Економија
Анѓушев: Законот за финансиска поддршка на инвестиции ќе ја подобри конкурентноста на домашните компании
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, кој се обрати на седницата на комисијата за економски прашања на Собранието, рече дека текстот на Законот за финансиска поддршка на инвестиции e креиран во координација и преку дискусија со сите чинители на економскиот живот во државата и ги отсликува реалните потреби на македонското стопанство.
„Законот претставува замена на нетранспарентната шема на државна помош со која во претходните години беа поддржани само 23 компании, а притоа се потрошени над 225 милиони евра, од буџетот на државата. Креиран е транспарентен механизам со кој се овозможува поддршка на многу поголем број компании и пораст на економијата“, подвлече вицепремиерот Анѓушев.
Тој додаде дека со овој Закон се дава правна сигурност на инвеститорите, која покрај стабилната политичка состојба се основи за реализација на секоја инвестиција.
„Законот им овозоможува сигурност на инвеститорите на подолг рок, знаеме дека инвестициите не се реализираат преку ноќ, треба подолго време да се реализира еден сериозен инвестициски проект“, нагласи вицепремиерот.
Со Законот за финансиска поддршка на инвестиции се планира да се поддржат успешни компании, кои покажале просечен раст на приходот и ненемалување на просечниот број на вработени во истиот период, во споредба со годината за која побаруваат државна помош. Сето ова компаниите може да го прикажат со доставување на завршните сметки за наведените години.
„Основна цел на овој Закон е да се поттикнат нови инвестиции на компаниите, технолошки да се развиваат и да ја зголемат конкурентноста, да бидат конкурентни со фирмите од целиот свет. Технолошко поразвиени компании се поконкурентни компании, што значи поголем извоз на македонски продукти и побрз економски раст. Македонската Влада дополнително, преку реализација на капитални инфраструктурни проекти, ќе ја зголемува конкурентноста на македонската економија и ќе им овозможува на компаниите подобри услови за водење бизнис“, потенцираше Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Поевтин бензин и поскап дизел од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,16 отсто во однос на одлуката од 20 мај.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,492 отсто, кај дизелот има зголемување за 0,845%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,513% и кај мазутот намалувањето е за 0,164%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,333%
Од 28.5.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 82,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 84,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 73,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 42,453 (денари/килограм)
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 0,50 ден/лит, додека малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,176 ден/кг и сега изнесува 42,453 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 28.5.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Ангеловска-Бежоска: И покрај шоковите, стабилноста на домашната валута зачувана
На покана на Централната банка на Исланд и престижниот американски универзитет „Нортвестерн“, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на конференцијата „Макроекономската стабилност на малите и отворени економии – предизвици и лекции“, којашто се одржа во Рејкјавик, Исланд. Таа беше поканета да го сподели искуството за успешното задржување на стабилноста на девизниот курс во македонската економија.
„Во раната транзиција, како и многу други економии од ЦИЈИЕ, усвоивме стратегија на фиксен девизен курс за справување со хиперинфлацијата, којашто ја применуваме и во моментов. Таа е соодветна на карактеристиките на нашата економија, којашто има висока трговска отвореност (160% од БДП), висока зависност на извозот од увозни компоненти, висока финансиска отвореност (185% од БДП), како и релативно висок степен на евроизација на банкарскиот систем (околу 42% од активата е во евра). Овие карактеристики отвораат можност за висок преносен ефект од девизниот курс врз цените и финансиската стабилност, без позначителни ефекти врз економскиот раст“, нагласи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката се осврна и на последната криза, и на предизвиците за задржувањето на оваа стратегија. Таа потсети и на притисоците на девизниот пазар коишто беа видливи од почетокот на пандемијата до средината на 2022 година, за кои беа нужни значителни интервенции од страна на централната банка, коишто во одреден момент достигнаа 15% од девизните резерви.
„Активните интервенции на девизниот пазар беа можни благодарение на девизните резерви насобрани пред кризата, покрај поддршката од меѓународните финансиски институции во кризниот период. Насобраните резерви ги одразуваат претходните претпазливи макроекономски политики и постепената и соодветно распределена либерализација на капиталната сметка. Затегнатата монетарна политика, користењето сет од макропрудентни мерки првенствено насочени кон зголемувањето на отпорноста на банкарскиот систем, како и мерките преземени за зголемување на транспарентноста и комуникацијата со јавноста, коишто уште повеќе ја зајакнаа довербата во Народната банка, беа од клучно значење за одржувањето на стабилноста на девизниот курс“, нагласи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката подвлече дека и покрај шоковите од невидени размери, стабилноста на девизниот курс беше задржана, а нивото на девизните резерви во моментов е повисоко за близу 40% во споредба со преткризниот период.
На панел-дискусијата, којашто беше предводена од професорот Харис Делас, од Универзитетот „Сури“ и Институтот „Карл Брунер“, покрај гувернерката, учествуваа и гувернерот на Банката на Словенија и гувернерот на Банката на Естонија. На настанот учествуваа повеќе професори од престижни универзитети.
Економија
Левицата со апел до земјоделците да пријават неправилности
„Деновиве сме сведоци на многу варијации и манипулации со откупните цени на нашите земјоделски производи: младиот компир, кромидот, зелката, доматите, а во скоро време ќе почне бербата и на останатите производи како: бостанот, дињите, житото итн“, велат од партијата Левица.
„Сакаме да ве информираме дека согласно Законот за земјоделство и рурален развој, член 31, откуп на земјоделски производи може да врши само регистриран откупувач кој мора да поседува баждарена вага. Исто така, многу важно, откупните цени за секој производ и класа мора да бидат истакнати на видно место на откупниот пункт и истите можат да се менуваат неделно.
До нас стигнаа голем број на поплаки поради откуп на земјоделски производи без кантарни белешки или, пак, без цена на нив. Сите вакви манипулации на откуп на производи без пишана цена на кантарната белешка земјоделците да ги пријавуваат во Левица, па откупувачите кои не работат согласно закон ќе бидат пријавени кај надлежните институции“, се наведува во соопштението на партијата Левица.