Економија
Бесими: Ребалансот одговор на реалните потреби, приоритети се здравјето, поддршката на граѓаните и стопанството
Здравјето на граѓаните, здравата економија, како и здрави финансии и општество воопшто остануваат клучни приоритети за оваа година. Во таа насока е и ребалансот на буџетот за 2021 година, во кој има раст на приходите од 4,7 отсто или речиси 10 милијарди денари, повеќе средства за капитални расходи за 24 отсто, како и дополнителни средства за мерките за поддршка на домаќинствата и стопанството, за здравството и за процесот на имунизација на населението, зголемена поддршка на земјоделството и социјално ранливите категории.
Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими, образложувајќи го ребалансот на буџетот за 2021 година, кој од денеска е на дневен ред пред пратенциите во Собранието на РС Македонија.
„Фискалната политика секогаш треба да даде одговор на реалните потреби, да ги поддржи економскиот раст и развој, отворањето нови работни места и подобриот животен стандард за граѓаните. Затоа, основите цели на буџетот за 2021 година се зајакнување на финансирањето на системот на здравствена заштита и зачувување на здравјето и животите на граѓаните, поддршка на економската стабилизација и поставување на темелите на солидно економско заздравување и забрзан раст, како и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка за реформите во правосудството и евро-атлантските интеграции“, истакна министерот.
Потенцирајќи дека ребалансот за 2021 е одраз на економските состојби, грижа во поглед на користење на јавните средства и нивно насочување кон реализација на поставените таргети, како и посветеност во справувањето со пандемијата, министерот рече дека фискалниот стимул за стопанството и граѓаните продолжува до целосно заздравување и враќање на економијата на патот на економски раст. Притоа наведе дека останува заложбата да инвестираме во трајни добра со фокус на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот сектор, земјоделството и заштитата на животната средина.
Министерот посочи дека приходите во буџетот имаат одлична реализација. Од почетокот на годината заклучно со јуни 2021 година реализирани се во износ од 101,1 милијарда денари, што претставува 47,5 отсто во однос на планот и забележаа раст од 15,6 отсто во однос на тој период лани.
Расходите исто така се реализираат редовно и навремено и се во рамките на предвидувањата и очекувањата. Заклучно со јуни 2021 година реализирани се во износ од 116,8 милијади денари, што е 47,2 отсто во однос на годишно планираниот износ или раст од 3 отсто во однос на тој период претходната година.
Годинава се очекува економијата да заздрави, при што растот е проектиран на 4,1 отсто. Во првите четири месеци од 2021 година размената значително се интензивира, извозот на стоки забележа номинален раст од 40,7 отсто, а увозот на стоки од 34,4 отсто. Податоците за индустријата покажуваат дека во март е прекинат падот на производството во претходните два месеца, а во април растот достигна 46,1 отсто, стапката на невработеност продолжи да се намалува и достигна 16 проценти, а платите забележаа просечен раст од 4 отсто, раст од 48,2 отсто е забележан и кај капиталните расходи во првите шест месеци во однос на тој период лани.
Значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање ќе имаат инвестициите. Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8 отсто во 2021 година, во услови на очекуван раст и на јавните и на приватните инвестиции. Потрошувачката се очекува да забележи реален раст од 4 отсто, а растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3 отсто. Извозот се предвидува да забележи раст од 10,6 отсто, а увозот раст од 11 отсто на реална основа. Бројот на вработени е предвидено да се зголеми 1 отсто, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,5 отсто, а стапката на невработеност да се намали на 15,8 отсто.
Вкупните приходи со измените и дополнувањата на буџетот за 2021 година се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари или 4,7 % повисоки во однос на иницијалните проекции на буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или 8,6 отсто повисоки во однос на планот. Планираните приходи и расходи претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП.
Со ребалансот се обезбедени повеќе пари за капитални расходи, дополнителни средства за здравствениот сектор, кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза. Во насока на продолжување на мерките од претходните пакети, со цел обнова на економијата и враќање на стапките на економски раст пред настапувањето на кризата, предвидени се средства за мерки од петтиот и шестиот пакет дизајнирани за директна поддршка на стопанството и компаниите, средства за исплата на регрес за годишен одмор во согласност со гранскиот колективен договор за државните институции и средства за ангажирање образовани асистенти за деца со посебни потреби. Со ребалансот исто така се врши ограничувње и сведување на несуштинските трошења кај буџетските корисници на минимум.
Дополнително, во согласнот со фискалната стратегија 2022-2026 година, покрај подобрената структура на јавните финансии со зголемено учество на капиталните расходи, предвидена е и етапна фискална консолидација преку намалување на буџетскиот дефицит како процентуално учество во БДП, и тоа: 4,3 отсто во 2022 година, 3,5 отсто во 2023 година, 2,9 отсто во 2024 година, 2,5 отсто во 2025 година и 2,2 отсто во 2026 година.
Буџетот на РСМ целосно е креиран во функција на остварување на стратешките приоритети, забрзување на економскиот раст, приоритетот за интегративните процеси на Република Северна Македонија во ЕУ и обврските што произлегуваат од членството во НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

