Економија
Битиќи: Задолжувањето од Унгарија е економско предавство, удар врз домашните компании
„Државата се доведува во ситуација со пари на граѓаните евентуално да финансираат странски фирми наместо домашните. Овој заем е удар за домашните компании, нивно исфрлање од економската орбита на оваа Влада. Ова е удар врз трудот на македонските бизниси, економско предавство на татковината“, рече пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница на Собранието, на која се расправа за предлог-закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај унгарската експорт-импорт банка.
Битиќи во своето обраќање појасни дека заемите, како овој, кои доаѓаат од ЕКСИМ-банки, независно дали тоа е од Унгарија или од друга земја, наметнуваат и услов – парите да се користат за фирми што доаѓаат од матичната земја.
„Но, каде е овој услов во образложението, во предлог-законот за задолжувањето или во самиот договор? Зошто никој јасно не кажува дека средствата можеби ќе одат директно за одредени унгарски компании, а не за поддршка на македонскиот бизнис!? Зошто македонските компании не се споменуваат?“, праша Битиќи во своето обраќање.
Давајќи осврт на образложението на предлог-законот за задолжување, Битиќи посочи дека во него како примарна цел се наведува унапредување на постојаната и воспоставување посебна економска врска со Унгарија, а никаде не се споменува најавуваната директна поддршка за македонската економија.
„Никаде, апсолутно никаде, не се споменува тоа што премиерот го најавуваше – 250 милиони евра директна поддршка за македонската економија под истите услови што се споменуваат за заемот, 3,25 проценти камата, три години грејс-период и 12 години рок на отплата или вкупно 15 години. Ако ова беше толку голем успех за македонската економија, зошто нема ни еден збор за тоа во официјалното образложение? Наместо тоа, се наведува една генерализирана цел за унапредување на економската соработка со Унгарија, што не кажува ништо конкретно за тоа како и на кој начин овој заем ќе ја поддржи македонската економија. Ова создава сериозни сомнежи за вистинските намери зад ова задолжување и за тоа како средствата ќе бидат распределени“, рече Битиќи.
Битиќи посочи и на опасностите што ова задолжување ги носи за јавниот долг и создавањето долгорочни обврски, кои може да доведат до повисоки даноци и кратења во јавните услуги.
„Ова ново задолжување од 500 милиони евра директно ја загрозува макроекономската стабилност на државата и дополнително ќе го оптовари јавниот долг, кој веќе се движи на опасни нивоа. Како што кажав при ребалансот на буџетот, кога некои 400 милиони евра од овие пари беа скриени, со додавање на овие средства јавниот долг ќе надмине 68 %, а ако продолжат со истата пракса на редовно задолжување, ќе достигне дури 75 % од БДП, што ќе претставува алармантна граница за економска криза, а кон која Владата има очигледна намера да нè доближи. Ова не само што ќе го ограничи просторот за идни фискални политики, туку ќе создаде долгорочни обврски, кои ќе мораат да се финансираат преку повисоки даноци или кратења во јавните услуги“, рече Битиќи.
Пратеникот Битиќи предупреди дека преку вакви заеми се ризикува државата да падне во замка на економска и политичка манипулација.
„Ова е типична стратегија на авторитарни држави, кои користат финансиски средства за да поттикнат долгови и да наметнат политички и економски услови, како што сме виделе во многу други држави. Недостигот на транспарентност во врска со условите на овој заем, заедно со неговата геополитичка природа, укажува на намери што не се само економски, туку и политички мотивирани, ставајќи ја државата во директна зависност од надворешни актери со ерозивни агенди“, рече Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

