Економија
Бектеши: Очекуваме намалување на цената на струјата од јули
Во согласност со домашните капацитети за производство на електрична енергија и анализите од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не очекуваме да има зголемување на цената на електричната енергија од 1 јули годинава, рече министерот за економија, Крешник Бектеши, на денешниот брифинг со новинарите заедно со директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
„Ние сме во координација и со Регулаторната комисија за енергетика, која е надлежна за цените на електричната енергија. Веќе се прават одредени анализи и се анализираат до детали одредени опции и со факултетите и со експерти за да се менува начинот на утврдување на цената на електрична енергија. Во согласност со капацитетите што ќе ги имаме во мај и јуни и јас сум убеден дека сите одлуки ќе бидат донесени во насоки да се зачува животниот стандард на граѓаните и да се поддржат малите и средните компании. Од 1 јули не очекуваме да има зголемување на цената на струја. Очекуваме да има дополнително намалување, како што направивме од 1 јануари во согласност со производството на ЕСМ, како и движењето на цените на берзите“, објасни министерот Бектеши.
Во однос на компаниите од прехранбениот сектор, кои добија повластена цена на електричната енергија и кои не ги намалиле цените во согласност со договореното со Владата, како што рече министерот, се прават анализи и доколку се утврди дека нема ефект, можно е да се соочат со губење на оваа поволност.
„Тоа ќе се знае на крајот на месецот во согласност со податоците од Државниот пазарен инспекторат. Оние што ги намалиле цените ќе продолжат да ја користат таа поволност. На дневна база разговараме со стопанските коморите и со одредени сектори од индустријата, особено производителите на домашни прехранбени производи. Во случај ако нема дополнително намалување, ќе се доведеме во ситуација тоа да се укине како поддршка од страна на Владата затоа што целта на поддршката што ја даде Владата на барање на стопанските комори беше да се влијае во делот на намалувањето на цените на основните прехранбени производи. Ако не се намалат на процентот што е договорен помеѓу компаниите и Владата и во согласност со очекувањата на потрошувачите, подобро тие средства да им ги дадеме на граѓаните преку разни мерки“, рече министерот Бектеши.
Министерот потенцира дека би требало до крајот на месецот да имаме конечен извештај од Државниот пазарен инспекторат и во согласност со тоа да се донесат одредени одлуки.
„Во согласност со прогласената кризна состојба одлуките може да бидат и селективни, па за компаниите што не ги намалиле цените да не важи оваа мерка, а за оние што ги намалиле и навистина се потрудиле да направат максимум да излезат во пресрет на потрошувачите – да продолжи“, појасни Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: СДС остави сериозни проблеми во земјоделството, договоривме откупната цена на доматот да не биде под 30 денари, односно 35 денари за розевиот домат
Дополнителниот заменик министер за земјоделство шумарство и водостопанство денес одржа работен состанок со земјоделците и откупувачите на домат каде што по завршувањето на состанокот информираше дека е постигнат договор за минимална откупна цена на црвениот и розевиот домат.
– Она за што разговаравме денес е да ја воочиме реалната ситуација со откупот на доматот од реколта 2024 година, каде што имаме зголемено производство во одреден сегмент, но се договоривме со откупувачите дека во наредните денови откупната цена на црвениот домат нема да падне под 30 денари за килограм, додека откупната цена на розевиот домат нема да падне под 35 денари за килограм. – изјави Трипуновски.
Тој дополнително информираше и дека во текот на вчерашниот ден одржал работен состанок и со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство.
– Во текот на вчерашниот ден разговарав со директорот на Државниот земјоделски инспекторат и во име на сите граѓани на Република Македонија дадов налог да се проверува се што влегува во Република Македонија како храна, овошје и зеленчук, се со цел да ги превенираме сите оние ситуации кои ги имавме изминативе години, а тоа е влез на неквалитетна и небезбедна храна. Таа обврска веќе од денес стартува на сите гранични премини во Република Македонија – дополни Трипуновски.
Економија
Бојчева-Терзијан: Квалитетните статистички податоци клучни за истражувачката работа и за формулирањето на политиките
Подготовката на квалитетни, доверливи и навремени податоци се клучни за добро разбирање на економијата. Оттаму, статистичката функција на Народната банка, којашто е една од нејзините основни задачи, е од суштинско значење и централната банка постојано работи на унапредување на квалитетот и опфатот на статистичките податоци коишто ги објавува, посочи директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика при Народната банка, Султанија Бојчева-Терзијан, на предавањето коешто го одржа на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ − Штип, под наслов „Статистичките податоци на Народната банка: Клучен фактор за донесување одлуки засновани на докази“.
Предавањето беше во рамките на свеченото отворање на Лабораторијата за квантитативни истражувања во економските и организационите науки, како дел од заложбите на овој универзитет за подобрување на научно-истражувачката инфраструктура и со тоа, афирмација на научната работа и раст на бројот на публикувани научноистражувачки трудови.
