Економија
Бесими: Иднината на Западен Балкан е во ЕУ и единствениот европски пазар
Заедничка цел на сите земји од Западен Балкан е да бидеме дел од ЕУ и од единствениот европски пазар. Само ЕУ интеграцијата, регионалните интеграции и единствениот пазар можат да придонесат за економски развој, како на национално, така и на регионално ниво. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во обраќањето на Преспа форумот за дијалог, говорејќи на панел-дискусијата на тема „65 години по Договорот од Рим: Дали Европа е целосно економски обновена и интегрирана?“.
„По 65 години од Договорот во Рим, европскиот единствен пазар е најголемата економска област во светот и едно од најголемите достигнувања на Европската Унија, со околу 500 милиони потрошувачи, 24 милиони компании и околу 17 милиони граѓани кои работат или живеат во различна земја од онаа од која потекнуваат. Сето ова придонесува кон подобри услови за живот за граѓаните, а воедно и за подобар економски резултат, рече министерот Бесими потенцирајќи ја важноста на поврзаност.
Тој порача дека имајќи ја предвид актуелната состојба во која живееме, војната на европско тло и предизвиците кои произлегуваат од тоа регионот треба да биде дел од ЕУ и дека ЕУ да биде целосна веднаш треба да го интегрира Западниот Балкан.
„Европа покажува дека се подобро се справува со предизвиците. Тоа го покажа со ковид-кризата, сега со предизвиците поврзани со воведените санкции со Русија, но во сета таа криза го покажува и одговорниот однос кон земјите од Западен Балкан“, истакна министерот и додаде дека иднината и на ЕУ и на земјите од Западен Балкан по оваа криза е да се даде предност на процесите на дигитализација, зелената транзиција, инфраструктурна поврзаност на регионот, човечкиот капитал, како и доброто владеење и борба со корупцијата. Тоа се петте цели кон кои заедно треба да бидеме насочени во иднина, со цел развој и постигнување подобри услови за живот за граѓаните.
Сесијата посветена на 65 години по Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски обновена и интегрирана“ ја отвори премиерот Димитар Ковачевски, а меѓу учесниците беа и премиерката на Србија Ана Брнабиќ, Мајлинда Брегу – генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Матео Бономи – експерт за економија од Меѓународниот институт во Рим., како и Горан Ѓуровиќ – министер за економски развој и туризам на Црна Гора и Артане Ризваноли – министерка за економија на Косово.
Преспа форумот за дијалог (ПФД) е платформа креирана од Владата на Република Северна Македонија со цел да им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долгорочни односи и да ги зајакнуваат партнерствата. Годинашното второ издание се одржува во Охрид и е посветено на актулни безбедносни, политички и економски прашања со кои се соочува Европа и Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.