Економија
АСОМ: Од игрите на среќа лани во буџетот се слеале 253 милиони евра
Од индустријата за приредување игри на среќа во републичкиот и во локалните буџети на Македонија минатата година се слеале 253 милиони евра.
Асоцијацијата на спортските обложувачници на Македонија (АСОМ) ги сумира резултатите од работењето на своите членки и сите субјекти во индустријата и излезе со анализа за влијанието на индустријата за приредувањето игри на среќа врз македонската економија.
Презентирајќи го годишниот извештај, претседателот на АСОМ, Васко Илијевски, истакна дека, освен тоа што плаќаат висока стапка на данок на приходот што го остваруваат и на тој начин учествуваат во голема мера во полнењето на државната каса, оваа економска гранка учествува со 4 проценти во БДП на земјата, што значи дека приредувачите на игри на среќа го прават бизнис-амбиентот на Македонија подобар.
„Директните приходи што државната каса на Македонија ги има од индустријата на игри на среќа минатата година изнесуваа 135 милиони евра, што е 12 проценти повеќе отколку во 2017 година. Благодарение на индиректните приходи од ДДВ, локалните такси, придонеси и данок на плати, данок на закуп на локали итн – јавниот буџет во 2018 година беше зголемен 118 милиони евра, што претставува пораст од 41 отсто на придонесот на индустријата на игри на среќа во стопанството на Македонија“, изјави Илијевски.
Анализата на работењето го опфаќа и придонесот на индустријата кон стабилноста на пазарот на трудот.
„Секој директно вработен во оваа индустрија, која има околу 7.700 вработени, одржува уште седум работни места во другите стопански гранки, односно индустријата на игри на среќа поддржува речиси 54.000 работни места. Земајќи ги предвид и членовите на семејствата, тоа значи дека од оваа стопанска гранка директно и индиректно во Македонија живеат 216.000 луѓе“, вели Илијевски истакнувајќи дека трендот на раст што го бележи овој сектор влијае и на намалување на невработеноста. Позитивното влијание на индустријата врз пазарот на трудот се гледа и во фактот што приредувачите на игри на среќа во текот на минатата година вработиле 40 отсто повеќе луѓе во однос на 2017“, додава претседателот на АСОМ.
За плати за своите вработени, компаниите приредувачи на игри на среќа издвојуваат речиси 32 милиона евра, при што за пензиско и здравствено осигурување на државата ѝ плаќаат 11 милиони евра.
Од АСОМ велат дека стратегијата на сите нејзини членки е во насока на зголемување на мобилноста на пазарот на трудот, така што се ангажираат студенти и дипломци, кои претставуваат околу 15 проценти од вкупниот број вработени. Компаниите во индустријата за игри на среќа постојано имаат отворени огласи за вработување млади информатичари, математичари, програмери и електроинженери, со што на овој профил млади стручњаци им се дава можност да ја почнат својата кариера во струката веднаш по завршувањето на студиите.
Според годишниот извештај, освен на намалувањето на бројот на невработени, индустријата на игри на среќа влијае и врз стопанскиот развој преку зголемување на обемот на производство на своите доставувачи, на кои приредувачите на име набавки на стока и услуги минатата година им донесоа повеќекратна корист.
„Компаниите најмногу соработуваат со доставувачи од дејности поврзани за опремување локали (производство на мебел, електрична опрема и уреди), придружни и помошни дејности, а позитивниот ефект од нивното работење се прелева на придружните сектори во стопанството. Да ви илустрирам што значи тоа – вели претседателот на АСОМ – за отворање секое ново уплатно место, а во Македонија ги има околу 1.000, се инвестира од 50 до 80.000 евра, а во одржување на постојните по 10 до 15.000 евра, што покажува дека, освен работењето на самата мрежа на уплатно-исплатни места, индустријата на игри на среќа значаен ефект во стопанството остварува и преку придружните и помошните активности, набавка на компјутерска и телекомуникациска опрема, развој на неопходен софтвер, набавка и одржување на возниот парк, како и административните процеси, што во оваа индустрија се далеку посложени отколку што е тоа случај во другите стопански сектори“, потенцира Илијевски.
Годишниот извештај на АСОМ содржи и преглед на активностите на членките во доменот на општествената одговорност и грижата за заедницата.
„Особено се гордееме што благодарение на индустријата на игри на среќа и компаниите здружени во Асоцијацијата на спортските обложувачници на Македонија обновен е теренот на ракометното игралиште ‘Женска плажа’ во Струга, кој го носи името на македонскиот ракометен херој Наумче Мојсовски. Во тек на кампањата ‘Заедно можеме сè’, организирана за време на Светското првенство во фудбал 2018, собрани се средства, од кои за Детската универзитетска клиника беше набавена неопходна современа медицинска опрема“, истакнува претседателот на АСОМ.
Асоцијацијата на спортските обложувачници на Македонија потсетува дека својата грижа за општеството ја покажа и при неодамнешната трагедија во која загинаа 14 лица кога за семејствата на настраданите во автобуската несреќа на патот Скопје-Тетово донираа 1.200.000 денари.
Со оглед на трендот на забрзан раст, кој е во склад со глобалните развојни тенденции, проекциите за 2019 година се дека индустријата на игри на среќа има потенцијал за експанзија, што би значело и дополнителен пораст на приходите во државниот буџет. АСОМ за деновиве најави и прес-конференција, на која ќе го презентира комплетниот извештај, но ќе излезе и со конструктивни предлози за кои смета дека е добро да се имплементираат во најавените измени на законското решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.
