Економија
Битиќи: Во 2022 поддржавме 433 компании од преработувачката индустрија и имаме 560 милиони евра странски инвестиции
Преструктуирањето на нашата економија е предизвик на кој се нафати и на кој успешно работи оваа Влада и со гордост можам да кажам дека овој процес е веќе почнат и се движи во добра насока, при што само во минатата година имаме 560 милиони евра странски инвестиции и стотици поддржани домашни компании, изјави заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на годишната конференција „Година на нови можности“.
На почетокот на панелот вицепремиерот Битиќи потсети дека планот за економски раст е мерка што оваа Влада ја постави со среднорочна развојна компонента и која влијае на менување и на реструктуирање на нашата економија.
„Минатата година имавме експоненцијален раст на бројот на поддржани компании во зависност од 2021 година или за 107 % повеќе поддржани компании или минатата година беа поддржани 433 компании во производствениот сектор. Целокупната поддршка дадена по основ на разни механизми се над 45 милиони евра. Првпат преку планот за економски раст почнавме, наместо поддршка на инвестициите само на странските инвестиции, да ги поддржуваме сите видови инвестиции, без разлика дали се тие домашни или странски и можам со гордост да кажам денеска дека навистина имаме што да покажаме како исход на оваа променета политика. Ова покажува дека Владата не е фокусирана само на еден од параметрите во економијата, а тоа е растот на БДП како макроекономска категорија, туку клучно е дали се поддржуваат компаниите“, изјави вицепремиерот Битиќи.
Според него, поддршката во производствениот сектор во изминатите 5 години значително ја има променето целата структура, при што наспроти зборувањето за поддршка на компаниите и поддршка на стопанството, значително се зголемува и процентот за поддршка во истражување и развој кај компаниите. Еден од предизвиците и понатаму е намалувањето на празнината меѓу регионите внатре во државата, при што бројките укажуваат дека од година на година растат инвестициите надвор од Скопскиот Регион.
„Третата системска работа што ја воспоставивме во политиките за развој и промената на економијата е сегментот преку економски мерки и политики да влијаеме на рамномерниот регионален развој наспроти креирање економски политики, кои го продлабочуваат јазот во регионите, креирање политики што го сузбиваат и намалуваат јазот помеѓу регионите“, рече Битиќи.
Како последно, што претставува вовед во преструктуирањето на економијата, вицепремиерот го потенцира пристапот на привлекување странски инвестиции.
„Слушам дали воопшто знаеме како се привлекуваат странски инвестиции. Јас ќе одговорам со еден прост одговор, а тоа е – да, многу добро знаеме како ќе се привлекуваат инвестиции затоа што бројките укажуваат. Минатата година, според централната банка, имаме 560 милиони евра странски инвестиции и она што ме радува е што за тоа користиме средства на нашите граѓани за да го промовираме. Има една изрека на англиски – најдобриот начин за да промовираш е да ги поттикнеш компаниите да инвестираат е добриот збор од уста“. Тоа е она што го правиме“, вели Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска – Коњановски: Eнергетскиот развој на Битола важен чекор за поефикасна и одржлива општина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на која беа разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка и реализација на заеднички развојни приоритети во наредниот период.
Во фокусот на разговорите беа проектите за енергетска ефикасност како клучен инструмент за намалување на трошоците на локално ниво, модернизација на јавната инфраструктура и создавање поодржлива урбана средина. Соговорниците се согласија дека општините имаат суштинска улога во енергетската транзиција, а државната поддршка мора да се претвори во конкретни и мерливи резултати за граѓаните.
Министерката Божиновска нагласи дека партнерството меѓу централната и локалната власт е предуслов за ефикасна реализација на реформите во енергетиката.
„Енергетската ефикасност е директна инвестиција во квалитетот на живот. Нашата цел е секоја општина да добие реална можност за модернизација, пониски трошоци и одржлив локален развој,“ истакна Божиновска.
На средбата беше договорено продолжување на координираните активности меѓу Министерството и Општина Битола, со имплементација на проекти што ќе донесат долгорочни придобивки за граѓаните и локалната економија.
Економија
(Видео) Тренчевска до власта: Намалете од луксузот и зголемете ја минималната плата на 600 евра
Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на труд и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците, рече потпреседателката на СДСМ, Јована Тречевска, на денешната собраниска седница на којашто на дневен ред е предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Таа посочи дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки. Таков бил и случајот со зголемувањето на минималната плата во 2022 година, за време на владеењето на СДСМ, од 15.000 на 18.000 денари, направено во дијалог со работниците и работодавачите.
„Често слушаме дека сегашната Владата остава работодавачите и работниците сами да се договорат, но социјалниот дијалог во државата е трипартиски: во него се вклучени Владата, работниците и работодавачите. Владата не може да биде само модератор, туку е активен учесник и партнер во социјалното договарање, слушајќи ги барањата на работниците и поддржувајќи ги и работодавачите,“ посочи Тречевска.
Таа рече дека во времето кога СДСМ ја предводеле Владата платите тројно се покачиле.
„Минималната плата речиси тројно се покачи, од 8.000 на 22.500 денари, благодарение на добрите политики на СДСМ . Истовремено, како што растеше минималната плата, растеше и просечната плата, од 23.850 денари во 2024 година, скоро до 40.000 денари. Во однос на синдикалната кошничка, таа изнесува 67.382 денари во февруари 2026 година, споредено со февруари лани, што значи зголемување од скоро 1.000 денари. А во однос на 2022 година, таа е зголемена за повеќе од 30.000 денари. Овие аргументи јасно покажуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари. Предлог-законот дава јасни насоки за финансирање на ова зголемување, преку намалување на луксузните расходи и пренасочување на средствата кон повисока минимална плата,“ рече Тречевска.
Економија
Зголемување на прагот за ДДВ-обврзници и зголемување на повратот преку „Мој ДДВ“, предлага Левица
Пратеничката група на Левица ќе поднесе измени на два закони, со заедничка цел – финансиско растеретување на физичките лица и малите економски субјекти, вклучително семејните бизниси, занаетчиите и регистрираните земјоделци, информираше на денешната прес конференција пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан.
Тој појасни дека предлогот предвидува двојно зголемување на максималниот износ за поврат на ДДВ по физичко лице на тромесечје – од 2.100 на 4.100 денари, како и зголемување на процентот на поврат преку апликацијата „Мој ДДВ“: од 20% на 40% за македонски производи и од 10% на 20% за останатите.
Дополнително, се предлага зголемување на прагот за задолжителна регистрација за ДДВ-обврзник од 2 на 4 милиони денари годишен промет, со цел да се намали административниот и финансискиот товар врз малите фирми.
„Со оваа мерка сакаме да го растеретиме даночниот товар кој во моментов е непропорционално распределен – на штета на малите бизниси, додека големите компании користат бројни олеснувања и субвенции. Административните трошоци и за УЈП и за малите субјекти често се поголеми од самата даночна обврска. Со овој пакет отвораме суштинска дилема – кој навистина го носи товарот на даночниот систем во Македонија? Нашата цел е јасна: прогресивен и праведен даночен систем. Оттука, и во иднина ќе предложиме други мерки од овој тип за остварување на оваа цел”, рече Исмаил – Хактан.

