Економија
Битиќи и генералниот директор на ТАВ Македонија ја доделија последната група договори за општински проекти
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак, на свечен настан кој се одржа во Клубот на органите на државната управа, ги доделија договорите од третата група на проекти за реализација на инфраструктурни проекти во општините и на двата аеродрома во Скопје и Охрид. На настанот присуствуваше и првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби, и директорот на акционеското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Кристијан Трајковски.
Вицепремиерот Битиќи, зборувајќи на настанот, рече дека во третата и последна група на договори се содржани 35 инфраструктурни проекти во 32 општини, како и проект за подобрување на условите на терминалите на двата аеродроми со кои оперира ТАВ, во вкупна вредност од 22,3 милиони евра. Тој потсети дека преку трипартитната соработка помеѓу Владата, ТАВ и општините, во рамките на оваа програма, ќе се рализираат вкупно 94 инфраструктурни проекти, во вкупна вредност од 49,7 милиони евра, кои во наредниот период ќе се реализираат во целата земја.
„Како никогаш досега, во исто време, во целата земја, во сите плански региони, во речиси сите општини, ќе започнат да се реализираат 94 проекти кои се директно насочени кон потребите на граѓаните. Тоа се реални проекти, за секојдневни, реални потреби за граѓаните. Во целата земја ќе се спроведуваат инфраструктурни проекти, за нашите населени места да бидат подобро поврзани, за секој еден да има квалитетно и континуирано водоснабдување, ќе го зголемиме квалитетот на комуналните услуги и ќе обезбедиме повисоко ниво на заштита на животната средина, ќе се работи и на училишни згради, болници, домови на култура, младински центри, домови за стари лица, спортски сали и игралишта, партерно уредување на градските и општинските средини, уредување на речни корита, со една реченица: граѓаните ќе добијат поквалитетен живот во местата во кои живеат“, нагласи Битиќи.

Осврнувајќи се на третата група на договори, кои беа доделени на настанот, вицепремиерот посочи дека дека најбројни се проектите од комуналната инфраструктура, вкупно 14, по што следуваат 10 проекти за улици и патишта, 7 проекти се однесуваат за водоснабдување, два проекта за реновирање на домови и еден основен проект за изградба на мост.
„Граѓаните имаат потреба од квалитетна комунална инфраструктура, тоа е предизвик кој го прифативме и кој како Влада, со сериозен пристап и ангажираност, се нафативме да го надминеме. Во таа насока во оваа трета група ќе се реализира основен проект за линиска инфраструктурна градба за изградба на канализациски линии во Вевчани. Ќе започне изградба на примарна и секундарна канализација во селото Орман во Ѓорче Петров, ќе се гради фекална канализација во село Лешани со пречистителна станица во с. Грко Поле во општина Дебрца, нова фекална канализациона мрежа ќе добијат граѓаните во населбата Јака во Илинден, а ќе се гради колектор за селата Жилче и Шемшово во Јегуновце. Ќе се реализира и проект за фекална канализација за дел од селото Конче во истоимената општина, нова канализациска мрежа со пречистителна станица ќе добијат жителите на село Обршани во Кривогаштани, во село Пеширово во општина Свети Николе ќе се гради фекална канализација, како и во село Уларци во општината Чешиново Облешево, додека во општините Брвеница, Врапчиште, Студеничани, Центар Жупа и Чучер Сандево ќе се работи на комуналната инфраструктура“, ги претстави проектите од комуналната инфраструктура вицепремиерот.
Тој презентираше дека во однос на проектите кои се однесуваат на изградба и рехабилитација на локални патишта и улици, граѓаните на с. Кочилари во општина Градско ќе добијат нова улица и ќе се реконструира локалниот пат во с. Отишан во близина на Дебар. Нова улица ќе има и во село Сопотница во општина Демир Хисар, а во општина Долнени ќе се работи на градба на локалниот пат Костинци-Долгаец-Маргари. Во општина Кавадарци ќе се реконструира локалниот пат до село Дреново, а реконструкција ќе се прави и на локалниот пат во село Конопница, во Крива Паланка. Во општина Пласница ќе се реализираат три патни инфраструктурни проекти: реконструкција на улица и краци во Лисичани, изградба и реконструкција на улицата Јурија и нејзините краци и изградба и реконструкција на 9 други улици во општината. И во Радовиш ќе се работи на патната инфраструктура, конкретно на локалниот пат Радовиш – пристап до градскиот водовод.

Битиќи се осврна и за останатите проекти кои се однесуваат на водоснабдување, реконструкција на домови, основен проект за нов мост во Битола и за проектите за подобрување на условите на аеродромите во Скопје и Охрид.
