Економија
Анѓушев: Во следните години речиси 16 милиони евра од буџетот ќе се издвојат за електрификација на транспортот
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, присуствуваше на форумот „Намалување на загадувањето на воздухот со електромобилност“, организиран од делегацијата на Германското стопанство во Македонија и Македонско-германското стопанско здружение.
На форумот, покрај вицепремиерот за економски прашања, со свои излагања учествуваа и заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, и градоначалникот на град Скопје и претседател на заедницата на единиците на локалната самоуправа, Петре Шилегов.
„Определбите на Владата во поглед на транспортниот сектор се преточени во подготовка на национална стратегија за транспорт, која е во фаза на интеринституционално координирање. Транспортната инфраструктура е предвидена за долг животен век, а одлуките што ги носиме во оваа област сега, ќе донесат плод во годините што следуваат и ќе ја определат ефикасноста на транспортните услуги“, истакна вицепремиерот.
Воедно, додаде дека владината политика во областа на транспортот се усогласува со економските, социјалните и потребите за заштита на животната средина како во поглед на инфраструктурата така и во поглед на услугите.
„Електромобилност значи како постојните транспортни средства да се заменат со транспортни средства на електрична енергија. Во Македонија има само 80 електрични возила, од кои 47 возила се во Скопје. Не може да ја имате сликата како ќе се развива светот и во кој правец ќе оди ако ја немате комплетната слика за енергетиката. Македонија е мал дел од тој свет и Македонија има само еден избор, а тоа е да ги следи трендовите и да ги преслика во сопственото секојдневно живеење“, рече Анѓушев.
Заменик-претседателот изнесе дел од целите за електрификацијата на транспортот што се опфатени во стратегијата, како поддршка за обновување на постојниот возен парк на стари автомобили со стимулации од Владата.
„На среднорочен план се предвидени 10 милиони евра поддршка за сите оние што ќе сакаат да употребуваат електричен автомобил, предвидено е 1 милион евра за спроведување транспортни стандарди во врска со одржливоста на животната средина и климатските промени во согласност со практиките на земјите од ЕУ, промоцијата на електричните возила и подобрувања на регионалниот јавен транспорт предвидено е во вредност од 100.000 евра, финансиска поддршка за набавка на хибридни и електрични возила во патниот јавен транспорт во вредност од 5 милиони евра, како и промена на стандардите за транспортна инфраструктура во однос на климатските промени. Во следните неколку години се предвидени 16 милиони евра од државниот буџет за електромобилност“, појасни потпретседателот Анѓушев.
Заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, истакна дека за општ интерес Владата работи на план за постепено воведување еколошки возила, а предизвик на локалната самоуправа се зелените паркинзи за полнење на електричните возила, бесплатни патарини на автопатот и подготовка на автопатот за оние што минуваат низ нашата земја со електрично возило.
„Електромобилноста носи и други придобивки, ова е концепт што носи инвестиции и генерира нови зелени работни позиции, ги стимулира обновливите извори и има здравствен ефект. Но, за ова да се направи, мора да се има интегративен пристап. Не е доволно само учество на Владата, министерствата и локалната самоуправа, потребни се и другите фактори – науката, медиумите, бизнис-секторот, граѓанските здруженија и на крајот, потребна е промена на навиките, без тоа нема да дојдеме до конечното решение“, потенцира Макрадули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.

