Економија
Битиќи: 103 компании ќе добијат помош од 5.7 милиони евра преку ФИТР
Вкупно 5.7 милиони евра ќе се распределат за поддршка на 103 компании, чии проекти се одобрени за финансиска поддршка во рамките на јавниот повик „Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан раст”, објавија денеска на заедничка прес – конференција вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров.
Битиќи посочи дека на овој јавен повик се доставени рекорден број на апликации, со што, како што кажа, се докажува дека во нашата земја има голем број на ентузијасти и претриемачи кои благодарение на ваквите инструменти, чувствуваат храброст и смелост да создадат проект и да го преточат во реалност.
„Со финалната селекција по јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој, одобрена е поддршка на вкупно 103 компании со 2.149 вработени лица. Како што е и вообичаено кај инструментите на ФИТР, најголем број се мали компании, вкупно 69, микро компании се 21 и средни компании се 13. Споредбено со минатата година и со Јавниот повик за кофинансирани грантови за брзо прилагодување од Ковид-19, а за кој буџетот изнесуваше 1,5 милиони евра, оваа година селектираните компании ќе добијат поддршка во износ од 5,7 милиони евра, што обележува зголемување на финансиите за 280%, пришто вкупната вредност на проектите изнесува 11 милиони евра“, нагласи Битиќи.
Петров соопшти дека од одобрените проекти, 81 се нови, додека 22 се компании кои веќе се корисници на финансиска поддршка на некој од јавните повици на ФИТР.
„Селектираните компании ќе работат на проекти во 16 различни области, најмногу од: технолошката индустрија, градежништво, здравство и земјоделство. Во однос на организационата структура, 62 компании се ДООЕЛ, 31 компании се ДОО, 9 се ПЗУ и една компанија е АД. Најголем број на компании, 74, се со старост над 6 години, додека останатите 29 компании се стартап компании“, нагласи Петров.
Во финалната селекција, 585 компании беа оценувани од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции, кој се состои од пет експерти, претприемачи од светски размери: Марвин Лиао, поранешен комерцијален директор во Yahoo!, Ашер Сидики, кој е дел од менаџерскиот тим кој ја водеше трансформацијата на „Етисалат” во ОАЕ, Ноел Грегор Патерсон Џонс, меѓународен експерт и член на Европскиот инвестициски стратешки фонд како и специјален советник на Светска Банка за програмата за обврзници во Уганда, Гунтер Фелингер, Генерален Секретар на CEE BC- Австрија и Вибу Шарма кој е експерт во областа на циркуларна економија, со повеќегодишно искуство во иновации и лансирање на нови производи.
Листата на селектираните компании е достапна на веб – страницата на Фондот за иновации и технолошки развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Петкоска: 32 милиона 260 илјади денари повеќе во буџетот за промоција и поддршка на туризмот и културата
Буџетот е крвната слика на државата, стратешки документ во кој се насликани приоритетите на граѓаните. Сите знаеме дека закрепнувањето на економијата е најважната работа која влијае врз животниот стандард, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска на денешната собраниска седница на која се дискутира за Предлог-буџетот за 2026 година.
За жал, посочи Петкоска, поминавме години кога и небото не беше граница за висината на јавниот долг, а дното на буџетската дупка немаше крај, но за среќа денес говориме за стабилизирање на јавните финансии со, буквално, воена дисциплина при трошењето на народните пари.
„Инвестициите, инфраструктурните проекти, поддршката на приватниот сектор, како и транспарентноста и отчетноста во работата кои веќе станаа препознатливи и видливи во работењето на Владата, ми даваат за право, конечно да бидеме горди на фактот што после долги години говориме за последователен економски раст. Денес имаме реални инвестиции, а не трансфери кои завршуваа за исплати на плати. Денес имаме држава што инвестира и Влада што знае што прави, затоа што за оваа Влада зборот навистина има тежина“, истакна Петкоска.
Во своето излагање, таа истакна дека ќе се задржи на делот од Буџетот за следната година, што се однесува на растот и развојот на македонскиот туризам.
„Во Буџетот за 2026 година туризмот добива 32 милиони 260 илјади денари повеќе, за промоција и поддршка на културата и туризмот. Секако, средствата за туризам сè уште не се доволни, но сепак, зголемувањето на средствата е охрабрувачки правец во интерес на целокупниот македонски туризам“, рече Петкоска.
Додаде дека туризмот никогаш не стои сам, посочувајќи дека тука се патиштата, културата, дигитализацијата и општинскиот развој, се неговата вистинска инфраструктура.
