Економија
Бектеши: 16 милиони евра поддршка од Владата за ваучери за домашен туризам
Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска во Струга одржа состанок со претставници на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ ) и градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко.
На сoстанокот министерот ги презентира мерките за поддршка на туризмот од третиот пакет-мерки на Владата и ги слушна барањата и мислењата на туристичките работници за тоа како побргу да се рестартира овој сектор.
Министерот ги информира туристичките работници дека во третиот пакет-мерки што го донесе Владата предвидени се ваучери за домашен туризам од 100 евра и домашна платежна картичка од 50 евра. Со оваа мерка, како што потенцира Бектеши, се опфатени сите вработени граѓани што примаат плата помала од 15.000 нето месечно и немаат други приходи. Како што рече Бектеши, ваучерот може да се користи во домашните хотели и други сместувачки капацитети, а со платежната картичка поттикнуваме купување домашни производи и услуги.
„Денеска, ми беше чест и задоволство заедно со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, претседателот и членовите на ХОТАМ, отворено да разговараме за последните мерки за поддршка на секторот туризам, кои ние како Влада веќе ги усвоиме. Ја искористив оваа можност пред присутните да го објаснам начинот за реализација на мерките, кои се резултат на нашата заедничка координација на сите засегнати страни во секторот туризам, при што ние како претставници на Владата отворено разговаравме, но воедно и ги разгледавме нивните сугестии, коментари и барања, а во интерес на хотелиерството во целина, како и подобрување на услугите за сите посетители на нашата држава“, истакна Бектеши.
Министерот информира дека во сетот мерки во третиот економски пакет предвидени се над 16 милиони евра, односно на над 100 илјади граѓани ќе им се доделат ваучери со цел да ги искористат во категоризираните хотели, но и во приватни капацитети категоризирани во склоп на општините, со што ќе се поттикне потрошувачката, ќе се поддржи овој многу важен сектор за економијата во нашата држава.
Бектеши истовремено истакна дека веќе наредна недела очекува дека ќе ја имаат првичната нацрт-верзија на јавниот повик за оваа сезона.
„Како Министерство за економија и како Влада, продолжуваме посветено да работиме и да се координираме со сите засегнати страни во секторот туризам сè со цел заеднички да ја надминеме со што помал ризик оваа здравствена, но секако и социо-економска криза“, рече Бектеши.
Претседателот на ХОТАМ ја искористи можноста да им се заблагодари на министерот за економија и градоначалникот за укажаната можност за дискусија на овој состанок, кој е многу важен за туристичкиот сектор, затоа што секојднево се соочуваат со сè повеќе откажувања од странски тур-оператори, а надежта ја гледаат токму во домашните гости.
„Се собравме да дискутираме како технички би се реализирале мерките бидејќи сезоната почнува многу бргу. Загубите се големи, осеобено во хотелско-угостителскиот дел, но исто така и во ресторанскиот, но мораме сето ова да го надминеме заеднички и да продолжиме понатаму. Земјите од регионот веќе полека почнуваат да се отвораат, се надевам дека и нашите стручни служби ќе излезат со препорака за отворање на сезоната, дека оваа пандемија бргу ќе заврши, а ние ќе можеме да функционираме нормално понатаму.
„Денешната средба е уште една потврда дека заложбите што ги преземаат министерот за економија и Владата, генерално, за помош на туристичкиот сектор, се добредојдени и во Охридско-струшкиот Регион. Искрено посакувам што побргу враќање во нормала на турстичкиот сектор, посета од домашните гости, но секако добредојдени се и странските туристи“, истакна Мерко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