На предавањето, директорката даде поширок приказ на сите податоци коишто ги објавува Народната банка и нивната улога во носењето мерки и политики. Исто така, беа разгледани и погодностите коишто ги нуди статистичката платформа НБСтат за пребарување и споредба на подолгите серии статистички податоци подготвени од Народната банка.
Квалитетното исполнување на статистичката функција на Народната банка е редовно истакнувано од страна на меѓународните финансиски институции. Народната банка го следи највисокиот статистички стандард СДДС плус. Таа редовно прибира, обработува и објавува податоци, а постојано работи и на развивање и унапредување на одделните статистички домени. Но, податоците добиваат вредност само доколку се користат, истакна Бојчева-Терзијан и од таа причина, Народната банка постојано ја поддржува научно-истражувачката работа, којашто е основа за носење на одлуките за монетарната политика. Покрај ова, се преземаат и други активности за нејзино поттикнување, како што се редовните средби на Клубот на истражувачите, којшто претставува отворена платформа за презентација и дискусија за научно-истражувачки трудови. Преку доделување награди за младите истражувачи се поттикнува развојот на научната мисла и изработката на трудови од областа на макроекономијата и се афирмираат младите и стручни кадри. Поради сето ова, Народната банка како професионална институција и натаму ќе вложува во статистиката, бидејќи таа е стожер за целокупната аналитичка база и за донесување најсоодветни одлуки за економската политика од страна на сите економски субјекти.
Економија
Живко Мукаетов прогласен за премиум-партнер на манифестацијата „Оскар на хуманоста“ на Црвениот крст
Црвениот крст на Град Скопје го одликувааше Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“ со Оскар на хуманоста во категоријата Премиум партнер, како континуиран поддржувач на хуманата мисија која ја спроведува оваа организација во земјава веќе 8 децении.
„Со особено задоволство, во рамките на манифестацијата ’Оскар на хуманоста’, му ја доделуваме наградата ’Премиум партнер’ на г. Живко Мукаетов. Неговата лична ангажираност значи поттик на индивидуално ниво, која потоа мотивира, и колективно развивање на општествената одговорност во ’Алкалоид’ АД Скопје. Како личност препознаена во заедницата во која несебично дава помош и поддршка преку повеќе програми и активности на Црвениот крст, г. Мукаетов се истакнува како позитивен пример и во својата лична, но и во професионалната агенда, па Црвениот крст го поставува на високо место не само како поддржувач на нашите активности, туку и како партнер и пријател на хуманоста“, истакнуваат од Црвен крст на Град Скопје.
Манифестацијата „Оскар на хуманоста“ се одржа во склоп на повеќето активности посветени на одбележувањето на Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина и на Неделата на Црвениот крст (8-15 мај).
Покрај премиум Оскарот за хуманост, беа доделени и награди во неколку селектирани категории: корпоративен сектор, образовни институции, единици на локалната самоуправа и медиуми.
„За нас како компанија и за мене како поединец Црвениот крст е синоним за хуманост, солидарност, човечност и поддршка. Место од каде се подава рака на секого кому му е потребна помош, отворена врата за најранливите општествени слоеви и стартна позиција на секој поединец или компанија кои сакаат да бидат општествено одговорни“, истакна Мукаетов.
Изминативе години „Алкалоид“ има спроведено повеќе активности во соработка со Црвен крст на РСМ и со Црвен крст на Град Скопје, како во делот на социјално-хуманитарната дејност така и на полето на крводарителството. Во рамките на компанијата повеќе од 50 години активно функционира Друштвото на крводарители, а само во последните година и половина „Алкалоид“ организираше три крводарителски акции, во чии рамки беа собрани повеќе од 400 единици крв. Покрај тоа, во 2013 година „Алкалоид“ помогна за реновирање и за ребрендирање на Дневниот центар за дарување крв и континуирано дава придонес во неговото тековно функционирање. Во рамките на компанијата неодамна беа спроведени и неколку масовни акции за донирање облека и храна на собирни пунктови на трите локалитети на „Алкалоид“.
На глобално ниво, Оскарот на хуманоста на Црвен крст ги акцентира заложбите за зачувување на хуманоста, како и тенденцијата да се поттикне хуманоста кај секој поединец во заедницата во која живее и дејствува. Низ симболиката на солидарните заложби му се оддава почит на основоположникот на идејата за формирање на Црвениот крст, Анри Динан, но и се упатува благодарност до 16-те милиони волонтери во 191 земја во рамките на Движењето на Црвениот крст и на Црвената полумесечина низ светот, кои го посветуваат своето драгоцено време за доброволна служба, секогаш подготвени за вклучување во локална хуманитарна акција за глобално добро.
ПР