Економија
Божиновска во Вруток: И покрај предизвиците Мавровскиот систем произведе 28% над планот
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети Хидроелектраната Вруток, во рамки на нејзините заложби за редовна проверка на сите енергетски капацитети во земјата. Оваа посета е дел од континуираните активности на Министерството за следење на состојбата на клучните енергетски објекти и подобрување на нивната ефикасност.
ХЕЦ Вруток, како најголема електрана во рамки на Мавровскиот хидроенергетски систем, игра стратешка улога во македонскиот електроенергетски систем. Со инсталирана моќност од 165,6 MW и просечно годишно производство од 350 GWh, Вруток е клучен фактор во обезбедувањето стабилност на снабдувањето со електрична енергија.

„Континуираниот надзор и инвестиции во хидроелектраните се суштински за енергетската безбедност на земјата. Нашата цел е да ја зголемиме ефикасноста, сигурноста и одржливоста на хидропотенцијалот што го имаме. Мавровскиот хидроенергетски систем е столбот на обновливото производство на електрична енергија во Македонија, и затоа е важно да се одржува со највисоки стандарди“, изјави министерката Божиновска.
И покрај предизвиците со ниската кота на Мавровското Езеро (2,74 m под нивото од 2023 г.), преку реорганизација и оптимално планирање, ХЕС „Маврово“ постигна производство од 493,27 милиони kWh во 2024 година – за 28% над планот. Ова придонесе за стабилно снабдување со енергија во земјата и задоволување на потребите во периоди на врвна потрошувачка.

Мавровскиот хидроенергетски систем, кој покрај ХЕЦ Вруток ги опфаќа и ХЕЦ Равен и ХЕЦ Врбен, со вкупна инсталирана моќност од 200 MW и годишно производство од околу 450 GWh, претставува еден од најголемите и најсложените во земјата. Водите што се влеваат во езерото се собираат од површина од над 500 километри квадратни од планининските масиви на Кораб и Шар Планина. Водата се пренесува со канали и цевководи долги над 130 километри. Со акумулација од 275 милиони кубни метри вода, овој систем е од критично значење за енергетската одржливост и балансирање на производството од обновливи извори
Во текот на посетата, министерката Божиновска се запозна со тековните активности за одржување и планираните инвестиции во модернизација на постројките. Во последните декади, системот беше предмет на три фази на ревитализација, со вкупна инвестиција од преку 60 милиони евра. Последната фаза од ревитализацијата, завршена во 2014 година, овозможи зголемување на инсталираната моќност за дополнителни 18,58 MW и годишното производство за 40 GWh. Дополнително, ревитализацијата придонесе за намалување на емисиите на CO₂ за 36.400 тони годишно.

Во наредните години, се планира реализација на третата фаза на ревитализација, Овие активности ќе осигурат продолжување на животниот век на објектите, зголемување на нивната сигурност и стабилност, како и дополнителни економски придобивки. Дополнителни приходи од околу 2,5 мил. евра од зголеменото производство и околу 2,5 мил. евра од системски балансни услуги.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи со стратегијата за развој на хидроенергијата, а во наредниот период се предвидени нови инвестиции за зголемување на ефикасноста на постоечките капацитети и подобрување на нивната стабилност. Со вакви активности, Министерството го потврдува својот фокус на енергетската транзиција и одржливо производство на електрична енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

