Економија
Бислимовски: БЕГ да ги сторнира сметките за парно, во нив не е пресметана сумата од субвенциите за топлинска енергија

Снабдувачот со топлинска енергија БЕГ на скопјани им достави повисоки сметки за 40 % наместо со најавеното покачување од 14 отсто, па Регулаторната одлука побара од БЕГ да ги сторнира сите сметки што се испратени до потрошувачите затоа што во нив не била пресметана сумата што Владата ја дава како субвенција за топлинска енергија.
„Изминатите два дена голем број граѓани до РКЕ поднесуваат поплаки за 40 отсто поголеми сметки. Во овие сметки не е пресметана субвенцијата што Владата ја дава за топлинска енергија. РКЕ бара БЕГ да ги сторнира сите сметки што се испратени до потрошувачите и да се изготват нови сметки во кои ќе се пресмета субвенцијата што ја добиваат граѓаните од Владата. Средства во буџетот се обезбедени за оваа намена, но ако треба, ќе се донесе нова одлука. Потенцирам, сметките се испраќани на 30-31 август, а месецот не беше завршен. Мора да се издадат нови сметки“, рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Првиот човек на РКЕ, сепак, вели дека постои можност да дошло до одреден административен пропуст и да истекол рокот на владината одлука за субвенционирање на топлинската енергија.
БЕГ, иако ги загуби лиценците, сѐ уште управува со парното греење сѐ додека Владата не одреди нов оператор до почетокот на грејната сезона.
Орце Костов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски порача дека невработеноста паѓа, а економијата оди напред

Премиерот Христијан Мицкоски денеска преку објава на „Фејсбук“ порача дека најновите податоци ја потврдуваат економската стабилизација и растот кој, според него, е резултат на одговорни владини политики.
„Ја стабилизираме економијата, создаваме услови за економија која оди напред, граѓаните имаат повеќе работа, а трговската размена е во пораст“, напиша Мицкоски.
Тој посочи дека стапката на невработеност е намалена на 11,5 проценти, што претставува пад од еден процент во однос на истиот квартал минатата година.
„Во споредба со вториот квартал од 2024 година, денес имаме околу 10.000 нови вработени и над 7.000 помалку невработени. Тоа се илјадници семејства со поголема сигурност и иднина“, нагласи премиерот.
Мицкоски се осврна и на трговската размена, посочувајќи дека во јули извозот пораснал за 4,69 проценти, а увозот за 4,35 проценти.
„Во периодот јануари–јули, извозот е зголемен за 5,41 проценти, а увозот за 4,83 проценти. Вкупната трговска размена во првите седум месеци е поголема за 5,07 проценти во однос на истиот период лани“, додаде тој.
„Ова се реални резултати од одговорни политики. Додека опозицијата шири црнила и се надева на неуспех, ние испорачуваме резултати. Додека тие блокираат и кочат, ние градиме и носиме подобар стандард за секое семејство. Македонија оди напред, со повеќе работни места, посилен извоз и стабилна економија. Ова е времето на работа, резултати и развој“, порача премиерот во својата објава.
Економија
Стојаноски: Економијата се буди, граѓаните наскоро ќе почувствуваат подобар живот

Во рамки на новото издание на емисијата „Ставот на регионот“ гостуваше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој говореше за состојбата на македонската економија и најави подобрувања што, според него, ќе донесат повисок стандард за граѓаните.
„Три квартали по ред имаме раст на БДП од над 3%. Индустриското производство од месец јули, споредено со јуни претходната година, е зголемено за 4,1%, а преработувачката индустрија бележи раст од 7%. Дополнително, забележуваме и поголем број туристи кои доаѓаат во државата“, изјави Стојаноски.
Тој нагласи дека Македонија гради темели на нова економска филозофија, чија цел е повисок стандард, подобри плати и пензии и поквалитетен живот за сите граѓани.
„Овие показатели укажуваат дека македонската економија полека заздравува. А кога ќе влеземе во полн ек на реализација на капиталните инвестиции и ќе го развиеме градежништвото, како клучна гранка, ќе имаме уште повеќе можности да помагаме и со дополнителни мерки“, додаде Стојаноски.
Економија
Николоски: Голем раст на градежништвото и транспортот

Бруто домашниот производ порасна за 3.4% во април, мај и јуни. Особено ми е драго што секторите градежништвото, транспорт и складирање силно растат! Тие се двигатели на македонската економија! Во вториот квартал секторот градежништво порасна за 7.3%, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Голем раст на градежништвото, транспортот и складирањето.
Премиерот Христијан Мицкоски објави одлични вести за македонската економија – во месеците април, мај и јуни бруто домашниот производ порасна за 3.4% . Особено ми е драго што секторите градежништвото, транспорт и складирање силно растат! Тие се двигатели на македонската економија!
Во вториот квартал секторот градежништво порасна за 7.3%, уште посилен раст од тој во првиот квартал од 7.1%, додека секторот транспорт и складирање порасна за 6.0% .
Со засилената активност во делот на изградба на патишта, инвестиции во железници и проекти од локално значење растот во третиот квартал ќе биде уште посилен благодарение на вредните работници кои работат во секакви временски услови и јасните политики и стратегија на Владата и Министерството за транспорт.
Ја градиме Македонија“, напиша вицепремиерот Николоски.