Економија
Битиќи: Социјалните претпријатија треба да се пример за солидарност за сите
На платото пред Центарот на социјални претпријатија денеска се одржа „Ден на граѓански организации и социјални претпријатија“, во организација на проектот на ЕУ „Поддршка на социјалните претпријатија“, имплементиран од Ептиса, Барка и Екорис, каде корисник е Министерството за труд и социјална политика, во соработка со проектот Civica mobilitas.
Официјалното отворање на фестивалот го означија вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Северна Македонија, Вероник Улман и амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир.
Битиќи истакна дека заедно креираме солидарно едно општество за сите, општество кое интегрира, нуди можности, се грижи и поврзува.
„Во денешни услови, тешки за нас и нашите економии, ние сме тука, фокусирани на социјалните претпријатија, и симболично – близу споменикот на Мајка Тереза. Таа не се стремеше кон Нобелова награда за економија, туку почна да се грижи за луѓето кои ги затекна пред нејзиниот праг. Луѓе со помалку можности. И кога ќе ги видам многуте луѓе кои се активни низ здруженија, фондации и граѓански организации овде, тогаш тие го прават истото: се грижат за луѓе со помалку можности, без разлика со какви проблеми се соочуваат“, рече Битиќи.
Додавајќи дека социјалното претприемништво, како посебна форма на претприемништвото чија цел е создавање на социјална еднаквост и заедништво, се фокусира на многубројните социјални, еколошки и општествени предизвици.
„Денеска од тука, праќам порака, ова да го земат за пример и останатите компании. За време на целата криза повикувам на солидарност. Да не ја забораваме никогаш, посебно не во оваа криза. Сите компании можат денеска да видат пример во овие компании. Генерирање на големи профити на грбот на нашите сограѓани не само што е не солидарно, туку ќе се преслика во лицето на нашите идни генерации кои во нас гледаат за пример“, заклучи вицепремиерот.
Во Македонија во моментов се имплементира Проект за развој на социјалните претпријатија финансиран до Европската Унија кој се спроведува во тесна соработка со Министерството за труд и социјална политика чија цел е да ја обезбеди структура, законски решенија, промоција и можности за финансиска поддршка на социјалните претпријатија.
Во рамки на проектот, опремен е и воспоставен Центарот за поддршка и развој на социјални претпријатија, кој веќе е препознаен меѓу социјалните претпријатија како атрактивно место каде добиваат поддршка, се врежуваат и се промовираат, инфомрираат од неговбиот кабинет.
Во завршна фаза е и креирање на закон за социјални претпријатија со кој ќе се уредат постапките и критериумите за основање на социјалните претпријатија, ќе се предвидат соодветни финансиски инструменти, и ќе се поттикне поволна средина за развој на социјалните претпријатија.
Фестивалот беше можност за претставување на социјалните претпријатија и воедно поттик за проширување на мрежата на овие модели во нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните да им се компензираат средствата
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Фатмир Битиќи, на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.
„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.
Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.
Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.
Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата“, реагира вицепремиерот.
Економија
ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија
Македонија и Албанија заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.
Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.
Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.
„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).
Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.
Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.
„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.
Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Северна Македонија – Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“
Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Северна Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.
Економија
Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ
Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија. Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.
Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.
Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.
Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.
Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.