Економија
Бабовски: Земјоделците ги добија „зелените картички“, наточено е гориво од 14,5 милиони денари
За помалку од еден месец земјоделците ги добија „зелените картички“, со што досега е наточено гориво во вредност од 14,5 милиони денари. Ова го изјави денеска директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, кој беше во посета на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во Кавадарци, каде што ги подели картичките за „зелена нафта” на земјоделците од овој регион.
Во Кавадарци вкупно се поделија 5.974 картички за зелена нафта, со вкупен износ од околу 15 милиони денари.
„Овие картички поделени во Кавадарци се еден добар износ на средства кој ќе дојде кај земјоделците, и кога се очекува да почне бербата на грозјето за земјоделската механизација оваа сума ќе биде добредојдена за земјоделците. Со оваа мерка директно влијаеме врз намалување на трошоците во земјоделството и го правиме поисплатливо. Денеска во Кавадарци сме на крајот на процесот на доставување на изработени картички, и тоа се случува за многу краток рок за 20-тина дена. Голем дел од земјоделците во земјава веќе ги користат зелените картички. Според последните информации од економскиот оператор, за само 20-тина дена веќе се искористени 14,5 милиони денари односно за толкава сума е наточено гориво“, изјави директорот на Платежната агенција, Бабовски.
Со денешното доделување картички финишира целиот процес на достава на картичките за субвенционирано гориво за земјоделска механизација до земјоделците. Од министерството информираат дека иако рокот бил 60 дена, целата процедура се завршила порано за речиси еден месец. Досега се поделени 50.465 картички со вкупна вредност од 128 милиони денари. Во следниот период ќе се доделат и картичките на преостанатите земјоделци кои треба да ги подмират обврските кон државата.
Мерката за субвенционирана нафта, за првпат се воведува од оваа година со цел да се олесни производството на земјоделците. Оваа мерка се очекува да придонесе за значително намалување на производствените трошоци, што за земјоделците ќе значи поекономично производство и поголеми приходи. Бидејќи се работи за нова мерка, за почеток државата најави дека ќе покрива 30 отсто од трошоците што земјоделците ги имаат за набавка на гориво за механизацијата, со можност овој процент во следните години да расте и до 50 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од 1 декември поскапува парното: сметките повисоки за околу 130 денари
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ) ја информира јавноста дека од 1 декември цената на топлинската енергија ќе се зголеми за дел од потрошувачите.
Според одлуката, за домаќинствата што се снабдуваат од најголемиот систем – ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство – цената се зголемува во просек за 5,9%. За потрошувачите на ЕСМ Енергетика зголемувањето е во просек 7,6%, а за корисниците на Скопје Север – Енерџи Еко Линк во просек 7,7%.
„Од 1 декември просечната сметка ќе биде зголемена за 130 денари – од 2.200 денари на 2.330 денари“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој нагласи дека во следниот период е потребно долгорочно стратешко планирање и сериозна санација и модернизација на топловодната мрежа. Според него, овие инвестиции ќе ги намалат дефектите, ќе го подобрат квалитетот на снабдување и ќе овозможат проширување на мрежата, што би довело до зголемување на конзумот.
Бислимоски повтори дека греењето на парно и понатаму е најекономично, додавајќи дека анализите покажуваат дека доколку сите исклучени потрошувачи се вратат на системот, сметките би се намалиле за околу 10%.
Вкупно 65.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.
Економија
За мерката Самовработување се издвоени 2,5 милијарди денари, кажа Мицкоски
Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, кажа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, на денешната седница за поставување на пратенички прашања.
Премиерот Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите.
„Со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица. Нешто што мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите“, рече Мицкоски.
„До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО“, нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.
„Морам да кажам дека ги изненади и нашите очекувања и во годините коишто следат очекувам поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“, дециден е Мицкоски.
„Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе во предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите“, објасни Мицкоски.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.

