Економија
Бесими: Ребалансот има две цели – да ја задржи стабилноста и да ги поддржи економијата и граѓаните
Со предлог-ребаланс на буџетот треба да се постигнат две основни цели. Прво, да се одржи макроекономската стабилност, што е од суштинско значење за понатамошниот раст и развој на секоја економија. Второ, да се поддржи економијата за враќање во претпандемиското ниво, како и одржување на социјалната сигурност на граѓаните. Ова го посочи министерот за финансии Фамир Бесими во своето експозе на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
-Цели кои треба да се постигнат со овој документ е таргетирана поддршка за граѓаните и фирмите за надминување на предизвиците кои ги донесоа новите светски кризи. Ова ќе се постигне преку антикризни мерки, раст на пензиите и минималната плата, раст на поддршката за социјалните категории и раст на субвенциите за земјоделците со цел да се поттикне домашното производство. Понатаму, реализација на амбициозна инвестициска агенда во инфраструктурата од над половина милијарда евра, со цел да се даде поддршка на економскиот раст, во услови на забавување на светската економија и фискална одржливост и зачувување на макроекономската стабилност – посочи во своето излагање министерот за финансии Бесими.
Со предлог- ребалансот на буџетот приходите се проектирани на 245,8 милијарди денари и истите се за околу 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции, додека расходите на ниво од 288,5 милијарди денари, или за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.
Тековните трансфери се планирани на ниво од 189,7 милијарди денари или за околу 19 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2022 година.
-Тука се планирани средства за антикризни мерки, но и други мерки за таргетирана поддршка за надминување на кризата. Би се осврнал на тоа зошто таргетирана поддршка. Ако првиот пакет на мерки беа општи со цел да забави инфлаторната спирала, следните мерки ќе бидат насочени повеќе кон одредени целни групи кои се најзасегнати од кризата и кои без тие мерки не би можеле да ги надминат овие ефекти. Ова е впрочем и препораката на меѓународните финансиски институции, како ММФ и Светска банка, но и на Европската Унија – да се дејствува со мерките кон целни категории – рече Бесими.
Во ребалансот предвидени се 4,7 милијарди денари дополнителна финансиска поддршка за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи.
Исто така, предвидени се и дополнителни субвенции и трансфери за земјоделците, односно на првично планираните субвенции дополнителни 3,2 милијарди денари. Овие средства имаат за цел да ги стимулираат приносите и продуктивноста, за да се амортизираат на ценовните притисоци на основните прехранбени производи,
Планирани се и повисоки трансфери до општините, пред сè поради раст на блок-дотациите за покачување на платите во градинките и во основните и средните училишта за 15%.
Со ребалансот се предвидуваат и средства за раст на пензиите согласно новата методологија според индексот на трошоците за живот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во висина од 50%. Планирани се и дополнителни 2,4 милијарди денари за корисниците на правото на гарантирана минимална помош.
Предвидени се средства за субвенции на придонеси за поддршка на работодавачите за раст на платите во приватниот сектор, вклучително и ефектот за субвенционирање на придонесите за минималната плата.
Расходите за исплата на платите се проектирани на ниво од 33,2 милијарди денари во чии рамки е содржан ефектот на усогласувањето на платите на вработените кај буџетските корисници со минималната плата од една страна и ефектите од контрола на новите вработувања и оптимизација на јавната администрација, од друга страна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

