Економија
Бесими-Ван Гелдер: Интегрираниот систем за јавни финансии е еден од приоритетите за идна соработка со Светска банка
„Еден од приоритетите за финансирање преку четиригодишната Рамка за соработка со Светска банка е Интегрираниот информациски систем за управување со финансии – ИФМИС“, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими на средбата со директорката на Светска банка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер. Овој систем ќе обезбеди интегрирано следење на приходите и расходите од нивно планирање до целосна реализација, со што ќе се подобри и буџетирањето и реализацијата.
Како што посочи министерот за финансии, овој систем е дел од новиот Закон за буџети, кој од неделава е поставен на ЕНЕР за јавна дискусија. Новиот концепт на функционирање кој се предвидува со оваа реформа ќе донесе подолгорочно планирање, зајакнување на програмското планирање, следење на реализација на проектите и согласно тоа понатамошна распределба на средства. Со воведувањето на овој концепт ќе се решат повеќе прашања, вклучително и планирањето и реализацијата на капиталните инвестиции.
Министерот посочи дека имплементирањето на овие реформи, односно на концептот СМАРТ финансии – систем кој е стратегиски и кој мери резултати, е од исклучително значење за реализацијата на поставените развојни цели. Тој посочи дека ако изминатите 10 години просечната стапка на економски раст во земјава изнесувала 2,6%, таргет на Владата по надминување на КОВИД-19 кризата се стапки на раст од 4% и повеќе. Покрај нов реформиран систем на јавни финансии, кон ваквиот развој би придонеле и реформите во насока на поголема конкурентност, инвестициите во човечки капитал, дигитализацијата, ориентираноста кон зелена економија, борбата против сивата економија и други структурни реформи кои би го зајакнале системот.
На средбата беше разгледана и реализацијата на четиригодишната стратегија, односно Рамката на соработка 2019-2023 со Светска банка. Проектите во четиригодишната стратегија се фокусираат на три области: извозно-ориентиран раст инклузивен раст и одржлив раст. Досега во рамки на стратегијата, Светска банка ги има одобрено следните проекти: Проектот за модернизација на социјалната администрација, Проектот за локални патишта, Проектот за модернизација во земјоделството, Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан и Проектот за итни реакции за справување со КОВИД-19 кризата.
Во текот на следната недела на Собрание ќе се разгледува предлог-законот за Проектот за итни реакции за справување со КОВИД-19. Станува збор за заем од 90 милиони евра со кој ќе се опфати здравствениот сектор, ќе се обезбеди привремена поддршка за социјална помош и привремена поддршка за надоместок во случај на невработеност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

