Економија
Бектеши: Субвенции до 30.000 денари за семинари, обуки и конференции организирани во домашните туристичко-угостителски капацитети
Министерот за економија, Крешник Бектеши, на денешната прес-конференција информира за уште една мерка за поддршка на туризмот, која беше најавена во третиот сет мерки на Владата од програмата за Ковид-19 во рамките на Министерството за економија.
Бектеши истакна дека поддршката на домашниот туризам, кој е еден од најпогодените сектори од корона-кризата, е главен приоритет на Министерството за економија.
„Денеска, сакам да ве информирам дека почнуваме со уште една мерка за поддршка на туризмот. Министерството за економија до Владата предложи програма со која ќе се субвенционираат настани што ќе се организираат во категоризирани угостителски објекти во државата. Мерката предвидува покривање 50 отсто од трошоците, но не повеќе од 30.000 денари од апликант за организирање обуки, семинари, конференции во домашни туристички капацитети од страна на сите здруженија, компании, како и институции, кои планираат да организираат во рамките на своите активности“, истакна Бектеши и потенцира дека мерката предвидува покривање на трошоците само за изнајмување на просторот за организирање на обуката, конференцијата или настанот во домашните хотелско-угостителски објекти.
„За реализација на оваа програма Министерството за економија ќе објави јавен повик за доделување субвенции за кофинансирање на трошоците за организација на настани, а за нејзина реализирање обезбедени се 15 милиони денари или 245 илјади евра. Еден апликант може да поднесе најмногу до 3 (три) барања за кофинансирање на трошоците за организација на настани. Апликантот до Министерството за економија доставува барање со прилог резервација на сала за обуки, семинари, конференции и слично и договор со угостителскиот објект со прилог фактура и краток опис за настанот. Министерството за економија потпишува договор со организаторот на настанот и во рок од 7 дена по потпишувањето одобрените средства се префрлуваат на сметка на организаторот на настанот, појасни министерот Бектеши.
Министерот рече дека тековно се реализираат и другите мерки во рамките на Министерството за економија за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор.
„Сакам да информирам дека во завршна фаза е платформата domasiedoma.gov.mk и pushimenevend.gov.mk преку која ќе се реализира мерката за ваучери за домашен туризам на Министерството за економија. Платформата ќе биде оперативна до крајот на неделата. Преку оваа платформа Министерството за економија ќе ги испрати ваучерите за домашен туризам на сите граѓани што ги исполнуваат условите. Ваучерот, кој ќе содржи QR-код, ќе биде испратен по имејл, кој граѓаните го имаат доставено до Управата за јавни приходи“, рече Бектеши и појасни дека мерката предвидува сите вработени граѓани, кои имаат приходи што не надминуваат 15.000 денари месечно, да добијат ваучер од 6.000 денари, кој ќе може да го искористат во домашните туристички објекти, но и платежна картичка од 3.000 денари, која ќе може да ја користат во сите угостителски објекти во државата.
„Граѓаните ќе може и на платформата да проверат дали се на листата, односно дали ги исполнуваат условите за ваучер за домашен туризам, а исто така ќе може да изберат каде, односно во кој туристички и угостителски капацитет во државата ќе може да го употребат. На платформата ќе бидат објавени понудите на сите катагоризирани туристичко-угостителски објекти во државата, односно капацитетите со кои располагаат за да примат туристи“, потенцира министерот.
Граѓаните ваучерите за одмор во домашните туристички капацитети ќе може да ги користат од 15 јули до 15 декември 2020 година, а предвидено е да опфати над 115 илјади граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска–Мелинвуд: Започнува најобемната енергетска обнова на јавните згради досега
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со Мелани Мелинвуд, претставник на Француската агенција за развој (AFD), а во врска со реализацијата на Планот за реконструкција на јавните згради – еден од клучните столбови на Реформската агенда на државата.
