континуираниот раст на минималната плата, државата го штити и вреднува трудот на работниците. Предлог-законот за минимална плата, во износ од 36.960 денари, претставува продолжение на континуираниот раст на минималната плата, што започна системски во 2017 година и кој во изминатите години значително го подобри животниот стандард на работниците со најниски примања“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната комисиска расправа .
Тој посочи дека, и покрај законскиот механизам за усогласување на минималната плата со растот на просечната плата и трошоците за живот, реалноста покажува дека динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување.
„Најзасегнати од ова се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход. Со овој закон предлагаме утврдената минимална плата од 36.960 денари со цел да се зачува реалниот животен стандард и да се обезбеди достоинствен надомест за трудот на сите работници“, додаде Спасовски.
Тој посчи дека дека средствата за спроведување на законот, предвидени во износ од 7,5 милијарди денари, ќе се обезбедат преку пренамена во рамките на постојниот буџет, без зголемување на дефицитот и без ново задолжување.
„Станува збор за одговорна и внимателно планирана пренамена која обезбедува високи примања на работниците, а при тоа ја зачувува и финансиската стабилност на државата. Минималната плата е показател на тоа колку едно општество го вреднува трудот на работниците. Таа е прашање на социјална правда, економска стабилност и човечко достоинство. Ако трошоците за живот растат, платите мора да го следат тој раст“, рече Спасовски.
Тој повика на единство во носењето на законот: Барам од сите колеги, без разлика на политичката припадност, да застанеме заедно во носењето на ова законско решение. Со тоа испраќаме порака дека го слушаме гласот на работниците и синдикатите и дека обезбедуваме егзистенција за граѓаните.
Економија
(Видео) Битиќи: Минималната плата од 600 евра не е привилегија, туку право на работниците
Зголемувањето на минималната плата на 600 евра не е никаков каприц, туку барање за социјална нормалност, а без оваа законска интервенција, оваа нормалност може да биде само политичка привилегија. Кога велиме 600 евра минимална плата, ние не велиме државата да продолжи да биде пасивен набљудувач и работите во економијата да се движат по инерција. Бараме платата да се зголеми, а Владата да си ја преземе одговорноста, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната комисиска расправа во Собранието за предлог-законот за зголемување на минималната плата.
Битиќи остро ја критикуваше Владата за продлабочувањето на сиромаштијата, слабата контрола врз цените и отсуството на вистински социјален дијалог околу минималната плата од 600 евра. Тој предупреди дека растот на трошоците директно ја нагризува куповната моќ на граѓаните.
„Оваа динамика ни кажува едноставно дека куповната моќ се јаде одвнатре, односно постои изразена тенденција сиромаштијата системски да е толерирана. Во овие услови, Владата нема право да зборува за одржливост кога се отвора темата за плати, а да молчи за сопствените институционални потфрлања што директно ја гушат економијата“, појасни Битиќи.
Тој посочи дека наместо да преземе одговорност, Владата го префрла товарот врз работниците и синдикатите.
„Се соочуваме со последователно множество на институционални слабости што го креваат стопанството на колена, а потоа Владата им држи лекција на работниците и фирмите да се договорат, праќајќи порака дека од нејзината страна нема простор за достоинствени плати.“, рече пратеникот на СДСМ.
Во однос на социјалниот дијалог, Битиќи беше дециден:
„Трошоците на живот растат, синдикатите бараат решение, а одговорот што го добиваат е одложување, игнорирање и политичка острина кон барањата на работниците. Во таква клима, социјалниот дијалог не се одржува, туку се задушува. 600 евра минимална плата е линија под која државата не смее да се повлече. Цените и трошоците веќе покажаа дека сегашните политики на Владата произведуваат работничка сиромаштија. Да не го оставаме работникот сам да се бори со инфлацијата и слабата контрола на државата. Достоинството не се одложува, туку мора да се гарантира.“, заклучи Фатмир Битиќи.
Економија
Скопскиот аеродром ја доби наградата за квалитет на аеродромските услуги „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми
Аеродромот во главниот град на Македонија ја добива наградата ASQ по 11-ти пат. Ова признание се базира целосно на повратните информации од патниците преку анкетата ASQ што ја пополнуваат додека чекаат да се качат во авион.
Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП и оваа година ја доби престижната награда за квалитет на аеродромските услуги (ASQ) за 2025-та година за „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми(ACI).
Наградата која скопскиот аеродром ја добива по 11 пат е уште едно признание од патниците во заминување кои што ги пополнуваа анкетите за задоволство од квалитетот на аеродромските услуги, преку кои се мерат клучните индикатори како што се ефикасноста на пријавувањето на патници и багаж (чекирањето), безбедносната проверка, снаоѓањето низ аеродромот, како и целокупната леснотија при движење низ аеродромот.
Ова континуирано меѓународно признание е уште еден доказ за посветеноста на вработените на аеродромот кон квалитетот на услугите, грижата за патниците и постојаното унапредување на стандардите во работењето. А наградата, која се темели на оценките од патниците, покажува дека скопскиот аеродром ги исполнува нивните очекувања.
„ Добивањето на наградата за квалитет на аеродромските услуги за патничко искуство за 2025 година, во категоријата Најпријатно аеродромско искуство во Европа од Меѓународниот совет на аеродроми е значајно достигнување за Меѓународниот Аеродром Скопје и ТАВ Македонија.
Признанието по 11-ти пат ја покажува конзистентноста на нашата оперативна извонредност и нашата постојана посветеност на квалитетни аеродромски услуги. Во 2025 година, исто така, достигнавме историски успех со тоа што услуживме рекордни над 3 милиони патници – што го прави ова достигнување уште позначајно.
Оваа награда, целосно заснована врз повратните информации од патниците преку програмата за квалитет на аеродромските услуги, го потврдува нашиот стратешки фокус на ефикасност, сигурност и патничко искуство.
Изразувам искрена благодарност на сите вработени, партнери и патници на Меѓународниот Аеродром Скопје. Во ТАВ Македонија, ние остануваме целосно посветени на обезбедување беспрекорно, висококвалитетно патување и континуирано подобрување на нашата работа“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Џастин Ербачи, генерален директор на ACI World, изјави:
„Добивањето на ASQ наградата за квалитет на аеродромските услуги од ACI ја потврдува континуираната посветеност на Меѓународниот Aеродром Скопје да ги слуша своите патници. Ова признание ја одразува вашата заложба за постојано унапредување и обезбедување исклучително патничко искуство за сите патници“.
Меѓународниот Aеродром Скопје припаѓа во ASQ панел од 20 аеродроми, во категоријата аеродроми во Европа со големина од 2 до 5 милиони патници годишно. Покрај Меѓународниот Aеродром Скопје, другите аеродроми во овој панел се аеродроми во Италија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Естонија како и уште два аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, аеродромот во Загреб и Тбилиси во Грузија.
Досега, за 2012, 2015, 2013 и 2018 Меѓународниот Аеродром Скопје ја доби ASQ наградата – Најдобар аеродром во Европа во големината до 2 милиони патници, додека за 2019, 2020, 2021, 2022, 2023 и 2024 аеродромот ја доби ASQ наградата, но во големина од 2 до 5 милиони патници годишно, врз основа на порастот на бројот на патници кој автоматски овозможи да се натпреварува со таа група на аеродроми во регионот на Европа.

