Економија
БЕГ: 50 отсто зголемен интересот за парно греење во Скопје

Пред почетокот на грејната сезона сè поголем е интересот кај правните лица и домаќинствата во Скопје за бесплатно приклучување кон системот за централно греење. Од почетокот на акцијата во август годинава до денешен ден пристигнати се 270 барања за приклучок. Во споредба со истиот период минатата година, интересот за приклучување кон системот за централно греење е зголемен над 50 отсто, соопшти БЕГ.
Трендот за повторно приклучување се должи на високиот комфор што го добиваат потрошувачите за најдобра цена во согласност со сите еколошки стандарди. Како резултат на континуираната модернизација на системот за централно греење, квалитетот на услугата е значително подобрена. Повеќегодишното подобрување на квалитетот на услугата и намалувањето на цената, која во периодот од 2013 до 2018 година се намали од 33 до 66 отсто, во зависност од категоријата на потрошувачи, очекувано го зголеми интересот кај потрошувачите за приклучување.
Потрошувачите имаат и дополнителна поддршка преку услугата „Мој сервис“. Стручните екипи на „Мој сервис“ досега направиле над 4.000 интервенции. Најчести интервенции се приклучувања кон системот за централно греење, замена на грејни тела, интервенција на вертикалната инсталација во зградите, интервенција во ормарче, прочистување и увид во внатрешната инсталација итн.
Акцијата за бесплатен приклучок трае до 15 септември 2018 година. Од 16 до 30 септември корисниците ќе плаќаат 50 отсто од предвидените трошоци за оваа услуга, а од 1 октомври приклучувањето ќе се наплаќа во целост во согласност со важечкиот ценовник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Трет ден хаос со „МојДДВ“, граѓаните револтирани, не можат да скенираат фискални сметки

Апликацијата „МојДДВ“ не функционира веќе трет ден, а револтирани граѓани масовно пријавуваат дека не можат да ги скенираат фискалните сметки и да го остварат своето право на поврат на ДДВ.
Проблемите со апликацијата започнаа уште пред неколку дена, а Управата за јавни приходи (УЈП) вчера официјално потврди дека станува збор за технички проблем и увери дека се работи на негово отстранување.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција“, велат од УЈП.
Од институцијата не прецизираат кога „МојДДВ“ ќе проработи, а засега корисниците се оставени да чекаат, со надеж дека нема да изгубат право на поврат на средства.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавуваат реакции од граѓани кои се жалат дека изгубиле време обидувајќи се безуспешно да ја користат апликацијата. Многумина бараат одговорност и транспарентност од институциите, но и посочуваат дека слични прекини во работата на апликацијата се случуваат сè почесто.
Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“