Економија
Бесими: Ребалансот и антикризните мерки ќе ги следат економските движења
Имплементација на антикризните мерки ќе ги следи економските движења, при што се очекува повеќето од нив да бидат активни четвртиот квартал од годината. Ќе има мерки и за граѓаните и за фирмите, како и за поддршка за стабилизирање на цената на храната. Истовремено, преку прудентната политика ќе се задржи фискален простор, како и клучно, ќе се осигура одржувањето на макроекономската стабилност, пишува во својата колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими.
„Со ребалансот се обезбедуваат дополнителни 19 милијарди денари насочени кон повеќе категории и цели за апсорбирање дел од ефектите од кризата. Околу една четвртина од овие средства се резерва за мерки. Понатаму, обезбедени се дополнителни средства за земјоделците за поттикнување на домашното производство, а со тоа и поволно дејствување врз цените на храната. За најранливите категории граѓани, обезбедени се дополнителни средства за поддршка за справување со ценовните шокови, а се предвидуваат и средства за покачување на пензиите – системски, во согласност со растот на платите и трошоците за живот. Во ребалансот има дополнителни средства и за компаниите за субвенционирање покачување на платите, како и програми за поддршка на инвестиции“, пишува министерот за финансии.
Бесими наведува дека дополнително, надвор од буџетот, како поддршка на граѓаните и стопанството за справување со енергетската криза и инфлацијата се и поволните заеми од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во износ од 100 милиони евра за ликвидноста на ЕСМ, кои ја го апсорбираат ценовниот шок на регулираниот пазар, односно се субвенционираат сметките на домаќинствата. Исто така, достапни се и средства од Европската инвестициска банка во износ од 100 милиони евра за поддршка на стопанството преку поволни и бескаматни кредити, на кои преку моделот на планот за забрзан раст ќе се приклучат и комерцијалните банки со дополнителни 100-200 милиони евра. Исто така, тука се и постојните мерки пресметани во ребалансот, како намалениот ДДВ за електрична енергија за домаќинства, враќање 2,2 милијарди денари на граѓаните преку проектот „Мој ДДВ“ и други мерки што се системски поставени и им помагаат на ранливите катеории, како гарантираниот минимален доход и други активни мерки на пазарот на трудот, вклучително и новата методологија за раст на пензиите и минималната плата со инфлацијата и растот, со цел заштита на нивниот животен стандард и интегритет.
Бесими посочува и дека и покрај кризата, се задржува високата развојна компонента на буџетот со 32,1 милијарди денари капитални инвестиции, кои и покрај надолната корекција, со ребалансот се на највисокото историско ниво досега.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

