Економија
Битиќи: Преку „Зелениот финансиски инструмент“ 46 милиони евра се ставаат на располагање на бизнисот и граѓаните за воведување технологии од обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се обрати на настанот за промоција на финансиски продукти од проектот „Зелен финансиски инструмент“, кој се имплементира во соработка со агенциите на Обединетите нации, УНДП, ИОМ и УНЕЦЕ и ЕБРД.
Во своето обраќање вицепремиерот Битиќи рече дека за него овој проект е исклучително значаен бидејќи е начинот на кој можеме да имаме реален импакт кон постигнување на нашите заеднички цели од Агендата 2030 за што во септември на 78. Генерално собраните на Обединетите нации се усвои политичката декларација за забрзување на имплементацијата на целите за одржлив развој од сите земји членки на Обединетите нации.
„Имајќи предвид дека сите држави се справуваат со глобални кризи, како постковид-економското закрепнување, енергетската и економска криза, сметам дека овој проект со своите продукти кои се наменети кон малите и средните претпријатија и за граѓаните од недоволно опфатени категории е одлична можност да ја изразиме својата силна посветеност на забрзување на имплементација на Агендата 2030 и остварување на целите за одржлив развој. Особено важно е дека преку имплементацијата на овој проект токму приватниот сектор и граѓаните ќе земат активно учество во борбата со загадувањето и климатските промени“, рече Битиќи.
Во својот говор вицепремиерот Битиќи рече дека „Зелениот финансиски инструмент“, кој почнува од денеска и ќе се имплементира до април 2026 година, има на располагање 46 милиони евра, кои ќе бидат пласирани преку комерцијалните банки, кои се наменети и ќе може да ги користат малите и средните претпријатија и граѓаните од ранливите категории.
„Практично, средните и малите компании и граѓаните, со фокус на недоволно опфатените категории, ќе може преку комерцијалните банки да имаат пристап до кредити со грантова компонента, со кои ќе може да инвестираат во топлински пумпи, инвертери, клима-уреди, котли, сончеви колектори за топла вода, фотоволатици, меѓу другите продукти. Покрај ова, за олеснување на процесот и осигурување на правилно искористување на средствата, ним ќе им биде на располагање и бесплатна техничка помош. Овие 46 милиони евра се финансирани од глобалниот заеднички фонд за целите за одржлив развој или Joint SDG fund, Европската банка за обнова и развој, комерцијалните банки и Владата на Република Северна Македонија“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи објасни дека ова е финансиски механизам преку кој целиот екосистем на банки, продавачи на производи и даватели на услуги и Владата, се стимулираат да работат заедно со разни засегнати страни за да се обезбеди потребната финансиска и техничка поддршка што ќе ја забрза транзицијата кон иновативни решенија за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
„Зелениот финансиски инструмент ќе отклучи приватен тек на капитал од финансиски институции, мали и средни претпријатија, односно бизни-ссекторот, а ќе им се помогне и на домаќинствата, со фокус на ранливите категории граѓани“, рече Битиќи.
Во својот говор вицепремиерот Битиќи се осврна и на целите што треба да се достигнат преку овој проект, а се засноваат на националните стратешки документи, како стратегија за развој на енергетиката и со ревидираниот Национален придонес за климатските промени, но истовремено и со Европскиот зелен договор, а тоа особено е важно во отпочнувањето на скрининг-процесот на поглавјата во процесот на пристапувањето кон Европската Унија.
„Со оглед на тоа што енергијата и климатските промени, како и загадувањето на воздухот, се меѓусебно поврзани, и овој проект вистина го гледам како одлична можност за совладување на заедничките предизвици. Им благодарам на сите што дадоа свој придонес во овој проект и верувам дека заедно ќе постигнеме значителни успеси“, заклучи вицепремиерот Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

