Економија
Бектеши: Со доработениот закон за минерални суровини се заоструваат условите за работа на концесионерите
Министерството за економија во соработка со невладините организации и рударскиот сектор и сите засегнати страни го доработи предлог-законот за минерални суровини кој претходно беше во собраниска постапка, но беше повлечен од страна на Министерството за економија. Во изминатите неколку месеци беа направени повеќе работни средби со претставници од невладините организации во делот на заштита на животната средина, како и со претставници на здружението за рударство, по што текстот на законот беше значително подобрен, информираше министерот за економија, Крешник Бектеши, на прес-конференцијата на која ги презентираше предлог-измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини коишто беа усвоени на последната седница на Владата.
Министерот информираше дека со последните законски измени се додаваат повеќе основи за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини од страна на државата, со што се заоструваат условите за работа на концесионерите.
„Исто така со ова законско решение се зајакнуваат мерките за следење на наплатата на концесиски надоместоци и се додаваат јасни и прецизни услови за достава на финансиска гаранција која би покрила настанати штети, доколку концесионерот не го рекултивира земјиштето коешто е деградирано со експлоатација. Исто така во измените и долнувањата на предлог-законот за минерални суровини се вметнати сите забелешки дадени од страна на Државниот завод за ревизија од објавениот извештај за ‘Ефективност на мерките и активностите за искористување на минералните суровини и наплата на надоместоците’,со што се предвидува отстранување на системските недоречености во делот на контролата на наплата на концесиите“ кажа Бектеши.
Меѓу клучните новини во последните измени и дополнувања на Законот за минерални суровини, како што информираше Бектеши се: со предлог-законот се овозможува намалување на износот на глобите за субјектите, доколку согласно Законот за трговските друштва се класифицирани како микро и мали трговци, додека за останатите трговци, класифицирани како средни и големи, износот на глобата во поголемите прекршоци се предлага да биде зголемен.
Се додава одредба според која концесија не може да му се додели на правно лице кое учествувало на јавен повик за доделување концесија а не го платил понудениот надоместок.
Се овозможува и општините да поднесат барање за добивање концесија за експлоатација за потребите за изградба на општински пат, по утврдената постапка за изградба на државни патишта.
Се додава обврска со која концесијата за експлоатација може да се раскине поради битна повреда на одредбите од договорот или на законите и прописите што се применуваат на договорот, во случај кога вршењето на експлоатацијата го нарушува јавниот интерес и кога концесионерот врши експлоатација надвор од просторот на кој е доделена концесијата со договорот за концесија.
Основ за раскин на договорот за концесија е и доколку концесионерот експлоатира помалку од 20 проценти од предвидената количина на минерална суровина согласно главниот рударски проект, во текот на една година, освен доколку концесионерот достави образложение за причината за намалената експлоатација, кое го разгледува комисија формирана од министерот.
Во делот на наплатата на концесиските надоместоци се доуредува одредбата со која 78% од платениот концесискиот надоместок е приход во буџетот на општината на чија територија се врши концесиската дејност, во насока дека прибавените средства по овој основ треба да бидат наменети за вршење општествени или комунални дејности од интерес за општината.
Се прецизираат условите за висината и рокот на важење на финансиската гаранција од членот 96 од Законот и се предвидува преодна одредба со која концесионерите имаат рок од две години да ја достават, во спротивно еднострано ќе се раскине договорот за концесија, информираат од Министерството за економија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.
Економија
Божиновска: Соларната енергија е еден од клучните столбови на македонската енергетска транзиција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска се обрати на настанот „Соларен ден – чиста енергија во пракса“, организиран од Агенцијата за иновации и научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, по повод 26 јануари – Меѓународниот ден на чистата енергија.
Во своето обраќање, Божиновска истакна дека одбележувањето на Меѓународниот ден на чистата енергија претставува силен потсетник за заедничката одговорност, но и за стратешката можност што ја има државата во процесот на енергетската транзиција кон одржлив, сигурен и модерен енергетски систем.
„Соларната енергија денес е еден од најважните столбови на националната енергетска транзиција. Македонија има сериозен сончев потенцијал и наша јасна стратешка определба е тој потенцијал да го искористиме максимално – преку стабилна регулаторна рамка, поддршка на инвестициите и активна улога на државата“, нагласи Божиновска.
Таа посочи дека изминатата година е забележан значителен раст на фотоволтаичните капацитети, како резултат на зголемениот интерес и од инвеститорите и од граѓаните, што ја потврдува довербата во соларната енергија како исплатливо и одржливо решение. Министерката нагласи дека Министерството не е само регулатор, туку активен двигател на процесите, со фокус на државни инвестиции во соларни капацитети, системи за складирање на енергија и стратешко планирање на декарбонизацијата.
Во обраќањето беше истакната и важноста на партнерството со приватниот сектор, академската заедница и граѓаните, како неопходен предуслов за успешна и праведна енергетска транзиција.
„Енергетската транзиција не е проект на една институција. Таа е заеднички процес кој бара соработка, знаење и визија. Само така можеме да изградиме модерен, сигурен и одржлив енергетски систем кој ќе обезбеди подобар квалитет на живот и почиста животна средина“, порача Божиновска.
Настанот „Соларен ден – чиста енергија во пракса“, кој се одржа во Europe House, вклучи едукативна сесија и панел-дискусија за можностите и предизвиците на соларната енергија во Македонија, со учество на претставници од институции, академската заедница и компании од енергетскиот сектор.

