Економија
Бочварски до Арсовска: Да не се избрзува со запирање на проектот за брз автобуски превоз во Скопје
Верувам дека Градот Скопје и новата локална власт ќе ја променат одлуката за запирање на проектот за брз автобуски превоз (БРТ) после сознанијата кои ќе ги добијат за бенефитите од воведувањето на ваквиот превоз во Скопје, порача министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
„Ова е проект кој е планиран неколку години и согласно одлуките во Град Скопје е поднесено барање во Владата за изнаоѓање средства за финансиска поддршка за што се завршени постапките и се обезбедени средства, а и во Собранието е поминато и одобрено задолжувањето со кредит од 70 милиони евра преку ЕБРД. Проектот е одлично оценет од меѓународните експерти и со него се решава едно големо прашање. Затоа е добро да не се брза со таквите одлуки зашто носи многу бенефити, а и не видовме аргументи од другата страна зошто се запира проектот за брз автобуски превоз“, рече Бочварски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Тој информираше дека Предлог Буџетот на Министерството за транспорт и врски е проектиран на 11 милијарди и 865 милиони денари. За капитални проекти, предвидени се преку 91 процент или 10 милијарди и 885 милиони денари.
Со Буџетот се предвидува да се оствари високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на патната мрежа, железницата, гасификацијата и комуналната инфраструктура.
„Капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата кон Бугарија за што предвидовме 2,5 милијарди денари. Силен фокус даваме на доизградба на автопатските делници на Коридор 8 како и Коридор 10 за што предвидовме 6,1 милијарда денари. Продолжуваме со изградба на канализации и водоводи во општините за што вкупно инвестираме 836 милиони денари. Ги засилуваме активностите за изградба на локални улици и патишта, а во буџетот обезбедивме и 246 милиони денари за Град Скопје за изградба на инфраструктура за брз автобуски превоз низ градот. Планираме да распишеме нов јавен повик за финансиска поддршка на нови авиолинии со оглед дека договорот со авиокомпанијата „Визер“ истекува следната година”, истакна Бочварски.
Додаде дека се предвидени и 275 милиони денари за доизградба на двата магистрални гасоводи, а се очекува да се започне со постапката за изградба на интерконекторот со Грција како и завршување на проектите за магистралните гасоводи од Гостивар до Кичево и Велес – Свети Николе.
„Очекуваме најитно Собранието да го изгласа анексот за продолжување на изградба на автопатот Кичево-Охрид и градежните работи да се засилат со потребната динамика. Одобрени се 63 нови инфраструктурни проекти. Следната година ќе се заврши изградбата на експресниот пат од Штип до Радовиш како и експресниот пат од Крупиште до Кочани. Интензивно продолжуваме со изградба на експресниот пат од Градско кон Прилеп и од Ранковце до Крива Паланка.
Градежните работи на автопатот Скопје-Блаце се одвиваат со добра динамика, очекуваме во следната година првата фаза да биде пуштена за сообраќај, а исто така да биде распишана и постапката за избор на изведувач за втората фаза од село Блаце до аеродром Стенковец”, изјави Бочварски.
Тој додаде дека се предвидени 18 милиони денари за изработка на Урбанистички планови за општини кои немаат доволно средства за оваа намена, а во рамки на Декада на Ромите се обезбедуваат 20 милиони денари за проекти во општините со ромско население.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.
Економија
УЈП: Пилот фазата на е – фактура покажува конкретни резултати, најавени се 148 компании
Управата за јавни приходи информира дека пилот фазата на националниот систем за е-Фактура успешно се спроведува во реални услови и веќе покажува мерливи резултати кои ја потврдуваат активната подготoвка на деловната заедница за новиот модел на дигитално фактурирање.
До овој момент, за тестирањето се најавени 148 компании, од кои 57 успешно се регистрирани во системот. Од нив, 15 компании активно го користат системот и имаат креирано и доставено 1.115 е-фактури, при што 396 фактури се успешно верификувани преку платформата.
„Овие показатели ја потврдуваат функционалноста и стабилноста на решението во пилот фазата. Компаниите кои се приклучуваат во тестирањето обезбедуваат рана техничка подготвеност пред задолжителната примена на системот, директна поддршка при интеграција, како и можност преку своите повратни информации да придонесат кон финалното унапредување на функционалностите. Раното приклучување овозможува полесна адаптација на ERP и интерните ИТ системи, како и навремена подготовка за целосната имплементација“, велат од УЈП.
Управата за јавни приходи ги повикува ИТ компаниите, ERP провајдерите и економските оператори со сопствени ИТ решенија активно да се приклучат во пилот фазата, да го тестираат API интерфејсот и со своите повратни информации да придонесат кон создавањето на стабилен, сигурен и практичен систем за е-фактурирање кој ќе одговара на реалните потреби на бизнис-заедницата.
Корисни линкови за вклучување во тестирањето:
Техничка документација: https://efakturawiki.ujp.gov.mk
Регистрација и доделување привилегии: https://eujptest.ujp.gov.mk/ureg
Тест платформа: https://efakturatest.ujp.gov.mk
Сугестии и забелешки: [email protected]
„Aктивното учество на компаниите во пилот фазата претставува значаен чекор кон партнерско креирање на модерен, сигурен и ефикасен систем на дигитално фактурирање, кој ќе овозможи поедноставени деловни процеси, намалени административни трошоци и повисоко ниво на транспарентност во економските текови. Управата за јавни приходи ги охрабрува сите заинтересирани економски оператори навремено да се приклучат во тестирањето и да придонесат кон успешна национална имплементација и дополнително унапредување на системот додека сè уште е во тест фаза“, велат од УЈП.

