Економија
Битиќи: Преку Законот за финансиската поддршка на инвестициите од 2018 до 2022 година со 57 милиони поддржавме 630 компании, кои инвестираа над 340 милиони евра
Партнерскиот и инклузивен пристап во креирањето и спроведувањето на економските политики на Владата дава резултати преку Законост за финансиската поддршка на инвестициите, и тоа од неговото воведување, односно во периодот од 2018 до 2022 година, со околу 57 милиони евра, поддржа 630 компании, кои инвестираа над 340 милиони евра. Довербата на деловните субјекти во институциите и нашите економски политики од година на година се зголемува, бројот на потпишани договори за финансиска поддршка на компаниите континуирано расте, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
„Од стапувањето во сила на законот во 2018 година, заклучно со минатата година, беа потпишани вкупно 630 договори за финансиска поддршка. А годинава се пристигнати рекордни 427 апликации за нови инвестициски проекти, од кои одобрени или новопотпишани договори за оваа година имаме 289 договори за финансиска поддршка на планирани инвестициски циклуси на компаниите од 366 милиони евра, кои ќе креираат нови конкурентни работни места. Со ова портфолиото на договори за финансиска поддршка на инвестиците се зголемува на 919 договори.
Ова зборува дека Владата на Република Северна Македонија преку поттикнувачки и конзистентни политики и мерки успешно создава деловен амбиент, кој е стабилен, предвидлив и стимулативен за компаниите“, се наведува во соопштението на вицепремиерот Битиќи.
„Ако во 2018 година имавме 73 компании што реализираа инвестиции во вредност од речиси 29 милиони евра, во 2022 година по основ на овој закон имаме инвестиции на 410 компании во вредност од речиси 101 милион евра. Освен што не прави разлика помеѓу странски и домашни компании, Владата партнерски и постојано ги поддржува компаниите во нивните инвестициски циклуси. Во 2018 година исплатената поддршка изнесуваше 3 милиони и 120 илјади евра, во 2022 година таа се зголеми на рекордни 23 милиони евра.
Само како резултат на довербата на бизнис-заедницата кон мерките содржани во законот и објективниот, транспарентен начин на нивно спроведување во изминатите пет години во нашата економија е реализиран вкупен инвестициски циклус од 340 милиони евра, а за кој е исплатена вкупна финансиска поддршка од 57 милиони евра.
Имаме инвестициски бран во реалниот сектор на нашата економија, кој расте, се зголемува, кој ја развива конкурентноста преку воведување нови производствени процеси, усвојување нови технологии и освојување нови пазари создавајќи нови и добро платени работни места за нашите граѓани. Само во ново одобрените 294 договори за финансиска поддршка на компаниите, кои годинава аплицираа, содржани се проекции за отворање нови 4.439 работни места и реализација на дополнителни 366 милиони евра инвестиции до крајот на планираните инвестициски циклуси.
Рекордниот број апликации се резултат на нашите политики и на зголемената доверба на компаниите, кои препознаваат партнер во Владата на Реублика Северна Македонија“, се додава во соопштението на вицепремиерот за економски прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави
Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен интерконектор со Грција, а почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе нашата држава Србија, објасни премиерот Христијан Мицкоски на прашања поставени на панелот во Давос кои се однесуваа на вештачката интелигенција и потребните центри за гасови, како и тоа што прави Македонија да привлече странски директни инвестиции наспроти Хрватска и Словенија.
„Во однос на вештачката интелигенција ние ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија но не само за електрична енергија, исто така ги зајакнуваме нашите преносни линии со преносните линии за гас. За центрите за податоци, ви е потребно одржливо би рекол, снабдување со електрична енергија. Значи некој мора да произведе одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија за центрите за податоци, за да имаат добри, би рекол одлични перформанси на вештачката интелигенција. Во тој поглед градиме еден гасен интерконектор со Грција, а сега почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе мојата земја со Србија.
Што значи ова? Ќе го зголемуваме капацитетот на гас до осум милијарди кубни метри годишно. Досега трошиме половина милијарди кубни метри годишно, што значи дека илјадници и илјадници мегавати инсталиран капацитет електрани на гас да снабдуваат нови центри за податоци со електрична енергија. Ова е еден столб на еден пример и целиот институционален ризик го прифаќаме како Влада. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме на инвеститорите како поттик“, рече Мицкоски во Давос.
