Економија
Битиќи: Граѓаните тонат во сиромаштија, пратениците да го прифатат предлогот на СДСМ за намалување на ДДВ на струјата и храната
Пратениците на СДСМ го поднесоа предлог-законот за намалување на ДДВ-то за струјата и за основните прехранбени продукти и бараат поддршка тој да се прифати со што ќе се намали ДДВ-то за електричната енергија од 18 на 5 отсто, како и за основните прехранбени производи од 5 на нула проценти. Со ова ќе им се помогне на граѓаните, а секое одложување и неприфаќање значи финансиски товар врз семејствата, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска седница.
Тој потенцира дека намалувањата на ДДВ за струјата и за основните прехранбени производи се системски одговор на скапотијата, која со секој изминат ден станува сè потешка. Според последните податоци, граѓаните во Македонија плаќаат најскапа струја во регионот со просечна цена од 6,08 денари за киловат-час, а зголемена е и потрошувачката кошница која во февруари достигна 63.773 денари, што е зголемување од 521 денар за само еден месец.
„Индексот на трошоците на живот во јануари е 4,9 % повисок во споредба со истиот месец лани, а индексот на цените на мало бележи раст од 5,2 %. Ова е реалност што граѓаните ја чувствуваат при секое одење во маркет, при секоја платена сметка за струја. Затоа замрзнувањето на цените на нивото од 1 февруари не е целосно решение затоа што цените се зголемија, па се одлучи да се замрзнат. За тоа што се случува во реалниот живот, зборува вредноста на потрошувачката кошница, која во февруари достигна 63.773 денари, што е зголемување од 521 денар за само еден месец. Денес, за да се задоволат основните потреби, едно семејство треба да издвои 2,9 минимални плати, што е јасен показател дека просечниот граѓанин едвај врзува крај со крај“, рече Битиќи.
Намалувањето на ДДВ-то за електричната енергија, потенцира Битиќи, ќе значи конкретно финансиско олеснување за над 600 илјади домаќинства, кои во јануари мораа да платат од 20 до 30 % повисоки сметки за струја. Владата во делот на енергетиката потфрли.
„Податоците се поразителни. Во ноември официјално планираниот увоз на струја од соседните земји беше 0 GWh, но реалноста беше поинаква – увезени беа 351,3 GWh. Ова се случи и во декември – повторно планиран увоз од 0 GWh, а фактички беа увезени 425,7 GWh. Граѓаните се изложени на милоста и немилоста на увозните цени на струјата. Затоа и сметките растат. Поради што и овие измени и дополнување се неопходни. Со нивното усвојување, за сметка од 3.000 денари за струја, граѓаните ќе заштедат околу 400 денари месечно, а за сметка од 5.000 денари, заштедата ќе изнесува околу 700 денари“, рече Битиќи.
Со предлогот за укинување на ДДВ-то за основните прехранбени производи најголема корист ќе имаат домаќинствата со ниски примања, кои трошат најголем дел од своите приходи на храна. Наместо несоодветни и половични мерки, како што е замрзнувањето на маржите само на 102 групи на производи, вели Битиќи, ова решение ќе ги опфати сите 238 групи на производи. Ќе имаме поевтинување на над 3.000 основни прехранбени продукти – леб, брашно, млеко, јајца, шеќер, масло и многу други. Предложените измени и дополнувања на Законот за данокот на додадената вредност не се за СДСМ, не се за власта, не се за опозицијата – тие се за граѓаните. Нивното усвојување ќе значи пониски сметки за струја, поевтина храна и помала инфлација“, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

