Економија
Анѓушев на европски форум за енергија во Атина: потребни се технички решенија за енергетската криза
Кризата со електричната енергија и целата енергетска транзиција може да се реши со технички решенија, а не со административни, изјави сопственикот на „ФЕРОИНВЕСТ“ и поранешен вицепремиер за економија, проф. д-р Кочо Анѓушев, на Форумот за енергија во Атина, организиран од Енергетската заедница.
Според Анѓушев, техничките решенија треба да овозможат производството на електрична енергија од обновливи извори да биде организирано така што енергијата ќе биде достапна тогаш кога е барана и кога има потрошувачка за неа.
Непланското градење електрани од обновливи извори, односно градење само на електрани на сонце, што е појава во регионот, но и низ цела Европа, нема да може да ја замени електричната енергија од термоелектраните, кои во иднина треба да се напуштаат.

За да има вистинска енергетска замена, потребни се електрани на сонце, ветер, вода и биогас, како и поставување на големи батериски системи за складирање, за да може електричната енергија од обновливи извори која се произведува само во одредени периоди на денот, правилно да се распореди до потрошувачите во текот 24-те часа, порача Анѓушев пред присутните енергетски чинители од регионот и Европа, вклучително од Енергетската заедница од Виена и од Европската комисија.
Секоја држава треба стратегиски да ги води изградбите на новите електрани, а на инвеститорите да им го олесни, некаде и законски да го реши, поставувањето на батерии за складирање на вишоците електрична енергија, и во овие делови Анѓушев го гледа придонесот на административните мерки, односно како поддршка на техничките решенија.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

