Економија
Бочварски во Брисел: Потребна е забрзана изградба на транспортните коридори и силна поддршка од ЕУ
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, престојува во работна посета во Брисел, каде што учествува на министерскиот Совет на транспортната заедница за Западен Балкан, чиј домаќин се Европската комисија и комесарката за транспорт, Адина-Јоана Вален.
На Советот се разговараше за напредокот на имплементацијата на акциските планови во делот на патниот и железничкиот транспорт, транспортното олеснување и подигнување на безбедноста на патиштата во земјите од Западен Балкан.
Во своето обраќање Бочварски ја потенцира стратешката определба на Владата за изградба на патниот и железничкиот Коридор 8, со посебен акцент на доизградбата на железничкиот крак Исток – Запад за постигнување на ТЕН-Т-стандардите на транспортната мрежа.
Тој го нотира Коридор 8 како значаен правец за регионалната интеграција и побара од Европската комисија тој да биде вметнат во единствениот европски коридор за Западен Балкан.
„Имајќи предвид дека и во железничкиот и во патниот Коридор 8 недостигаат делници што треба да се изградат, односно надградат, за да бидат на ниво на барањата на ТЕН-T-мрежата, ова бара време, но и огромни финансиски средства. Поддршката од ЕУ, поконкретно од Европската комисија, е суштинска. И во оваа пригода ја бараме вашата поддршка во реализирање на нашето барање за влез на нашите коридори во основната ТЕН-Т-мрежа, особено на западниот дел од Коридорот 8. Нотираме дека регионалната соработка во Западен Балкан е координирана и во однос на реализација за ТЕН-Т, Коридорот 8 е на високо ниво“, изјави Бочварски.
Како дел од акцискиот план, тој го истакна воспоставувањето сигурен и безбеден транспорт преку изготвениот нацрт-закон за формирање агенција за безбедност, како и воспоставувањето на интелигентниот транспортен систем на Коридорот 10. За таа цел, побара техничка и финансиска помош од Европската Унија.
„Исклучително би ценеле, доколку ни се овозможи, техничка помош за Агенцијата за безбедност за континуирана и одржлива поддршка во воспоставувањето и функционирањето на целокупниот систем за безбедност на патиштата во земјата на принципот на т.н. Safe system approach. Во исто време би сакал да потенцирам и за огромната потреба од финансиска поддршка во смисла на поголем пристап до грант-средства, особено за сложените регионални инфраструктурни проекти“, истакна Бочварски.
Во рамките на министерскиот Совет се потпиша и декларација за воспоставување поблиска соработка во транспортниот сектор меѓу ЕУ, земјите од Западен Балкан и Грузија, Молдавија и Украина како чекор понапред во развојот на меѓународниот транспорт во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

