Економија
Био гасната електрана „Био ентерпрајз“ работи со полн капацитет

Био гасната електрана на Централинвест, „Био ентерпрајз“, работи со полн капацитет, со својата инсталирана моќност од 2 мегавати.
Обезбедува континуирано производство на електрична енергија во текот на 24 часа во денот и е значаен извор на базна енергија во рамките на портфолиото на ФЕРОИНВЕСТ/Централинвест, во кое има различни електрани на обновливи извори: на вода, сонце и биогас.
Во електраната е вградена најсовремена опрема со која целиот процес е автоматизиран.
Во електраната се вработени 20 лица, дел ангажирани на оперирање со електраната, а дел на поготовка на погонското гориво-силажа и отпад, што подразбира ангажираност во земјоделски и други работи.
Овој тип на електрани произведуваат електрична енергија од органски отпад, со тоа ја чистат околината, а како нус производ е топлинска енергија за оранжерии и ѓубриво за земјоделието, што значи дека придобивката од овие капацитети е повеќекратна.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Седница на Советот на Народната банка: Донесена е регулатива за операционализација на Законот за решавање банки

Советот на Народната банка донесе 12 одлуки со кои се заокружува регулативната рамка за решавање банки, со што се обезбедува усогласување со највисоките меѓународни стандарди и добри практики. Овие одлуки претставуваат значаен чекор кон натамошно зајакнување на стабилноста на финансискиот систем и заштита на јавниот интерес.
Со овие подзаконски акти се операционализира Законот за решавање банки, којшто беше донесен на 3.10.2023 година, при што со нив се регулираат два основни вида активности: активностите коишто Народната банка и банките ги преземаат во редовното работење (т.н. подготвителни активности) и активностите коишто Народната банка ги презема во случај на решавање банка којашто е од јавен интерес и за која се исполнети условите за престанок со работа, известуваат од Народната банка.
Најзначајна активност во рамките на првата група активности е изработката на план за решавање за секоја банка и оцената на можноста за нејзино решавање. Целта на овие активности е обезбедување подобра подготвеност на Народната банка и банките за справување со кризни ситуации. Со цел да се зголеми отпорноста на банките во рамките на подготвителните активности, Народната банка ќе ја утврдува и висината на минималната стапка на сопствени средства и дозволени обврски (МРЕЛ) којашто секоја банка треба да ја исполнува. Во согласност со Законот, банките треба да ја достигнат висината на оваа стапка најдоцна до 31 декември 2032 година. Исто така, за потребите на финансирањето на решавањето банки е предвидено создавање Фонд за решавање банки, којшто ќе се финансира од годишните придонеси на банките и од други извори. Народната банка ја пропишува методологијата за утврдување на висината на годишните придонеси на банките во Фондот, а исто така ќе одлучува и за неговата употреба во случај на решавање банка. Со втората група подзаконски акти подетално се регулираат активностите и инструментите за решавање и овластувањата и одговорностите на Народната банка во случаите кога се исполнети условите за решавање банка, соопшти Народната банка.
Примената на овие одлуки започнува на 13 октомври 2025 година, со влегувањето во сила на Законот за решавање банки. Во согласност со овој закон, Народната банка е надлежен орган за решавање банки.
Економија
Мицкоски: Развојот на нови авиолинии е стратешка инвестиција во иднината на нашата економија

Развојот на нови авиолинии не е само техничко прашање, туку стратешка инвестиција во иднината на нашата економија, туризам и меѓународна соработка, истакнува премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, нашата држава, со својата стратешка локација на Балканот, има потенцијал да стане значаен центар за воздушен сообраќај.
„Затоа нашата Влада активно работи на: Воведување нови авиолинии – Преку партнерства со реномирани авиокомпании како „Туркиш Ерлајнс“, обезбедуваме директни летови до клучните европски и светски дестинации.
Поттикнување на нискобуџетни превозници – Ова ќе овозможи подостапни билети за нашите граѓани и ќе привлече повеќе туристи и инвеститори.
Модернизација на аеродромите – Подобрувањето на капацитетите и услугите во аеродромите во Скопје и Охрид ќе создаде услови за зголемен број летови.
Промоција на нашата земја како авиотранспортен центар – Работиме на меѓународни договори и иницијативи кои ќе ја зголемат атрактивноста на нашата земја за деловни и туристички патувања.
Воведувањето нови авиолинии значи побрзо и полесно поврзување со светот, зголемување на туризмот, нови економски можности и унапредување на имиџот на нашата држава“.
Мицкоски додаде дека Владата инвестира во патишта, аеродроми и железнички врски за да земјата биде подостапна за туристите.
„Работиме и на промоција на Македонија како туристичка дестинација како и поддршка за малите и средни туристички бизниси.
Нашата цел е јасна – да ја направиме Македонија не само дестинација за посета, туку и место во кое туристите ќе се враќаат повторно и повторно“, според премиерот.
Економија
Николоски: Охрид преку Истанбул од денеска го поврзуваме со цела Европа и светот

Со обсмислена стратегија успеваме охридскиот аеродром да го развиваме. Денеска ја воспоставуваме новата и најважна линија Охрид-Истанбул со која Охрид преку Истанбул ќе го поврземе со цела Европа и светот, истака вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на воведувањето на новата авиолинија Охрид-Истанбул.
„Ова е комплетно нова димензија за охридскиот аеродром и целосно нов развој на охридскиот аеродром затоа што најголемата светска авиокомпанија Туркиш ерлајнс воведува директна линија, четири пати неделно со најголеиот аеродром во Европа, аеродромот во Истанбул, што многу ќе значи за бројот на патници и не само за туризмот туку и редовното патување, затоа што аеродрмот во Истанбул е со најмногу конектинг летови во Европа. Веќе познавам луѓе кои имаат купено карти од Торонто за Охрид или од Вашингтон за Охрид затоа што преку Истанбул со конектинг летови ќе можат да додјат во Охрид што драстично ќе го зголеми бројот на патници и тоа ќе помогне да се развива тузимот, бизнисот, комуникациите, што е комплетна нова диманзија за охридскиот аеродром“, рече тој.
Појасни дека ова е резултат на обмислена стратегија.
„Го променивме целосно моделот на субвенционирање, за охридскиот аеродром од претходно 4,5 евра зголемивме на 12 евра по патник. И наместо за заминување, плаќаме за доаѓање затоа што целта е да даѓаат луѓето тука, ги променивме и другите услови и тоа го даваат резултатот. Веќе имаме две нови дестинации до Охрид, тоа е Истанбул и Базел, имаме нови осум дестинации од Скопје. Но од сите 10 дестинации за мене најважна е Истанбул бидејќи отвора нова врата за охридскиот аеродром и за целиот регион. Во преговори сме и тие преговори за брзо време треба да завршат со една голема компанија која што очекувам да донесе две до три нови дестинации и на тој начин да расте бројот на дестинации на охридскиот аеродром“, додаде тој.
Целта како што рече е во рок од две години да имаме најмалку десет нови дестинации од Охрид, што целосно ќе го трансформираат туризмот во Охрид, бизнисот и комуникациите.
„И тоа што е особено важно, оние чартери кои што почнаа на Флајбирд во следната година наместо еден да се два дневно и да слетуваат во Охрид наместо во Скопје. И пуштањето на автопататот на тие 40 -тина километри од Врбјани до Охрид секако многу ќе значи за охридскиот аеродром”, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.