Фокусот на средбата беше ставен на имплементацијата на Планот за реконструкција на зградите што ги користат институциите на јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028 – стратешки документ што поставува јасна, тригодишна рамка за најмасовната и најсистемска енергетска обнова на јавни објекти во земјата досега.
Станува збор за План што веќе е усвоен од Владата по сеопфатен процес на усогласување со вкупно 33 институции, што ја потврдува неговата институционална тежина и стратешко значење за модернизација на јавниот сектор.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како носител на оваа стратешка реформа, интензивно работи на обезбедување финансиски средства за реализација на обврските што произлегуваат од Реформската агенда, како и од постојните законски обврски. Согласно законската рамка, секоја година е предвидено да се реконструираат најмалку 3% од вкупната корисна подна површина на јавните згради, при што мерките за енергетска ефикасност се задолжителен и нераздвоен дел од секоја реконструкција, истакнуваат од таму.
На средбата беше истакнато дека во моментов е во подготовка таканаречената scoping студија (студија за определување на опфат), со која детално ќе се утврдат параметрите за рехабилитација и обнова на зградите, како и јасни критериуми за приоритизација на објектите што први ќе влезат во процесот на реконструкција.
Со ова, е нагласено во соопштението, државата прави крупен исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци за јавниот сектор, подобри услови за работа во институциите и значително намалување на емисиите на штетни гасови, во согласност со европските климатски политики.
„Оваа реформа претставува конкретен чекор кон позелена, поекономична и поодржлива јавна администрација – со директни придобивки за граѓаните и за државниот буџет“.
Економија
Трипуновски: Досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун во вредност од 170 милиони евра
Денес, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство и претседателот на Сојузот, посетивме неколку откупни пунктови со цел да се направи увид во завршната фаза од откупот на тутунот, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Според последните податоци, досега се откупени 25,3 милиони килограми тутун од последната реколта, просечната цена е 419,15 денари за килограм“, посочи тој.
Министерот Трипуновски додаде дека вкупната вредност на откупениот тутун изнесува околу 170 милиони евра, од кои 95,6% веќе се исплатени на тутунопроизводителите кои го имаат предадено својот род.
„Останува уште мала количина тутун која согласно предвидената динамика, ќе биде откупена во наредниот период. Секоја откупна компанија ќе има отворен пункт до крајниот рок за откуп, кој трае до крајот на месец февруари“, појасни министерот.
Економија
COMBO.mk – Новата онлајн дестинација за алат, апарати за домаќинство и многу повеќе
COMBO официјално ја пушта во употреба својата нова онлајн продавница, со цел купувањето да стане побрзо, поедноставно и подостапно за сите корисници низ државата. Со новата платформа, COMBO ја пренесува својата богата понуда во дигитално искуство што овозможува лесна нарачка, преглед на производи и безгрижна набавка од дома.
COMBO е современо продажно одредиште со продажен простор од 6.000 м² и асортиман од над 15.000 производи, внимателно селектирани за секојдневни потреби и професионална употреба. Понудата опфаќа девет главни категории: машини и алат, градинарски алат, апарати за домаќинство, автокозметика, лепила и силикони, електрика, оков за мебел, чешми и туш системи, како и производи за домашни миленици. Компанијата посветува внимание на брза достава и професионална услуга, со фокус на практичност и доверба при секоја нарачка.
Што добиваат купувачите
- Онлајн купување со широк избор на производи во девет различни категории.
- Практична набавка од едно место – од професионални алати и градинарска опрема, преку апарати за домаќинство и електрика, до чешми, туш системи и производи за домашни миленици.
- Брза достава и флексибилни опции за испорака низ цела Македонија.
- Стручна поддршка и советување при избор на производи.
- Сервисна поддршка и гаранција за производите.
- Услуга насочена кон лесно, сигурно и безгрижно корисничко искуство.
За повеќе информации и новитети, посетете ја веб-страницата на Combo.
(ПР)

