Економија
Битиќи: Со инвестициите во алтернативниот туризам Македонија се поставува на мапата на атрактивни туристички дестинации
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, се обрати на настанот на кој беа претставени успешните проекти поддржани во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност, што се оддржа во винаријата „Лазар“ во Кавадарци.
Битиќи рече дека програмата за поддршка на локалната и регионална конкурентност во туризмот, содржи 3 компоненти, техничка поддршка за развој на туризмот, подобрување на менаџментот на дестинациите и подобрување на околината и инвестирање во туристичките дестинации со вкупна вредност на буџетот за реализација која изнесува 23,9 милиони евра.
„Особено ме радува фактот што овие реализирани проекти значително влијаат врз нашиот локален туризам, но и врз целокупната економија на Република Северна Македонија преку зголемување на туристичката понуда која придонесе за отварање на нови работни места. Токму оваа винарија во која сме денес, говори за успешноста на овој пројект во кој 19 микро, мали и средни компании беа поддржани со проекти со кои ја подобруваат својата инфраструктура и секако ја диверзифицираат палетата на услуги кои можат да ги понудат на туристите“, рече Битиќи.
Информираше дека покрај микро, малите и средните претпријатија, во делот на поддршка во инфраструктура беа поддржани уште 20 здруженија и асоцијации, како и 20 општини со проекти кои даваат една нова перспектива во насоките во кои треба да се развива нашиот туризам како економска гранка, и искажа благодарност до Европската Унија со чии средства беше овозможена имплементацијата на оваа програма, како и до Светска Банка во Скопје, која имаше улога на администратор на средствата доделени од Европската Унија.
Битиќи рече дека Македонија нема море, но има прекрасни езера и планини, културно богатство, историското наследство, како и традицијата како предуслови да се биде на мапата на атрактивни туристички дестинации вредни да се посетат.
„Владата секогаш ќе поддржува вакви иницијативи, кои нашиот туристички потенцијал ќе го направи меѓународно конкурентен за привлекување на што поголем број туристи и промовирање на земјата како атрактивна туристичка дестинација.
„Ние го препознаваме селскиот, авантуристичкиот, винскиот и алтернативниот туризам како една изворедна можност за нашите граѓани, бидејки Северна Македонија има што да понуди, и токму тука ќе се фокусираме да изградиме здрава стратегија за развој на оваа стопанска гранка“, изјави Битиќи и констатираше дека бенефиците за македонската економија од инвестициите направени во рамки на Проектот се повеќекратни, зголемување на бројот на туристите, локални, и туристи од целиот свет, ова пак резултира со потреба за нови работни места, нови можности за развој и поголеми приходи за нашата економија.
Заменик- шефот на мисијата на Европската Унија во Скопје, Јулиан Васало истакна дека Европската Унија стои на располагање и има улога да и помогне на Северна Македонија да ги сподели со светот своите вредности и за развојот на туризмот.
„Помеѓу 2016 и 2021 година, ЕУ додели преку Програмата за локалната и регионалната конкурентност 18 милиони евра. Поддршка на 57 проекти на 10 туристички дестинации низ Северна Македонија“, истакна Васало.
Заменик- шефот на ЕУ мисијата, Васало рече дека долго се говори за туристичкиот потенцијал на Северна Македонија, и дека овој проект, потенцијалот го заменува со конкретна понуда.
„Поддршката што им се дава на општините, и на микро, малите и средните претпријатија и здруженија, позитивно се одрази на локалната туристичка економија и поттикна нови работни места. Освен тоа, им помогна на туристичките оператори да се справат со катастрофалните последици од пандемијата за овој сектор“, изјави Васало.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.