„Во оваа група има и седум проекти за водоснабдување, и тоа во Василево, каде што ќе се гради систем за водоснабдување за селата Дукатино и Трибичино, во Кочани ќе се врши изградба на дел од потисен цевковод до пумпна станица Грдовски орман.Во општина Лозово ќе се работи на примарната водоводна мрежа во селото Каратманово, во општина Маврово-Ростуше за водоснабдување на селото Скудриње, а во Македонски Брод за водоснабдување на викенд-населбата Здуње. Основен проект за водоснабдување на манастирскиот комплекс Трескавец во Прилеп и водоснабдување на селото Дренак во општина Пробиштип се уште два проекта од овој вид. Имаме и проекти со кои ќе се влијае на подобрување на социјалното поврзување и грижата за постарите генераци. Во општина Гевгелија ќе се работи на реконструкција на домот во селото Прдејци, а во општина Ранковце со проектот е предвидена реадаптација на два објекти во клубови за пензионери. Во општина Битола започнуваме со основен проект за изградба на мост на реката Драгор, а секако треба да споменеме дека и ТАВ Македонија ќе реализира проекти со кои ќе ги подобри условите на терминалите на аеродромите во Скопје и Охрид“, соопшти вицепремиерот.
Завршувајќи го своето излагање, Битиќи потенцираше дека ваков обем на проекти, кои се за вистински потреби на граѓаните и кои се изведуваат во ист момент, досега не се случиле.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Гласот ми откажа“: Кандидати раскажуваат за исцрпувачкиот финален круг за работа во „Амазон“
Вработен во „Амазон“ откри како изгледа нивниот озлогласен завршен круг разговори за работа, последната и најинтензивна фаза од селекцискиот процес во компанијата. Станува збор за вистински маратон – четири до шест последователни интервјуа, од кои секое трае меѓу 45 и 60 минути, а сите се одржуваат во ист ден, пренесува Унилад.
Официјален опис на процесот
На официјалните страници за вработување, „Амазон“ наведува дека кандидатите разговараат со повеќе вработени, при што секој од нив проценува различни вештини и искуства за да се добие целосна слика за тоа како кандидатот би се вклопил во тимот и работната средина.
Сите кандидати се оценуваат според таканаречените „Принципи на лидерство“, интерен сет на вредности и правила, а интервјуерите бараат конкретни примери за тоа како кандидатите ги применувале во досегашната работа.
Компанијата користи прашања засновани на реални ситуации од пракса, со цел да добие конкретни примери од претходното искуство и да разбере како кандидатот пристапува кон предизвици, донесување одлуки и соработка. Пример за такво прашање е:
„Опишете ситуација во која сте презеле ризик, сте направиле грешка или сте доживеале неуспех. Што се случи и што научивте од тоа?“
Искуство од прва рака
Еден вработен во „Амазон“ од Австралија, кој работи во малопродажниот тим, го споделил своето искуство на „Редит“, потврдувајќи дека процесот е исклучително тежок. Тој го опишал како „многу интензивен“ и објаснил дека системот е многу посложен отколку што изгледа на прв поглед.
„Прво следи 20-минутен телефонски разговор со одделот за човечки ресурси. Потоа доаѓа едночасовен видеоповик со менаџерот кој вработува. По тоа следи завршниот круг – пет едночасовни разговори, еден на еден, со пет различни лица“, појаснил тој.
„Од тие пет лица во завршниот круг, едно е таканаречен ‘bar raiser’, лице задолжено за одржување на високи стандарди; од него се очекува да биде построго кон кандидатот и подетално да го испрашува. По завршниот круг, интервјуерите даваат препорака ‘вработи’ или ‘секако вработи’, односно ‘не вработувај’ или ‘никако не вработувај’. Потоа се состануваат и дискутираат. Мислењето на менаџерот што вработува и на ‘bar raiser’-от има најголема тежина. Кандидатот мора да добие препорака за вработување од сите пет интервјуери“, додал тој.
Исцрпувачко и монотоно
Друг корисник на „Редит“ го опишал процесот како целосно исцрпувачки.
„Никогаш не сум учествувал во толку интензивен, монотон и здодевен процес на вработување“, напишал тој.
„Во еден момент гласот почна да ме издава, бидејќи од мене се очекуваше да зборувам 30 до 45 минути. Повеќето интервјуери ми оставија само десет минути на крајот за мои прашања, а имав многу повеќе што сакав да прашам отколку што времето дозволуваше“, се пожалил.
Слично искуство споделила и вработената Емили Мареј на веб-страницата на „Амазон“.
„Иако и претходно сум одела на интервјуа за работа, ниту едно не било толку ригорозно, долго или темелно како тоа во Амазон. Процесот се состоеше од телефонски разговори со регрутер и менаџерот што вработува, по што следеше петчасовен завршен круг интервјуа со неколку интервјуери од различни делови на компанијата“, навела таа.
Мареј им советува на кандидатите однапред да подготват конкретни примери од своето искуство, да поставуваат прашања, да ги прилагодат одговорите на описот на работното место и своите успеси да ги поткрепат со бројки и податоци.
