Економија
Белгискиот авиопревозник „Брисел ерлајнс“ од јуни почнува со летови до Охрид
Белгискиот авиопревозник „Брисел ерлајнс” од 17 јуни оваа година ќе лета до Охрид, велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
На нивната официјална веб-страница Охрид е промовиран како еден од оние градови што никогаш не се забораваат. Дестинацијата ја гледаат како вистински дијамант кој сѐ уште не е откриен од масовниот туризам. Охрид го доживуваат како можност за поинакво искуство каде ќе можат да се најдат рурални предели со уникатни пејсажи, прошетки по магичното езеро, плажи, бесконечно калдрмирани улици, а пред сè, место со наследство под заштита на УНЕСКО.
Директоорт на Агенцијата за туризам, Љупчо Јаневски, потенцира дека бројот на туристи од Белгија продолжува да расте во континуитет. Во 2018 во споредба со 2017 година, растот на белгиски туристи во Македонија во период јануари-ноември е зголемен за 33 проценти, додека бројот на остварени ноќевања бележи раст од 25 отсто.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот од вчера ги претставува туристичките потенцијали на Македонија на Интернационалниот саем за туризам во Брисел Salon des Vacances. Саемот за туризам е посетен од страна на 105.000 посетители од 800 дестинации и 350 егзибитори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