Економија
ОКТА АД – Скопје со силни резултати во 2025 година во пазарна средина исполнета со предизвици
Финансиски резултати за 4-тиот квартал / 12 месеци од 2025 година

*Прилагодена за ефектот на вреднување на залихите
ОКТА АД – Скопје Годишни резултати за 2025 година
Во 2025 година, глобалниот пазар на деривати беше обликуван од геополитичка несигурност и еволуирачки енергетски политики, што резултираше со повремена нестабилност на цените. Ризиците по снабдувањето поврзани со регионалните конфликти и нестабилните трговски рути беа делумно компензирани со зголемено производство од главните извозници, ублажувајќи ги ценовните притисоци во споредба со 2024 година. Намалената индустриска активност на клучните пазари го ограничи растот на побарувачката и придонесе за стабилизација на цените во втората половина од годината.
Во Југоисточна Европа, геополитичките случувања и регулаторните промени продолжија да влијаат врз пазарните услови. Во Северна Македонија, воведувањето на новиот Закон за енергетика во средината на 2025 година и тековните регулаторни прилагодувања влијаеја врз динамиката на цените и конкуренцијата. По благиот пад во 2024 година, локалниот пазар покажа знаци на закрепнување во текот на 2025 година.
Во овие услови, ОКТА успешно се справи со регионалните флуктуации во снабдувањето и силните притисоци од конкуренцијата како на домашниот така и на извозниот пазар. Компанијата ја задржа својата утврдена водечка позиција во големопродажбата, додека структурата на малопродажниот пазар остана во голема мера непроменета. Во текот на целата година, ОКТА се фокусираше на дисциплинирано комерцијално извршување, разумно управување со маржите и насочени, стратешки иницијативи.
Финансиски остварувања
Приходите од продажба за фискалната 2025 година изнесуваа 38.492 милиони денари, во споредба со 44.263 милиони денари во 2024 година, првенствено поради пониските меѓународни цени на горивата и намалениот обем на извоз. Во четвртиот квартал од 2025 година, приходите од продажба се зголемија за 5% на годишно ниво на 10.179 милиони денари.
Бруто добивката порасна на 1.324 милиони денари во фискалната 2025 година од 1.169 милиони денари во претходната година, поткрепена од поголемата домашна продажба, зголемените испораки кон Државните резерви и зголемено тргување со електрична енергија. ЕБИТДА достигна 652 милиони денари, во споредба со 501 милион денари во 2024 година, што одразува поголем домашен обем, намалена изложеност на нестабилност на цените и поголема продажба на електрична енергија. ЕБИТДА во четвртиот квартал од 2025 година изнесуваше 139 милиони денари, што е намалување од 16% на годишно ниво, главно предизвикано од нестабилноста на цените на горивата и пониските маржи на електричната енергија.
Добивката пред оданочување во фискалната 2025 година значително се зголеми на 667 милиони денари, во споредба со 238 милиони денари во 2024 година. Покрај подобрените оперативни остварувања, резултатот е одраз и на помала амортизација по еднократната забрзана амортизација во 2024 година, предвидениот поврат на Данокот на солидарност од 50 милиони денари платен во 2023 година и оптимизирано управување со готовината. Во четвртиот квартал од 2025 година, добивката пред оданочување изнесуваше 177 милиони денари во споредба со 87 милиони денари во четвртиот квартал од 2024 година.
Оперативните трошоци останаа генерално стабилни на годишно ниво. Во 2025 година компанијата продолжи да работи без долг, во континуитет со претходните години. На 29 мај 2025 година, Собранието на акционери одобри распределба на дивиденда од 182,8 милиони денари, што е еднакво на 240,00 денари по акција.
Стратегија и перспектива
ОКТА ја заврши 2025 година со пазарен удел од 67% во Северна Македонија и 29% во Косово, надминувајќи ги планираните цели за профитабилност. Компанијата останува посветена на зајакнувањето на својата лидерска позиција на пазарот, оптимално користење на продуктоводот Солун – Скопје и складишната инфраструктура, како и обезбедување долгорочна сигурност во снабдувањето.
ОКТА продолжува да ја развива својата стратегија за диверзификација, при што значајно вложува и во обновливи извори на енергија. Во текот на годината, компанијата инвестираше 63 милиони денари во проекти од оваа област и се фокусира на максимално искористување на инсталираниот соларен капацитет од 12 мегавати како и идниот систем за батериско складирање. Плановите вклучуваат понатамошно проширување на фотоволтаичните системи и решенијата за складирање.
Корпоративна оштествена одговорност
Во четвртиот квартал, ОКТА дополнително ја зацврсти својата стратешка посветеност кон одржливоста, проширувајќи ги донациите на кровни фотоволтаични системи за образовни институции во Скопје, Битола и Штип. Овие инвестиции ја подржуваат националната цел за зголемување на енергетската ефикасност и обезбедуваат мерливи еколошки продобивки преку значително намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Дополнително, компанијата спроведе иницијатива за општествена одговорност кон животната средина, организирајќи акција за пошумување во Националниот парк Јасен, во склоп на тим-билдинг програмата.
Паралелно со овие иницијативи, ОКТА продолжи да го негува и промовира националното културно наследство преку поддршка на реномираните културни фестивали и продлабочена соработка со релевантните културни институции во земјата. Годината ја заокружи со засилен фокус на вклучувањето на заедницата, акцентирајќи ја поддршката за образованието и ранливите групи преку целни донации и општествени иницијативи. За да го сподели напредокот на транспарентен начин и да ја зајакне својата улога како одговорен корпоративен лидер, ОКТА одржа брифинг за медиумите на кој ги претстави клучните достигнувања во текот на годината.
ПР
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.

