Економија
Божиновска во Брисел: Интеграцијата во европскиот пазар на електрична енергија – стратешка цел за Македонија
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, заедно со Националниот оператор на пазар на електрична енергија (МЕМО), учествуваше на второто издание на Форумот за интеграција на пазарот на електрична енергија – Taking Implicit Electricity Mar-ket Coupling Beyond EU Borders, што се одржа во Европскиот парламент во Брисел.
На панел-сесијата посветена на проширувањето на европскиот пазар на електрична енергија до 2026 година, министерката Сања Божиновска дебатираше со високи претставници од Европскиот парламент, ACER, регионалните берзи за електрична енергија и институции од Западен Балкан.
„Интеграцијата на македонскиот организиран пазар на електрична енергија во Единствениот европски пазар е од стратешко значење за државата. Министерството целосно го поддржува процесот што го спроведува МЕМО. Станува збор за сериозен влог – зголемена ликвидност на пазарот, поконкурентни цени и поголема сигурност на снабдување, што директно влијае на економската стабилност и предвидливост“, истакна министерката.
Дополнително, Божиновска посочи дека интеграцијата со европскиот пазар може да понуди заштита од финансиските ефекти на CBAM механизмот на ЕУ, што би значело значајна економска корист за македонските компании.
Во своето обраќање, министерката потсети дека процесот на пазарно поврзување започна уште во 2017 – 2018 година, а сега се наоѓа во деликатна фаза, каде што се работи на транспонирање на ЕУ-законодавството и имплементација на MCO IP (Планот за поврзување на пазарите) под надлежност на ACER (Агенција на Европската Унија за соработка на регулаторите за енергија).
„Поради неизвесностите околу влијанието на CBAM, императив беше поврзувањето на пазарите да се случи пред 2026 година. Иако веќе сме надвор од таа временска рамка, реално е да се стремиме кон поврзување помеѓу четвртиот квартал на 2026 и првиот квартал на 2027 година“ рече Божиновска, повикувајќи на засилена соработка меѓу ЕУ и земјите аспиранти за членство.
Во контекст на новата енергетска визија, министерката информираше дека минатата недела Собранието го усвои новиот, ЕУ-усогласен Закон за енергетика – со што се поставуваат темелите за модерен, чист и фер енергетски систем.
„Создавањето посебно Министерство за енергетика, како и новиот Закон, се доказ за сериозноста со која пристапуваме кон секторот. Законот значи повеќе обновливи извори, намалување на загуби, отворен пазар, и поголема улога за граѓаните како и производители и потрошувачи на енергија“, додаде министерката.
Во своето завршно обраќање, министерката Божиновска испрати порака до европските носители на одлуки:
„Да работиме заедно за забрзување на пазарното поврзување. Бенефитите се заеднички – од енергетска сигурност до економски раст. Само со засилена соработка можеме да изградиме стабилен, интегриран европски електро-енергетски систем кој ќе им користи на сите.“
Форумот во Брисел собра над 100 претставници од енергетски берзи, регулатори и институции од ЕУ и Западен Балкан, со цел обезбедување политичка и регулаторна поддршка за побрза интеграција на земјите од Енергетската заедница во Единствениот европски пазар на електрична енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

