Економија
Бектеши на состанок со раководството на СКСЗМ: Преку соработка со Коморите креираме мерки за подобрување на бизнисот и стандардот за граѓаните
Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска оствари работен состанок со раководството на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).
На состанокот се разговараше на повеќе теми меѓу кои мерките кои ги превзема Владата за поддршка на бизнис секторот, продлабочување на соработката во делот на крерирање на политики за подобрување на бизнис климата во земјата и животниот стандард на граѓаните.
„Со раководството на СКСЗМ разговаравме на повеќе теми кои се од важност за поддршка и развој на бизнисот. Рзговаравме за новите измените на Законот за индустриски зони кои што се подготвуваат во делот на индустриските зони кои се во надлежност на општините. Една од темите за кои разговаравме беше вклучување и на други сектори кои ќе бидат опфатени со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како и за новиот механизам кој го подготвуваме во делот на скрининг на странските и домашните инвеститори во делот на безбедноста. Откако стапи на сила новиот Закон за заштита на потрошувачите, со раководството на Комората разговаравме и за вопсоставување на новите антимонополски регулативи и механизми за заштита и на потрошувачите и на компаниите на кои во моментот работи Министерството за економија“ кажа министерот Бектеши.
Во однос на измената на Законот за индустриски зони министерот потенцираше дека се работи на зголемување на надлежностите на Дирекцијата на технолошко развојни индустриски зони во зоните основани од општините.
„Ќе може да интервенира воподобрување и инвестиции во инфраструктурата кај инвестициите кои се во надлежност на општините. По барање на општините каде што има простор за развој и интерес за инвестирање, и неможност од општините Дирекцијата за зони со поддршка на Владата ќе може да инвестира во изградба на патна инфраструктира, канализација, гасно поврзување и слично“ кажа Бектеши.
Министерот за економија Бектеши информираше дека во делот на заштита на потрошувачите започнат е процес за зајакнување на надлежностите на Комисијата за заштита од конкуренцијата, а во наредниот период заедно со Државен пазарен инспекторат ќе се работи на терен во делот на на зајакнување на контролите заштита на потрошувачите од зголемување на цените.
“Обврска на институциите што треба да направат инспекциски надзор е да контролираат и да прават редовни инспекциски надзори согласно програмите на неделно, месечно, годишно ниво. Не може да оставаме таквите институции да не бидат експедитивни и со месеци по најава на одреден потрошувач да преземат соодветна мерка. Помиваме неколку кризи, а јас уште не сум слушнал да има претставка од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Ние не можеме да се мешаме во работата на таа Комисија директно, зашто се избира од Собранието на Северна Македонија. Затоа почнавме измени во Законот со кој се определува работата на оваа Комисија. И ова не може само во време на криза“, кажа Бектеши.
На состанокот од СКСЗМ присуствуваа Менди Ќура, претседател ан СКСЗМ, Дурим Зекири, ивршен директор, и потпретседателите на Комората, Нухи Алиу, Јетон Асани, Шпресим Таири, Ќаније Селими како и Џемаил Даути, почесен претседател на СКСЗМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО ќе промовира ново електрично возило на саем во Минхен
БРАКО ќе претстави ново електрично возило од својот бренд Грин Машинс на светскиот саем IFAT, кој следната недела ќе се одржи во Минхен.
Возилото беше развивано две години од страна на инженерскиот тим за развој на БРАКО/Грин Машинс и е сосема ново техничко и функционално решение во програмата за производство на возила за одржување урбана хигиена.
Моделот 720 ZE работи на електричен погон и e со технологија од последната генерација, со вградени мотори во задните тркала и управување на сите четири тркала, поголем контејнерски простор, широка кабина за две лица, 360⁰ камера и оптимизиран начин на чистење.
Се очекува новиот модел да отвори уште повеќе пазари во светот, каде се бараат возила за одржување хигиена од овој габарит и перформанси.
Моделот 720 ZE беше најавен како концепт на саемот IFAT во 2022 гoдина и тимот за развој планираше да го развие во следните две години, во што и успеа и создаде возило кое е целосно замислено, проектирано и произведено во погоните на БРАКО.
Возилото во завршна фаза беше претставено пред гостите на прославата на 20-годишнината на Феро Инвест и БРАКО пред шест месеци, а сега во Германија ќе ја доживее својата светска промоција.
(ПР)
Економија
Почна пријавувањето за директни плаќања по програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги информира земјоделските стопанства, дека во период од 10 мај до 1 јули ќе можат да поднесат барања по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Во наведениот период земјоделските стопанства можат да поднесуваат барања за: растително производство по обработлива земјоделска површина со поледелски и градинарски култури, за одржување на постоечки површини со овошни и лозови насади како и површина за производство на сертифициран семенски и саден материјал, сточарско производство за обележани грла говеда, овци и кози, за маторици, презимени пчелни семејства како и за заклани говеда во кланица, како и за органско земјоделско производство.
Земјоделските стопанства своите барања ги поднесуваат во електронскиот систем на АФПЗРР, а доколку имаат потреба од помош или поддршка можат да се обратат во подрачните единици на МЗШВ.
Аплицирањето е преку линкот www.ipardpa.gov.mk – Директни плаќања е-субвенции. Со отварање на овој линк, во полето „Известувања/упатства“ достапни се деталните упатства за поднесување на барањето, Листата на потребни документи како и Програмата и Уредбата за директни плаќања во кои детално се претставени условите и висината на финансиската поддршка.
Економија
Ангеловска-Бежоска на форумот на Виенската иницијатива: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како претставничка на шесте централни банки од Западен Балкан во Одборот на „Виенската иницијатива“, учествуваше на Годишниот форум на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ), којшто оваа година се одржа во Вилнус, Литванија.
И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми. „Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 п.п., што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Притоа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите (просечен кредитен раст од околу 7%). Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5%, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред Големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11%, во просек.
Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, коишто се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови. „Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, коишто се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат. Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, коишто заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот“, истакна Ангеловска-Бежоска.
„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања.