Економија
Бектеши: Трговците во туристичките места ќе можат да работат во недела и на празници
Министерството за економија веќе предложи до Собранието измени и дополнувања на Законот за трговија со кои се овозможува работа во недела и празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места, утврдени со Законот за туристичка дејност, кажа Министерот за економија Крешник Бектеши при денешната посета на охридско-струшкиот регион.
Бектеши при обиколката на Охридската чаршија каде оствари средба со стопанствениците истакна деке законските измени се веќе во собраниска процедура и во зависност од работата на Собранието очекува најмногу за две недели овие законски измени да бидат изгласани и да стапат на сила со почетокот на туристичката сезона.
„Измените на Законот за трговија во делот на „Недела неработен ден“ се во собраниска процедура, со нив им се дава можност на сите трговци во туристичките места да можат да работат и во недела и празници преку целата година. Овие измени дополнително ќе ја поттикнат економската активност во земјата, посебно во туристичките места“ кажа Бектеши и потенцираше дека измените се донесени со заеднички дијалог во инклузивен процес со сите засегнати страни, а работниците во трговските објекти кои ќе работат во недела ќе добијат дневница поголема за 100 проценти, а останатите во дејностите кои се определени согласно Законот за работни односи ќе добијат дневници поголеми за 50%.
“Имајќи ги во предвид податоците кои што ги имаме од Државниот завод за статистика за раст на бројот на туристи во првиот квартал, а и очекувањата за бројот на туристи согласно веќе направени резервации за странски туристи кои ќе ја посетат Северна Македонија оваа летна сезона, посебно Охрид и Струга овие законски измени очекуваме дека ќе придонесат за уште поуспешна сезона. Министерството за економија и Владата ќе продолжат со креирање на мерки за поттикнување на домашниот туризам со цел за зголемување на бројот на домашни и странски туристи во земјата“ кажа Бектеши.
Како дел од мерките кои што и оваа година ќе се реализираат за поддршка на домашниот туризам како што истакна министерот е и мерката за ваучери за одмор во домашните туристички капацитети на работници со ниски приходи.
“Со Ребалансот на буџетот се предвидени 15 милиони денари за да продолжиме со мерката за ваучери за туризам за работници со ниски приходи, согласно предвидените средства проекциите се дека ќе се обезбедат ваучери за 1.500 до 2.000 семејства“ кажа Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Спасовски: Буџетот за 2026 е насочен кон регионален развој и големи капитални проекти од суштинско значење за општините
На вчерашната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Спасовски го оцени буџетот како исклучително развоен со силна социјална компонента. Тој истакна дека целта е забрзување на економскиот раст и спроведување фискална консолидација преку зајакната финансиска дисциплина, воедно посочувајќи дека најголем двигател на растот ќе бидат бруто-инвестициите.
„Во 2026 година се очекуваат позитивни движења и економскиот раст да забрза за 3,8%, како резултат на растот на инвестициите и последователен пад на стапката на невработеност на историски најниско ниво од околу 10%, раст на пензиите и платите и солидно зголемување на приватната потрошувачка. Најголем придонес кон растот во 2026 година се очекува да имаат бруто инвестициите, преку реализација на големите инфраструктурни проекти, финансирани од државата, во патната и железничката инфраструктура, пред се Коридорите 8 и 10Д, како и проекти во енергетиката, земјоделието, образованието и здравството“, рече Спасовски.
Пратеникот Спасовски се осврна на неколку проекти кои се од клучно значење за развој на регионот и особено значајни за општина Крива Паланка, истакнувајќи дека со капиталните инвестиции во општините ќе се подобрат услови за живот на граѓаните.
„Дополнителен двигател на бруто инвестициите ќе биде поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции со цел по рамномерен регионален развој и унапредување на животниот стандард на граѓаните. Значајна ставка во Предлог буџетот се капиталните расходи, каде капиталните проекти учествуваат со околу 9,8% од проектираниот буџет, односно се проектирани во износ од 660 милиони евра. Од овие средства ќе се реализираат инфраструктурни и енергетски проекти, капитални проекти од областа на сообраќајната, комуналната и локалната инфраструктура. Ќе се финансира западниот дел од патниот Коридор 8, изградба на железницата како дел од Коридорот 8, каде што првата делница од Куманово до Бељаковце е пуштена во употреба, интензивно се работи на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка за која се обезбедени средства и третата делница од Крива Паланка до Деве Баир“, рече Спасовски.
Економија
Георгиева: Буџетот за 2026 покажува дека Владата води одговорна и умерена економска политика
Буџетот е слика за тоа како се гледа иднината на Македонија и нејзините граѓани. Овој буџет, буџетот за 2026 е креиран во услови на глобална непредвидливост, но сепак се осврнува на потребите на граѓаните и институциите, рече пратеничката Весна Георгиева од ВМРО-ДПМНЕ на денешната расправа во надлежната Комисија за финансирање и буџет во Собранието.
Според неа овој Предлог буџет за 2026 година нуди јасна визија, стабилна основа.
„Пораката од буџетот за следната година е силна порака економски раст и фискална дисциплина во државата“, вели Георгиева.
Проектираниот раст на економијата за 3,8 раст е многу важен и покажува дека се нуди континуиран раст.
„Ова е сигнал дека економијата продолжува да се развива со забрзано темпо. Ова покажува дека Владата води внимателна, одговорна и умерена економска политика. Ова е внимателно испланиран буџет без авантури и со одговорност кон идните генерации“, заклучи Георгиева.
Економија
Костадиновска Стојчевска: За 91% е намален буџетот за инспекторатот за македонски јазик
Со предлог буџетот за 2026 година има намалување на буџетот на инспекторатот за македонски јазик за 91 %, кој е заснован врз основа на законот за македонски јазик, која сите заедно го донесовме во 2024 година, истакна пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска во своето обраќање пред собраниската комисија за финансирање.
Таа додаде дека и покрај тоа што владеачкото мнозинство при ребалност вети дека ова нема да случи.
Кога со ребаланост се намалија средствата рековме дека нема да дозволиме тој да не профункцира, за потоа да донесете измени во законот со кои инспекторатот се намали на ниво на одделение, отсек во министерството за култура, за сега да добие 91% намален буџет, нагласи Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека и нема услови за работа на инспекторатот, а нема ниту огласи за вработување лектори.
Костадиновска Стојчевска истакна дека не се доделени никакви средства адаптација на основното училиште во Љубојно во центар за промоција на македонски јазик, каде нема никакво придлижување.
Буџетот за реконструкцијата на објектот Музеј на Македонија е намален 33%, а да ве потсетам таму се на ревитализација иконите вратени по првата реституција, и тоа 21 икона украдени во 2013 година, а откако ќе се ревитилазираат треба да бидат изложени во тој музеј, рече Костадиновска Стојчевска.
Тоа кажува за приоритетите на министерството за култура, рече пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска пред собраниската комисија за финансирање.