Економија
ССКМ со поддршка за македонските транспортери
Сојузот на стопански комори на Македонија во која членуваат голем број на мали и средни компании директно поврзани со ланецот на транспорт и стоки кој се одвива во земјата и надвор од неа сериозно е загрижен за, како што велат, можните нарушувања кои ќе доведат до неконкурентна положба на македонскиот бизнис сектор.
„Стравуваме дека со продлабочување и пролонгирање на создадените проблеми во транспортниот сектор (камионскиот транспорт) и зависноста на македонските компании и странски инвестиции од 96% ,се создава можност за дополнителни фискални инпликации и намалување на нивната конкурентност на Европскиот пазар на среден и долг рок“, се наведува во соопштението на ССКМ.
Економија
(Видео) Стојаноски: Во моментов, на чело на ССМ е човек кој се обидува да гради политичка кариера
Денешната блокада нема да ја спречи Владата да продолжи со заложбата за раст на платите. Напротив, ние ќе продолжиме да работиме на поголем економски раст од досегашниот кој ќе овозможи зголемување на сите плати во државата, а не само на минималната, изјави пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, од страна на раководството на ССМ нема ниту еден нов договор со кој тие самостојно избориле зголемување. Вели дека нема ниту една конкретна победа издејствувана преку преговори и смета дека работниците заслужуваат синдикален лидер кој ќе седи на маса и ќе договара проценти, рокови и гаранции.
„Во моментов, на чело на ССМ е човек кој се обидува да гради политичка кариера преку конфронтација во име на трудот на работниците. Да бидам јасен: Ние не бегаме од дијалог. Ние не бегаме од разговор за минимална плата. Но минималната плата мора да се договара институционално, во Економско-социјалниот совет, меѓу работодавачите и синдикатите, со Владата како посредник. Решението мора да биде одржливо за сите инволвирани, за работниците, за работодавачите, за буџетот, за економијата во целост. Популизам со говори е лесен. Потпишан договор што важи четири години значи сериозен пристап, предвидливост и одговорност кон сите чинители. Владата како работодавач ќе продолжи со системски зголемувања на платите, но и почитување на склучените колективни договори“, рече Стојаноски.
Тој вели дека ССМ ги напаѓа дека кога биле опозиција, ВМРО-ДПМНЕ го поддржувала Синдикатот на протестите, а сега наводно тоа не било случај.
„Точно е, кога тие протестираа од 2020 до 2024 година, ние излеговме пред Собранието, пред Министерството за финансии, изјави пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ. Како што можете да видите на фотографиите, остварувавме бројни средби и кога бевме во опозиција, а особено тие средби се интензивираа откако ја преземавме власта. Ги поддржувавме и заедно спречивме многу штетни политики кои сакаше да ги имплементира тогашната власт. Го критикувавме тогашниот криминален систем на СДС и ДУИ, затоа што не ги почитуваше колективните договори и затоа што платите доцнеа со месеци. Но, ајде да ја поставиме суштинската разлика. Тогашното барање на ССМ беше линеарно зголемување од 2.806 денари по вработен во јавниот сектор, што можете да го видите од амандманот којшто беше изготвен од нив, а поддржан од наша страна. Истовремено може да се види како на официјалната веб страна на ССМ тие дури и јавно ни се заблагодаруваат на нас, неколкумина, кои тогаш застанавме рамо до рамо со нив“, рече тој.
Денес, додаде Стојаноски, две години откако ја водиме државата, фактите се следни: во општините раководени од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, платите се зголемени во просек за околу 5.000 денари по вработен, вработените во образованието добија колективен договор со кој тие во основното и средното образование ќе имаат од 46% до 60% повисоки примања во рок од четири години, вработените во високото обрасование добија покачување за минимум 14%, здравствените работници ќе добијат 40 до 50% повисоки плати во еден мандат, со склучениот колективен договор од оваа Влада, полициските службеници добија 10% зголемување, социјалните работници добија 20% повисоки плати, вработените во Генералниот секретаријат и СОЗР добија 30% зголемување преку посебни колективни договори, околу 11.000 вработени во администрацијата, судовите и обвинителствата се опфатени со историски договор кој гарантира покачување на платите за 40%, за 2 години и 3 месеци, кој трае до 2028 година, испочитувани се во целост сите колективни договори кои претходната власт ги игнорираше, во одбраната, културата и други институции и платите денес се исплаќаат редовно, без доцнење со месеци како што беше во времето на СДС и ДУИ.
Според Стојаноски, сите овие зголемувања на платите се многу поголеми од тоа зголемување што тогаш го барал ССМ, а уште поважно, додаде тој, до крајот на мандатот ќе го надмине целосно барањето кое што сега го има Трендафилов.
„Сега прашањето е многу едноставно: Ако тогаш барањето беше 2.806 денари, а денес зголемувањата се значително поголеми од тоа, каде е проблемот? Вистината е следна: Ние како опозиција поддржувавме борба за повисоки плати затоа што имаше неправда. Денес, како власт, ние не ветуваме на улица, ние реализираме преку договори, проценти и потпишани колективни спогодби“, рече Стојаноски.