„Па така од огромна важност е да се напомни дека имаме 40,5 милијарди денари капитални инвестиции за 2026 година, средства во кои спаѓаат патна и комунална инфраструктура, железничка инфраструктура, поддршка на општините, културна заштита и т.н. Секој пат што се гради, секој локален проект што се финансира, секоја подобрена инфраструктурна точка, директно го зголемува туристичкиот потенцијал, бидејќи туризмот е резултат на инвестиции во инфраструктурата“, подвлече Петкоска.
Економија
Халкбанк ја овозможи услугата Apple Pay за своите корисници
Халкбанк ја овозможи услугата Apple Pay, со што корисниците на банката можат да ги користат своите дебитни и кредитни Mastercard картички преку уредите на Apple. Плаќањето може да се изведе со iPhone, Apple Watch, iPad или Mac, без носење физичка картичка и без внесување податоци при секоја трансакција.
Apple Pay функционира како дигитален паричник во кој се додава картичката од Халкбанк. При плаќање, уредот се доближува до POS терминал, а потврдата се изведува со Face ID, Touch ID или лозинка. На овој начин, податоците од картичката не се изложуваат во процесот, што ја прави употребата дополнително безбедна.
Услугата може да се користи и за онлајн купување. Корисниците ја избираат опцијата „Pay with Apple Pay“, со што го избегнуваат рачното внесување информации од картичката. Apple Pay е достапен и на банкомати кои поддржуваат бесконтактно подигнување готовина.
Активацијата се прави во апликацијата Apple Wallet, со скенирање или внесување на податоците од картичката, а може да се започне и преку мобилното банкарство на Халкбанк. Користењето на Apple Pay е бесплатно, лимитите на картичката остануваат исти, а сите трансакции се прикажуваат во Apple Wallet, како и во дигиталните канали на банката.
Во случај уредот да биде изгубен, податоците остануваат заштитени. Корисникот преку iCloud може да го заклучи или избрише уредот, со што се оневозможува користење на дигитализираните картички. Доколку при додавање на картичката се појави потреба од дополнителна проверка, тоа може да се реши преку мобилното или електронското банкарство или преку контакт центарот Хелп24.
Со ова Халкбанк ја продолжува својата пракса на навремено усвојување решенија што се веќе дел од современите финансиски стандарди. Банката останува насочена кон развој на дигитални можности кои го олеснуваат секојдневието и создаваат поконкурентно и поусогласено банкарско искуство, во чекор со глобалните трендови и потребите на корисниците.
(ПР)
Економија
Рударските комплекси „Бучим“ и „Боров Дол“ и официјално се присоединија
Од ДПТУ „Бучим“ ДООЕЛ Радовиш информираат дека заврши административната постапка за присоединување на рударско-геолошкиот комплекс „Боров Дол“ кон „Бучим“, со што двата рударски комплекса и официјално продолжуваат да функционираат како еден правен субјект.
Со ова, како што велат, се зацврстува единствениот оперативен и управувачки модел, што ќе придонесе за уште поголема ефикасност и транспарентност во работењето на компанијата во целост.
Присоединувањето е оценето како стратешки чекор, што овозможува поефикасно планирање и управување со ресурсите, унапредени процеси и појасна корпоративна структура, подобрена усогласеност со меѓународните стандарди и ESG-принципите, зголемена транспарентност и стабилност во работењето, како и следење единствена долгорочна визија за развој на целиот комплекс.
Од компанијата нагласуваат дека присоединувањето не подразбира никаква промена во управувачката структура. Исто така, условите на воспоставените партнерства, договорните односи и обрвски со доставувачи, институции и други заинтересирани страни, остануваат непроменети.
Во изминатите денови беше спроведена стандардната административна постапка за техничкиот пренос на сите вработени во рамките на единственото правно лице. Од „Бучим“ истакнуваат дека преносот беше изведен континуирано, без какви било промени во работните места, правата или обврските на вработените. Статусот и сите бенефиции на вработените останаа непроменети. Техничкиот пренос не влијаеше врз работните процеси, ниту врз редовното извршување на обврските.
„Присоединувањето на ‘Боров Дол’ кон ‘Бучим’ ни овозможува да работиме како единствен систем во рамките на нашата групација, со зајакнати операции и повисок степен на координација. Ова претставува значаен чекор кон модернизација, континуирано подобрување и понатамошно унапредување на одржливото рударство во регионот“, изјави Ивица Карапетров, заменик-генерален директор на „Бучим“.
Со новата интегрирана структура рудникот „Бучим“ продолжува да гради стабилна, модерна и конкурентна компанија, подготвена за долгорочни предизвици и инвестициски планови.

