Економија
Бочварски: Ги решаваме приоритетите на граѓаните, силно посветени на модернизација на националната патна инфраструктура
Остануваме силно посветени на нашата агенда во изградба на безбедна и модерна патна инфраструктура низ целата земја и од тоа не отстапуваме, потенцираше министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при денешната посета на неготинско Војшанци.
Министерот заедно со директорите на Јавните претпријатија за патишта, Рустеми и Ацевски и пратеничката Лолита Ристова, извршија увид во комплетната рехабилитација на патниот правец Неготино – Дуброво – Војшанци и притоа остварија средба и со локалното население.
Инвестицијата за рехабилитација на овој пат изнесува 75 милиони денари, средства обезбедени преку централната власт.
„Ме радува што денеска ги гледам жителите собрани во толкав број, тоа ми дава потврда дека нашите политики вродуваат со плод. Рехабилитацијата на овој патен правец беше големо барање на жителите од Дуброво и Војшанци и ние преку Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта обезбедивме 75 милиони денари за негова модернизација. Голема заслуга за целиот овој проект покрај директорите Рустеми и Ацевски, има и пратеничката Ристова, која беше во постојана комуникација со нас до негова целосна реализација. Во овој регион во тек е и реконструкцијата на автопатска делница Неготино – Демир Капија, инвестиција од 9 милиони евра, многу значаен проект за сите оние кои патуваат по Коридорот 10. Нашите активности продолжуваат во сите општини, модерна и безбедна патна мрежа останува наш примарен фокус“, изјави министерот Бочварски.

„Благодарност до министерот Бочварски и директорите Рустеми и Ацевски што имаа слух за барањата на жителите и го реконструираа овој многу значаен патен правец кој поврзува повеќе населени места. Поддршката од централната власт е добредојдена за целиот овој регион и очекувам да реализираме уште многу квалитетни проекти со кои дополнително ќе го подобриме квалтетот на живот на локалното население“, изјави пратеничката Ристова.
Директорите Рустеми и Ацевски истакнаа дека добрата соработка и комуникација помеѓу институциите е клучна во реализацијата на ваквите крупни проекти за граѓаните и нагласија дека градежната офанзива продолжува и во наредниот период.
Министерот Бочварски оствари и работна посета на локалната фабрика Интеркар Глобал, каде се сретна со заменик директорот Сефер Килич.
Претходно министерот Бочварски, заедно со директорите Рустеми и Ацевски и пратеничката Марија Костадинова, беа присутни во гевгелискиот регион каде извршија увид во рехабилитираниот патен правец кој го поврзува населено место Прдејци, со Коридорот 10.
Станува збор за инвестиција вредна 15 милиони денари, средства обезбедени од централната власт.
Министерството за транспорт и врски продолжува во реализација на инфраструктурната програма во изградба на квалитетна, модерна и безбедна патна мрежа низ целата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