Во моментов се развиваат три важни проекти за производство на електрична енергија од хидроцентралите во вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти, информираше премиерот, не се важни само за Македонија туку и за регионот.
„Сега развиваме три големи проект во однос на производство на електрична енергија од хидроцентрали. Зборуваме за проекти од 2 милијарди евра. Тие проекти се многу важни за нас, не само за производство на електрична енергија, туку тие три проекти се и стратешки важни за нас. Но не само за нас, туку и за регионот во целост.
Зборуваме за три големи брани кои ќе создадат три големи резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има потреба од тие резерви со вода за пиење, со чиста вода за пиење. И двата проекта се дел од каскада што се потпира на една голема река, наречена Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдоброто земјоделско земјиште во Европа, а тој регионот е познат како Тиквешки регион.
Практично сме фокусирани на енергијата, а во исто време имаме и други приоритети. Но веројатно сакате повеќе да зборувате за вештачката интелигенција. Исто сакате да се зборувате за електричната енергија и сите оние проекти кои се поврзани некако со тие две многу важни прашања, не само во мојата земја туку и овде во Давос. Многу пати слушаме од политичарите како зборуваат за вештачката интелигенција. Се прашувам дали сите тие можат да ја разберат суштината на вештачката интелигенција или ја користат вештачката интелигенција како популарен збор, како два популарни збора. Го завршив мојот докторат пред 16,17 години и користев алгоритам на фази логика за контрола на манипулативни роботи. Значи, практично тоа беше почетокот на вештачката интелигенција“, подвлече премиерот на панел дискусијата во Давос.
Економија
Дурмиши на средба со Тигањ: Извозот на Македонија кон Хрватска во последните години значително зголемен
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, оствари работна средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Северна Македонија, Нивес Тигањ, на која беа разгледани состојбите и перспективите за унапредување на билатералната економска соработка меѓу двете пријателски земји.
На средбата беше констатирано дека одличните политички односи и традиционално добрите билатерални врски создаваат силна основа за натамошно интензивирање на економската и бизнис соработката, особено во контекст на европската интеграција и регионалната поврзаност.
Дурмиши ја истакна позитивната динамика во надворешно-трговската размена, при што вкупната трговија меѓу двете земји бележи континуиран раст, а извозот на Република Северна Македонија кон Хрватска во последните години значително се зголемува. Двајцата соговорници се согласија дека постои дополнителен потенцијал за продлабочување на соработката во клучни сектори како што се прехранбената индустрија, енергетиката, фармацијата, градежништвото, индустриското производство и туризмот.
Економија
Димовски-Рајс: разговарано за можностите за нови потенцијални инвестиции
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски оствари успешна средба со Мисти Рајс, извршен директор за владини работи на Магна Интернационал, компанија која во државата веќе има две фабрики во рамки на ТИРЗ Струга и ТИРЗ Штип. На средбата се разговараше за тековните активности на компанијата на глобално ниво, напредокот во Македонија, како и можностите за нови потенцијални инвестиции, се истакнува во соопштението.
Димовски ја истакна улогата на Дирекцијата за ТИРЗ и Владата во создавањето стабилна, предвидлива и конкурентна деловна средина за странските инвеститори, потенцирајќи дека континуираниот дијалог со постојните компании е клучен за долгорочен раст и проширување на инвестициите. Тој нагласи дека институционалната поддршка и координацијата со останатите државни органи претставуваат основа за одржување на довербата кај странските инвеститори. Потенцирајќи ги фабриките на Магна кои работат во рамки на зоните како едни од позначајните капацитети, тој посочи дека главната цел е обезбедување услови во кои постојните инвеститори ќе можат успешно да се развиваат, да ја унапредуваат својата продуктивност и да креираат додадена вредност за националната економија.
Мисти Рајс изрази задоволство од досегашната соработка со институциите и од оперативните резултати на компанијата во земјата, нагласувајќи дека Магна Интернационал внимателно ги следи можностите за понатамошно проширување на своите активности, во согласност со глобалните стратешки приоритети на компанијата.

